Култура
Отворање на Годишната изложба на ДЛУМ во Мала станица
Друштвото на ликовни уметници на Македонија вечерва со почеток во 19 часот ќе ја отвори Годишната изложба на своите членови во Националната галерија, објект Мала станица.
„Несомнено дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставуваа голем културен настан во нашата средина. Затоа тие изложби се значајна состојка од летописот на нашата ликовна уметност. Еден аргумент е непобитен: дека нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година, па сè до денес. Друштвото за да ја задоволи желбата на сите членови еднаш годишно да ги изложат своите дела на заеднички настап, без критериумот на селективност ја организира оваа ревијална изложба. Впрочем, на тој начин се враќа една убава пракса, кога секој уметник, член на ДЛУМ всушност станува арбитар за себеси, а истовремено ја презема и целата одговорност и ризик на излагањето. Тоа секако ја зголемува самокритичноста, таа врвна доблест на старите мајстори“, велат од ДЛУМ.
Оваа година на Годишната изложба учествуваа 57 автори, членови на ДЛУМ, кои се претставија во категориите сликарство, скулптура, графика и нови медиуми.
Како и во минатото така и оваа година Друштвото на ликовни уметници на Македонија додели неколку награди, и тоа награда за сликарство на Мирослава Микица Трујкановиќ за делото со наслов „Молитвеник за сите“, награда за скулптура на Слободан Милошески за делото со наслов „Запознавајќи се себеси“ и награда за нови медиуми на Ана Ивановска за делото со наслов „Без здив“.
Изложбата е финасирана од Министерство за култура и Град Скопје и се организира во соработка со Национална галерија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

