Култура
Петти Медиумски фестивал Скопје, годинава со фокус на жените во медиумите
Петтото издание на Медиумскиот фестивал Скопје почнува утревечер (5 октомври) во 20 часот, со дискусија посветена на годинешната фестивалска тема „Жените во медиумите“. Истражувачката новинарка Сане Терлинген од Холандија и Елиса Муњос, раководителката на Меѓународната медиумска фондација на жените (IWMF) ќе разговараат за позицијата на жените во медиумската сфера и предизвиците со кои се соочуваат новинарките денес. Богатата фестивалска програма ќе биде презентирана онлајн на фејсбук-страниците на ПИНА и МФС, а македонската публика ќе има можност да проследи и низа филмски остварувања кои преку фестивалската платформа на Cinesquare.net на CutAway и сајтот mfs.mk ќе бидат достапни за времетраењето на Медиумскиот фестивал Скопје, од 5 до 8 октомври 2021 година, како и неколку дена по завршувањето на фестивалот.
Фестивалот што почна како Истражувачки филмски фестивал Скопје годинава прерасна во Медиумски фестивал Скопје за да вклучи што повеќе теми од променливиот свет на современите медиуми. Годинешната програма повторно вклучува бројни говорници од земјава и странство, а содржи и разни дискусии, работилници и интересна филмска програма.
„Жените во медиумите“ е издание посветено на предизвиците и успесите на жените новинарки и филмаџики, тема која организаторките од ПИНА нагласуваат дека е логичен избор за овој мал фестивалски јубилеј. Од самиот почеток пред четири години организацијата ПИНА се фокусира на теми поврзани со претставувањето на жените во медиумите, како и позицијата на жените кои работат во медиумската сфера, а како организација нуди и менторски програми за обука на новите генерации новинарки. Во духот на водечката фестивалска тема ќе се анализираат повеќе аспекти поврзани со локалната новинарска сфера, со новинарки од домашната медиумска сцена, а ќе гостуваат и интересни говорнички од повеќе земји.
Публиката ќе може да проследи работилница за продуцирање поткасти каде Сузане Клингнер (Германија) ќе ги воведе учесниците во основните правила за успешен аудиопроизвод за современиот пазар, а работилницата, како и останатите фестивалски настани е бесплатна за публиката.
На Медиумскиот фестивал Скопје ќе ја видиме и наградуваната Катрин Гишеру (Кенија) која ќе зборува за вмрежувањето новинарки од неколку држави во Африка овозможувајќи им квалитетно известување во време на пандемијата и услови за професионално напредување.
За својот успех ќе говори и младата холандска режисерка Миријам Гутман, чија идеја за студентски краток филм прерасна во документарна серија гледана ширум светот. Нејзиниот серијал „Семе на измама“ ќе се прикажува во рамки на фестивалот. Во богатата филмска програма од дури осум македонски премиери фокусот е ставен на жената, а се провејуваат и уште неколку актуелни теми. Програмата ги вклучува „Лучадорас“ за жените во боречките рингови во Мексико; „Пејсажи на отпорот“, патување низ спомените на партизанката Соња; „Фемократија“, за подемот на политичарките во Германија; „Игра на сенки“, филм за голготата на бегалците низ Европа, сниман експериментално во тек на три години; „Нејзината социјалистичка насмевка“ за активистката Хелен Келер; „Зад насловите“, ексклузивен увид во работата на истражувачките новинари од „Зидојче цајтунг“; „Дипломати на продажба“ за злоупотреба на дипломатски пасоши; краткиот „Драг-манифест“ и холандскиот добитник на „Еми“ и кандидат за „Оскар“ за најдобар документарен филм „Ме викаат Бабу“.
Медиумскиот фестивал Скопје е настан во организација на ПИНА – Платформата за истражувачко новинарство и анализи, кој годинава се реализира во партнерство со Канцеларијата на Фондацијата„ Фридрих Еберт“ Скопје, како и холандската амбасада во Скопје, заедно со поддржувачите УНХЦР Скопје и меѓународната организација „Цивил рајтс дефендерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

