Култура
Македонската филхармонија ќе го отвори Охридско лето со ѕвездата Џулијан Рахлин
НУ Филхармонија на РСМ ќе учествува на годинешното свечено отворање на фестивалот Охридско лето.
На 12 јули во прекрасното здание на Античкиот театар во 21 часот, заедно со оркестарот на Филхармонијата, ќе настапи светската музичка ѕвезда, виолинистот Џулијан Рахлин, кој наедно ќе се претстави и како диригент. На програмата се познатиот Концерт за виолина и оркестар во e-moll оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон, како и класичната Увертира фантазија „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.
Џулијан Рахлин, инаку, првпат настапи со Македонската филхармонија во 2017 година, на божиќниот концерт, кој се одржа на 7 јануари напладне.
Виртуозот на виолина Џулијан Рахлин е музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристиансанд и прв гостин диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку. Над 30 години неговата кариера го носи на сите светски меридијани како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител. Снимките што критиката ги оценува како исклучителни престижните издавачки куќи „Дојче грамофон“, „Сони класикал“ и „Ворнер класикс“ ги издаваат на носачи на звук.
Рахлин е исто така и баран диригент во целиот свет. Во изминатите неколку сезони настапува со симфониските оркестри во Чикаго, Бирмингем, Виена, како и со Европскиот камерен оркестар, Кралската филхармонија во Лондон, Израелската филхармонија, филхармониските оркестри во Осло и Хелсинки, Кралската филхармонија во Ливерпул и Берлинскиот Концертхаус оркестар.
Осум децении непрекинато музицирање. Осум децении љубов, страст, неверојатна енергија, уметничка сплотеност. Осумдесет години поминати во прекрасни патешествија заедно со брилијантни музички умови – илјадници солисти и диригенти кои со себе донесоа илјадници дела од славните музички мајстори, подарувајќи нѝ различни емоции, креации, хармонии, мелодии, ритми. Годинава, Македонската филхармонија одбележува 80 години од постоењето под мотото – 80 години љубов. Ова е првиот и единствен симфониски оркестар во Република Северна Македонија, а со тоа и единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската музичка сцена. Во последните декади особено, институцијата го подмлади оркестарот и со тоа внесе нов елан и ентузијазам и силна желба за работа. Денес, звукот е издигнат на високо квалитативно скалило, а својата програма редовно ја збогатува со комплексни и нови, современи дела, кои се предизвик и за светските симфониски оркестри. Инвентивниот и креативен репертоар е во баланс со традиционалните музички вредности и токму тоа ја привлекува публиката, особено новите генерации на слушатели. Оркестарот е формиран на 24 ноември во 1944 година, по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје. На ул. „Крушовска“ бр. 27, во домот на композиторот Тодор Скаловски, еден од стожерите на македонската музичка култура, се одржал првиот состанок на група музичари со цел да формираат симфониски оркестар, да го формираат првиот Државен оркестар, да ги стават темелите на една голема културна институција, прва од таков вид во ослободена Македонија. Создавањето на Филхармонија во едно такво време-невреме е всушност револуција во духовната смисла на зборот. Од тие скромни почетоци, па сè до денес, во осумдецениското постоење, Филхармонијата остварила незаборавни концертни мигови исполнувајќи широк репертоар од светската класична музичка литература, како и светски премиери од современи автори, оживувајќи ги со особена гордост и делата на македонските музички творци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Сиљановска-Давкова прими претставници на Филхармонија по повод 80-годишнината од нејзиното основање
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на Националната установа Филхармонија по повод 80-годишнината од нејзиното основање.
На средбата на која присуствуваа Александар Котевски, в.д. директор, поранешните директорки Мелпомени Корнети и Маја Чаначевиќ, концерт-мајсторот Анна Кондратенко, концерт-мајсторот во пензија Румен Димитриев, како и Ангелина Димоска од Националната установа Филхармонија, претседателката Сиљановска Давкова честитајќи го големиот јубилеј, истакна дека оваа значајна културна институција како единствен постојан претставник на симфониското творештво на македонската музичка сцена, со својот богат и разновиден репертоар ја привлекува домашната и светската публика.
Претседателката оцени дека во изминативе години преку своите незаборавни концерти во земјава и ширум светот кои содржеле дела од светски класици, но и од македонски музички великани, Филхармонија градела свој специфичен имиџ по кој денес е препознатлива институција.
На средбата, претставниците на Филхармонија ја запознаа Претседателката со роденденската сезона насловена „Одисеја“ исполнета со настапи и изведби на врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци. Тие информираа и за програмската политика на оваа институција која содржи нова форма на изразување збогатена жанровски и естетски за различни профили на публика, а која вклучува и едукативни симфониски концерти за најмладите.
Култура
Повик за сите професионалци од креативниот сектор: Работни групи со предавачи од Британија на „Форум Скопје – Секторски консултации“
Во понеделник, на 25. ноември, во 13 часот во Јавна соба (Public Room), ќе се одржи „Форум Скопје – Секторски консултации“ – во организација на Министерството за култура и туризам, Британскиот Совет и Унијата на македонските професионални асоцијации во креативни индустрии – УМПАКИ.
За време на Форумот ќе бидат споделени увиди од експерти од Велика Британија, трендови и добри практики во однос на нивната креативна
економија, на што ќе следи фокусирана дискусија за издвојување на 10 приоритети за овој сектор во Македонија. Креативните професионалци ќе
дискутираат со своите колеги на следниве теми:
• Градење нов идентитет преку големи културни настани;
• Зајакнување на комуникацијата во секторот (градење мрежа);
• Образование за креативни кариери;
• Подобрување на условите за креативна продукција;
Се канат сите професионалци од Македонија да се приклучат и да дадат придонес во работните групи во рамки на Форумот. Сите заинтересирани да се регистрираат на овој линк: https://bit.ly/skopje-forum-apply-now
На „Форум Скопје – Секторски консултации“, учество ќе земат еминентни дејци од оваа област во Британија, кои беа селектирани од страна на the Beyond Conference, – водечка платформа за креативни индустрии.
Енди Брајдон e основач на меѓународната уметничка организација Curated Place. Тој е обучен антрополог чија специјалност е културно позиционирање на ниво на град, на регион и на хипер-локално ниво. Тој е признат и искусен културен стратег, директор на фестивали и големи настани, едукатор како и уметнички продуцент. Има освоено престижни национални награди во Англија иШкотска. Неговото огромно искуство придонело да ги трансформира местата преку културни настани и перформанси во соработка со тимови за развој на град, визуелни и дигитални уметници, композитори, перформери и музичари. Покрај него во Скопје доаѓа и Сузан Финеган, комерцијален директор на секторот култура во Ливерпул, која има над 20 годишно искуство во менаџмент на настани, стратегија на дестинација, и бренд активација. Таа е дел од тимот кој стои зад успехот на Ливерпул – град на културата во 2008 година и Ливерпул – домаќин на Евровизија во 2023. Нејзината работа е признаена и преку низа национални награди и признанија.
Северна Македонија
Покрај овие искусни професионалци во рамки на „Форумoт за креативни индустрии“, доаѓаат и: Хејли Пеплер, Раководител на Култура, Креативни
индустрии и дигитална патоказна стратегија – West Midlands Combined Authority, како и Лејла Конвеј, Раководител на образование, кариера и
вклучување на младите – London Legacy Development Corporation.
Култура
Black Friday во „Литература.мк“ со сериозно големи попусти до 90 отсто
Магијата на Black Friday пристигна во книжарниците на „Литература.мк“!
Во рамките на големиот шопинг-настан Black Friday (Блек фрајдеј), од денеска (22 ноември), па сѐ до 1 декември, во „Литература.мк“ ќе има сериозно големи попусти, дури и до 90%!
На попуст од 70% се бестселери, мотивациски книги, современи класици, биографии и книги за деца и млади од издавачките куќи „Арс Ламина“, „Култура“, „Полица“, „Бата прес“ и „Сакам книги“, „Антолог“ и „Три“.
До 90% намалување има на дел од гифт-програмата, на играчки, едукативни материјали, друштвени игри, украси за домот и канцеларијата, подароци, колекционерски производи, куфери и друго. Станува збор за селекција на производи од престижни интернационални брендови, како: Lego, Baci Milano, Ferrari, Scooterice, Clementoni, Fundamental, BG Berlin, PBM express, Abysse, Erik, Cerda, One collection, Cogo, CV Cristal, Alessi, 4М, Lexon, Italeri, Manopulos, SOL expert group, Matador и Hanipol.
Попустите важат во сите книжарници на „Литература.мк“ (на ул. „Македонија“, во „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, „Дајмонд мол“, ТЦ „Буњаковец“, Битола и Струмица), како и за онлајн-нарачките преку www.literatura.mk.
Со оваа акција се овозможува навреме да си обезбедите новогодишни подароци, но и да го дополните својот дом со нови книги и уникатни производи по супер намалени цени!
Каталогот со попустите можете да го разгледате на следниот ЛИНК.