Култура
Наум Доксевски, кинематографер на „Домаќинство за почетници“: Со Горан бевме согласни дека најважно е да ја доловиме емоцијата на платното

На денешната прес –конференција екипата на филмот „Домаќинство за почетници“, кој беше прикажан на свеченото отворање на 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ проговори за текот на снимањето, раѓањето на идејата за филмот, соработката на снимањето, кастингот…
Марија Димитрова, продуцентката на филмот рече дека за неа било предизвик да се работи на него бидејќи со Горан Столевски и со останатите копродуценти на филмот се бореле да ги добијат најдобрите автори.
-Работевме со извонредни автори, извонредна актерска и техничка екипа и се водевме од тоа како Горан го замислува филмот, а потоа што треба да испорачаме кон фондовите. Мислам дека завршивме одлична работа, рече Димитрова и посочи дека филмотќе се прикажува на фестивалите во Будан и во Лондон.
Благоја Куновски Доре посочи дека Столевски и Доксевски веќе успешно функционираат како тандем и дека добро соработуваат со интернационална актерска екипа.
-Атмосферата која владееше на снимањето уште од првите сцени беше спонтана и релаксирана, актерите се движеа слободно, многупати и не знаеја каде се наоѓа Наум додека снима, но беа уверени дека што и да прават, тоа ќе биде уловено од неговата камера. Токму во тоа е мајсторството на Доксевски. Целата слика на амбиентот во кој снимавме наликуваше на делата на Караваџо и делуваше филмично и пред да почнеме да снимаме. Не може да постои таква семејна атмосфера пред камерата доколку не постои зад камерата, рече Столевски на денешната прес конференција.
Селекторот на главната селекција, Слаѓан Пенев и се заблагодари на целата екипа за филмот кој придонесе за прекрасното отворање на Фестивалот и посочи дека чувството кај гледачот додека го следи филмот е како да е и самиот внатре, во дејствието.
-Многу лесно се разбиравме со Горан. Се што тој ќе посочеше дека сака да постигне, се фаќав дека и јас истото сум го помислил во тоа време и сега од оваа дистанца дури ми изгледа чудно сето тоа. Бевме согласни дека треба едноставно да ја зграпчиме емоцијата која е најважна да ја доловиме на платното. Идејата беше да имаме еден натурален пристап и да претставиме атмосфера која нема да создава бариера меѓу гледачот и дејствието. Темпото на работа беше динамично и брзо, но го прифативме бидејќи мислевме дека тому таа енергија ќе се почувствува на платното, рече кинематограферот Наум Доксевски.
Филмот се снимаше минатата година во Скопје, а улогите ги толкуваат: Сара Климоска, романските актерки Ана Марија Маринка и Алина Шербан, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа, Џада Селим, Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово, но и други професионални и непрофесионални актери од Македонија.
Селекторот Пенев рече дека Самсон, Ајше и Џада извонредно ги одиграле улогите, а самите актери потврдија дека имале прекрасна атмосфера, функционирале како семејство и за нив ова е незаборавно искуство.
-Трет пат соработувам со Горан Столевски и мислам дека тој навистина умее да го извади од актерот најинтуитивното, да не создава лажен свет на сетот, туку не пушта сами да се забавуваме и да играме. И тогаш глумците се најдобри, изјави Сара Климоска. Роза Трајческа-Ристовска е костимографка, Александара Чевреска е арт директорка, Горан Игњатовски е маскер. Ана Жежничек од Полска е сценографка, Леонора Мехмети Хоџа од Косово е дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска се композитори, Зоран Максимовиќ од Србија е снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија е дизајнерка на звук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ја поддржуваме креативноста која носи промени и е двигател на економијата

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот меѓународен форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“ нагласи дека Министерството за култура, институционално го поддржува развојот на креативните индустрии, а културата, чии потенцијали се огромни и универзални, сакаме да биде двигател на новите процеси и фактор за одржлив развој.
−Kреативноста, иновативноста и оригиналноста се „тројство“ што културата ја издигнува на пиедесталот во новата, наречена и „портокалова економија“, рече Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека креативноста прераснува во голем двигател кој ѝ дава насока на сегашната турбулентна и непредвидлива економија на која и се неопходни промени.
− Според бројни релевантни истражувања, носители на тие промени се токму креативните луѓе. Затоа вложувањето во нив е императив, порака на која мора да се одговори, порача министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска нагласи дека Владата и Министерството за култура не само што ја препознаа големата улога на креативните индустрии, туку силно и конкретно ги поддржуваат. Таа информираше дека Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии, за што рече дека е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија.
Меѓудругото, Костадиновска-Стојчевска потсети дека креативните и културните индустрии се опфатени и во Националната стратегија за развој на културата, како и со новиот предлог Закон за култура, со кој се менува начинот на дефинирање, поддршка и финансирање на културата, се редефинираат дејностите во културата заради пошироко сфаќање на културата, а со тоа и воведување на нови културни дејности од областа на креативните индустрии.
На меѓународниот форум, министерката за култура нагласи дека реализацијата на овој настан е еден од приоритетите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а развојот на културните и креативните индустрии стана приоритет и на Европската Унија која своите стратешки политики сè повеќе ги насочува во полза на културното и креативното претприемништво.
Меѓународниот форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“, кој се реализира заедно со Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии- УМПАКИ, е трето продолжение на форумите од изминатите две години кои се фокусираа на културното и креативното претприемништво како и на женското претприемништво во креативните индустрии и влијанието врз економијата. На форумот учествуваат домашни и странски учесници ( особено од земјите од Југоисточна Европа), професионалци и организации, креатори на политики и владини претставници.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот културен сектор има потенцијал да придонесе во растот на домашната економија

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на маргините на третиот меѓународен форум на креативни индустрии оствари средба со Филип Керн, директор и основач на КЕА за европски прашања – Брисел, и Мартин Каф, советникот за креативни индустрии и туризам на премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ.
На состанокот беше разговарано за важноста на креативните индустрии, нивниот одржлив развој и придонесот што го имаат во домашната економија.
Министерката за култура посочи дека се прават важни чекори за афирмација и вистинска валоризација на потенцијалот на секторот креативни индустрии, преку кој не само што ги зајакнуваме културата и уметноста туку и индустријата.
„Креативните индустрии се значаен дел и од стратегијата на Министерството за култура, а со новиот Закон за јавен интерес во културата, со кој се менува начинот на дефинирање, поддршка и финансирање на културата, воведуваме и нови културни дејности од областа на креативните индустрии“, рече Костадиновска-Стојчевска на средбата.
Керн и Каф укажаа дека препознаени се посветеноста и активноста на Министерството за култура за промоција на важноста на креативните индустрии како најмоќно економско оружје давајќи целосна поддршка за развој на креативните индустрии на разни нивоа.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска со свое обраќање го отвори меѓународниот форум на креативни индустрии на тема: „Одржливо претприемаштво во креативните индустрии“, во организација на Унијата на македонските професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ, Скопје.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура и официјално станува дел од „Културните патеки“ на светите Кирил и Методиј

Македонската култура, за прв пат станува дел од европскиот проект, „Културните рути“ на Советот на Европа. На последното Генералното Собрание на асоцијацијата, беa прифатени апликациите на Институтот за македонска литература од Скопје и на Јавната научна установа Институт за старословенска култура-Прилеп. Беше донесена одлука дека почнувајќи од 1 декември годинава, овие две значајни установи стануваат полноправни членки на „Културната рута на св.Кирил и Методиј“.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска поздравувајќи го изборот, вели: „Ние сме и сакаме да бидеме и чувари и градители на европските вредности. Преку нашето учество на Културните рути на св. Кирил и Методиј, ја отвораме нашата земја за да ја надополниме богатата европска историја. Препознавајќи се на оваа културна рута и ние како држава, која високо ги уважува и достојно го чува споменот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, се впишуваме на овој пат преку кој сакаме и ние да ги афирмираме и да ги збогатиме сознанијата за европските културни идентитети“.
Културната рута „Кирил и Методиј“ се протега низ историски поврзани места од животот и мисијата на светите Кирил и Методиј, каде што патниците можат да сведочат на значајни остатоци и денес. Членки на оваа културна рута, освен Северна Македонија се и: Бугарија, Чешка, Грција, Унгарија, Словачка, Словенија, Италија и Хрватска.
Костадиновска-Стојчевска потсетува дека на нејзиното минатогодишно учество на свечената церемонија на Форумот на Културните рути на Советот на Европа, кој се одржа на Крит, таа го изрази и нашиот интерес за вклучување во Културната патека на браќата Кирил и Методиј.
Министерката за култура изразува задоволство што Северна Македонија станува дел и од оваа значајна иницијатива, и додаде дека поврзувањето на фактите, на видливите сведоштва низ Културните рути на Советот на Европа, го гледаме и како можност за развивање на интеркултурниот дијалог и разбирање одблизу на историјата на Европа.
Костадиновска-Стојчевска најавува дека нашата држава ќе аплицира и за вклучување и во други „Културни рути“, кои како што нагласува овозможуваат богатство на слободни и едукативни активности за сите граѓани на Европа и, меѓу другото, се клучни ресурси за одржлив развој на културниот туризам.
Досега, преку неколку компании, нашата држава беше дел од Рутата на маслиновите дрва и Винската рута, Итер Витис, а од минатата година, Северна Македонија официјално пристапи кон Проширениот парцијален договор за Културните рути на Советот на Европа (ЕПА).
Иницијативата Културни рути на Советот на Европа, која е поттикната пред 35 години има цел да го претстави заедничкото културно наследство, за подобро разбирање на европскиот културен идентитет и за обликување заеднички културен простор.