Култура
Мариово и Трескавец во петте финалисти за наградата за најдобра филмска локација
Агенцијата за филм од денеска ќе биде присутна во рамки на виртуелното издание на Европскиот филмски маркет, кој се одржува во период од 1 до 5 март. Оваа година поради пандемијата, значајниот европски филмски маркет на кој присуствуваат голем број европски и светски филмски имиња се одвива во виртуелен формат.
Оваа година Агенцијата за филм закупи дигитален простор наменет за промоција на македонската кинематографија. На својот промотивен профил вклучени се информации за институцијата, но и она што може да го очекуваме во периодот што следи а се однесува на најновите остварувања кои во моментов се во завршна фаза на реализација.
Ова претставува одлична можност за поголема видливост на македонскиот филм и можност за остварување контакти и потенцијални соработки важни за развој на дејноста.
Меѓу другото, како дел од активностите во кои Агенцијата за филм зема учество, а се одржуваат во соработка со филмскиот маркет е и претставувањето на нашата млада ѕвезда Сара Климоска, која е дел од иницијативата Shooting Stars во организација на European Film Promotion. Активностите за промоција на 10-те млади европски таленти опфатија бројни интервјуа со медиуми, како и можности младите таленти да бидат претставени пред кастинг-директори и филмски професионалци. Како еден од поддржувачите на Shooting Stars 2021 e и Агенцијата за филм која воедно го номинира македонскиот кандидат за оваа награда за која земјите членки на EFP (37 на број) имаат можност да предложат по еден кандидат, а само 10 ѕвезди ја имаат привилегијата да бидат добитници на истата.
Европската мрежа на филмски комисии (EUFCN) кој е партнер на Европскиот филмски маркет, по четврти пат доделуванаграда за најдобра филмска локација (“Location award”), за локации кои се појавуваат во филмови од изминатата година. Ова е една до најважните награди за промоција на атрактивни локации за снимање на филмови. Како долгогодишна членка на Европската мрежа на филмски комисии, Агенцијата за филм за изминатата година го пријави прилепскиот регион, односно Мариово и Трескавец, атрактивните локации кои се појавуваат во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски. Од вкупно 28 апликации, С Македонија се наоѓа меѓу петте финалисти од Словачка, Германија, Италија и Литванија.
Ова е втора година по ред како нашата земја е дел од финалистите, по минатогодишната номинација на локацијата каде е снимена „Медена земја“.
На 2 март ќе се одржи програмскиот дел на Европскиот филмски маркет каде што продуцентите ќе имаат можност да ги претстават своите локации, виртуелно да разменат искуства и да се запознаат меѓу себе, а на крајот следи и доделувањето на Location Award.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

