Култура
Отворена поставка на дела од Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото во КИЦ „Битола“

Со синоќешното отворање на поставката на дел од творечкиот опус во КИЦ „Битола“, на познатиот битолски и македонски ликовен уметник Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, со наслов „Симболи и нови контексти – графичкото творештво на инспирација за екфрастичка поезија“, се реализира една благородна иницијатива за трајно отстапување и поставување дела од овој голем и признат македонски графичар во поставка што ќе биде достапна за јавноста.
Благодарение на отвореноста на неговата сопруга Верица Чулаковска, која се јавува и како куратор на изложбата, КИЦ „Битола“, со поддршка на Министерство за култура, го реализира овој проект од национално значење.
Ова воедно претставува и гест на паметење и почит на уметникот, кој е по потекло од Битола, иако неговите дела ги украсуваат галериите на речиси сите светски метрополи. На отворањето присутни беа ликовни уметници, некои негови ученици, членовите на Битолскиот книжевен круг, кои инспирирани од едлата на Ѓото создадоа поезија, како и многубројни гости.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Отворен театарскиот фестивал Денови на комедија Куманово

Вчера вечер во Центар за култура Трајко Прокопиев Куманово беше отворен 26 по ред Меѓународен театарски фестивал Денови на комедија Куманово.
На отворањето на фестивалот му беше доделена наградата Васил Иљоски на режисерот и актерот Коле Ангеловски, награда која е востановена последниве две години и се доделува за особен придонес во театрската уметност, посебно во делот на комедиографијата.
На отворањето во препоплната сала на Центар за култура беше изиграна претставата Синиот портокал од Театар Велес.
Инаку на Фестивалот оваа година ќе има десет театарски претстави со театри од Македонија, Хрватска, Бугарија и Србија, а фестивалот има востановено и награди за најдобра актерка, најдобар актер, најдобра режија, најдобра споредна улога, најдобра сценографија, најдобра костимографија и најдобра претстава.
Култура
Скопски поетски фестивал продолжува со интерационално поетско читање

Вечерва, со почеток во 20 часот, во рамки на третото издание на Скопскиот поетски фестивал, ќе се одржи интернационалното поетско читање на кое ќе настапат Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта), Лана Деркач (Хрватска), Мартин Глаз Серуп (Данска), Драгослав Дедовиќ (Србија), Ален Брлек (Хрватска) и Николина Андова Шопова. По што следува соло концерт на гитара на Александар Бошков, со што ќе биде затворена програмата.
Последниот фестивалски ден ќе започе со неколку настани по следниов редослед: час по утринска јога со поетска медитација воден од Марија Георгиева, што започна во 09:30 часот во Паркот на франкофонијата.
Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје со почеток од 11:00 часот ќе се одржи настанот Оut & About: панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство преку преводи и учество на книжевни фестивали. Искуствата ќе споделат Тодорче Тасевски (директор на „Струшките вечери на поезијата“), Владимир Јанковски (уредник на издавачката куќа „Готен“), Дејан Трајковски (директор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“), Билјана Црвенковска (преведувана авторка и уредник на издавачката куќа „Чудна шума“) и Петар Андоновски (преведуван автор).
Потоа, во 18:00 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, ќе се одржи промоција на „Избор из савремене македонске поезије“, приредила и препеала на српски – Валентина Бакти. Промоцијата ќе се состои од поетски перформанс и кус разговор со преведувачката и со Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, а со поетско читање ќе настапат и дел од застапените поети во изданието. Во рамки на проектот ќе биде отворена и изложба на фотографии од Радмила Ванкоска (портрети на поетите застапени во изданието). Потем од 19:00 часот ќе бидат емитувани неколку куси поетски филмови, еден режиран од Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур (Србија) и омнибус четири анимирани филмови НЕБИДНИНА, посветени на поезијата на Ацо Шопов, во режија на Жарко Иванов, Крсте Господиновски, Иван Ивановски и Владимир Лукаш.
Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), Данската фондација за уметност, ПНВ Публикации и „Бест Вестерн Хотел Турист“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а медиумски партнер е „Култура Бета“.
Култура
Две изложби во МКЦ во рамки на Бела Ноќ 2023

Во рамките на настанот Бела Ноќ 2023, во ЈУ Младински културен центар ќе бидат отворени две ликовни изложби со наслов “MALEFICIUM VISÜA”, на уметникот под псевдонимот NCHRONAX и изложбата “TO EXCITER”, на уметникот Лука Кекиќ.
MALEFICIUM VISÜA Акт I претставува краток визуелен приказ, фузија на 3Д анимација и филм. Инсталацијата се занимава со создавање на нов свет и експлорација на научно фантастичните опкружувања во универзумот на NCHRONAX.
Уметникот под псевдонимот NCHRONAX е роден во Скопје, 2002. Тој е визуелен артист кој ја проучува тематиката на научната фантастика. Во неговите творештва тој вметнува елементи од разни уметнички периоди низ историјата. Претежно прави фузија на научната фантастика и ренесансата, давајќи неконвенционален изглед и визуелна провокативност на неговите дела.
TO EXCITER е проект на дигитална фотографија од Лука Кекиќ, кој ја симболизира неговата потреба за нова перспектива и неговото истражување на актуелниот свет. Изложбата е составена од фотографии чии визуелен стил е концентриран околу улична фотографија и флорална фотографија, во негативни и термички ефекти.
Лука Кекиќ е 22-годишен аматер фотограф и љубител на визуелните уметности. Неговиот визуелен стил се развива додека црпи инспирација од неразвиениот аналоген филм во негатив. Тој го развива својот визуелно невообичаен стил на фотографирање, инкорпорирајќи негативни и термички ефекти во неговата работа. Кекиќ досега имал три индивидуални изложби на дигитална фотографија.
Изложбата е дел од програмата Бела Ноќ. Отворањето е закажано на 30 септември (сабота) во 20 часот во Галеријата 2 на МКЦ. Настанот е дел од програмата “Скопје – Европска престолнина на културата” 2028.