Култура
Македонски филмови во словенечка кинотека од 14 до 18 септември
Од 14 до 18 септември 2022 година, во киното на Словенечката кинотека во Љубљана, Словенија, Кинотеката на Македонија ќе претстави избор од филмски наслови од домашната кинематографија. Изборот вклучува неми филмови од почетокот на кинематографијата на Балканот, потоа етнографски документарни, како и играни и анимирани филмови.
Ревијата „Денови на македонскиот филм“ ќе почне со целокупната колекција на филмовите на браќата Манаки, дигитално реставрирани во 2013 година во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Селекцијата е составена од снимки на разни активности од секојдневието, народни игри, пазари, панаѓури, како и приказ на бројни манифестации, настани и славни личности од културно-политичкиот живот во тоа време, како што се посетите на турскиот султан Мехмет V Решад, српскиот принц Александар Караѓорѓевиќ.
Една од најинтересните и оригинални презентации на оваа ретроспектива ќе биде изборот на македонски етнографски филмови, селекција од 8 документарни филмови во кои се прикажани разни обичаи и етнографски елементи од Македонија и етничките, односно религиски групи кои живееле во минатото. Во рамките на овој дел ќе бидат прикажани филмовите „Дервиши“, во режија на Ацо Петровски, во кој се прикажуваат обредите на дервишката секта Руфаи. Потоа следуваат филмовите: „Ѓурѓовденските обичаи“ во режија на Благоја Дрнков, посветен на прославата на празникот Ѓурѓовден во селото Булачани од Скопска Црна Гора, како и 3 филмови по сценарио на Вера Кличкова, пионер во визуелната етнологија во земјава, која твори во шеесеттите години на минатиот век, било како соработник, сценарист, но и режисер. Тоа се филмовите„Азот“ и „Велигденски обичаи“ во режија на Ацо Петровски и сценарио на Вера Кличкова, и „Рибарството во Катлановско Езеро“, во режија и сценарио на самата Кличкова. Во оваа група се вклучени и „Дае“ на Столе Попов (првиот македонски филм номиниран за Оскар), „Галичка свадба“ во режија на Ацо Петровски и „Довикување на пролетта“ во режија на Трајче Попов, а посветен на дервишкиот обичај на довикувањето на пролетта од дервишката секта во во Призренското теќе.
Покрај етнолошките, ретроспективата ќе вклучи и селекција на македонски анимирани филмови, од почетокот на појавата на македонската анимација, па сè до денес. Ќе бидат прикажани филмовите „Адам (5 до 12)“ и „Ембрио Но.М“ во режија на Петар Глигоровски, „Водач“ на Бранко Ранитовиќ, „Отпор“ на Боро Пејчинов, „Рака“ и „Пецко – Голем нос“ на Дарко Марковиќ, „Хомо Екраникус“ на Делчо Михајлов и „Црно Знаме“ во режија на Мирослав Грчев, како и два анимирани филмови од поновата македонска анимација – „Кружното патување на Марето“ на Жарко Иванов и „Готлиб“ во режија на Крсте Господиновски.
Македонскиот игран филм ќе биде претставен со долгометражниот „Илузија“ во режија на Светозар Ристовски, во оваа ревија специјално наменет за младата публика и играниот филм „Време без војна“ во режија на Бранко Гапо, како македонски претставник на таканаречениот „Црн бран“ на југословенскиот филм.
Ретроспективата ќе биде заокружена со најуспешниот македонски документарен филм – носителот на две номинации за Оскар – филмот „Медена Земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубо Стефанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

