Култура
Македонска музика со пијанистот Дино Имери ќе ечи во Лондон

Македонскиот пијанист Дино Имери, на 25 октомври (среда), ќе настапи во еден од најважните културни центри во светот – Лондон, каде што во Кралскиот колеџ за музика (Royal College of Music) ќе одржи концерт со мошне интересна програма.
Дино Имери ќе настапи како солист на пијано, но и заедно со хрватскиот повеќенаградуван пијанист Ведран Јањанин. Ќе бидат изведени дела од Густав Холст („Јупитер“ од циклусот „Планети“), Сергеј Рахманинов („Суита за две пијана бр. 2“), Витолд Лутославски („Варијации на тема од Паганини“ за две пијана), Дамир Имери („Пајдушко“ за пијано за 4 раце и „Себез Донка“), Дино Имери (обработка на „Јас те пратив на вода, Калино“) и Дијана Имери-Илкоска („Корени“).
Овој настан е поддржан од македонското Министерство за култура, а го организира Амбасадата на РСМ во Лондон. Станува збор, всушност, за мошне значаен меѓународен проект, а повод е големиот јубилеј – 30 години билатерални односи меѓу РС Македонија и Велика Британија. На настанот ќе присуствуваат и претставници на дипломатскиот кор во Британија, а македонската делегација ќе ја предводи министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„Концертот во Лондон е од огромно значење за мојата пијанистичка кариера. Навистина не е лесно да се стигне до настап во оваа метропола, но гледајќи ја мојата досегашна работа, мислам дека се случува во вистинско време. Клучен момент е секако промоцијата на македонската музика, рамо до рамо со дела од светската литература. Се чувствувам спремно да се справам со големата одговорност бидејќи не е мала работа да ја претставувате културата на една држава на еден ваков свечен настан во еден од најголемите културни центри во светот“, вели Имери.
Диригентката и композиторка Дијана Имери-Илкоска за изведбата на своето дело во Лондон вели: „Ми претставува огромна чест што и мојата композиција ‘Корени’ ќе прозвучи во прекрасната сала во Лондон, а специјално за овој настан создадов нов аранжман за пијано. Особено за мене е важен поводот – одбележување три децении дипломатски односи меѓу Македонија и Велика Британија“.
По концертот во Лондон, пијанистот Имери до крајот на годината ќе одржи уште неколку интересни концерти во Загреб, Ленгерих и во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.