Култура
Објавувањето на номинациите за „Оскар“ одложено поради разорните пожари во Лос Анџелес

Пожарите што беснеат во Калифорнија ја погодија и филмската заедница, а голем број настани, како што се објавувањето на номинациите за „Оскар“ и наградите за избор на критичарите, беа одложени поради катастрофата.
Американската академија за филмски уметности и науки соопшти дека објавувањето на номинациите за 97. доделување на наградите „Оскар“ ќе се одложи за два дена поради катастрофалните пожари, кои ја зафатија областа Лос Анџелес.
Според официјалното соопштение на Академијата, гласањето за номинации, кое почна на 8 јануари, е продолжено до 14 јануари. Објавувањето на номинациите, првично планирано за 17 јануари, е одложено за 19 јануари. Самата церемонија на „Оскарите“, чиј водител е Конан О’Брајан, сè уште е закажана за 2 март 2025 година.
Пожарите исто така резултираа со откажување на гала-ручекот на наградите АФИ и настанот за чајна забава БАФТА. Откажани се и премиерите на филмовите Unstoppable и Wolf Man, како и премиерите на Better Man и The Pitt. Доделувањето на наградите „Критикс чоис“ е одложено од 12 јануари на 26 јануари поради новонастанатата ситуација.
Пожарите што ја зафатија областа Лос Анџелес се покажаа како исклучително деструктивни. Според последните извештаи, потврдени се пет смртни случаи, а повеќе од 1.100 дома се уништени. Од речиси 10.000 члена на Академијата, приближно 6.000 живеат во јужна Калифорнија, што го објаснува значителното влијание на оваа катастрофа врз филмската заедница.
Бил Крамер, извршен директор на Академијата за филмски уметности и науки, изрази длабока загриженост: „Сакаме да им изразиме длабоко сочувство на сите оние што се погодени од разорните пожари во јужна Калифорнија. Многу од нашите членови и колеги од индустријата живеат и работат во областа Лос Анџелес и нашите мисли се со нив“.
Како одговор на кризната состојба, Академијата воведе неколку алтернативни решенија. Виртуелните состаноци ги заменија откажаните презентации во живо, сите филмови од потесниот избор станаа достапни преку Собата за прикажување на Академијата (ASR), а меѓународните филмови продолжуваат да се прикажуваат според планираното во Њујорк и Лондон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на ФИН Проект и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.
Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.
Култура
Концерт на Дони Мекаслин и националниот џез-оркестар

На 14 јули 2025 година, со почеток во 21:00 часот, во Македонскиот народен театар, љубителите на џезот ќе имаат можност да присуствуваат на извонреден концерт, заеднички настап на еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Името на Дони МекКаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21 век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму МекКаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.
New York Times за еден негов концерт напиша: „Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).