Книги
Промоција на „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски по повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски
Книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски објавена од издавачката куќа „Полица“ по повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски ќе биде промовирана в сабота (15 октомври), со почеток во 12 часот. Промоцијата ќе се одржи во Дебар Маало, кај спомен-обележјето „Клупата на Горан Стефановски“, на скверот „Јас и ти“.
„Идентитетот е приказна“ е прва книга во која детално се анализира и вреднува есеистичкото творештво на Стефановски и се оценува како исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура.
Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова, а водител на промоцијата ќе биде актерот Благоја Чоревски кој има остварено улоги во речиси сите изведби на драми на Горан Стефановски на нашата театарска сцена. На настанот ќе се слушнат и фрагменти од есеи на Стефановски со прочит на актерите Енџи Николоска и Никола Настоски, при што ќе бидат прочитани фрагменти и од неговиот последен, тестаментален есеј – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“, објавен меѓу кориците на „Идентитетот е приказна“. Со изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан“, на промоцијата ќе учествуваат и деца од Актерската школа на Весна Петрушевска, како претставници на генерациите заради кои денес треба да се разберат голем дел од пораките во есеите на Стефановски, анализирани во книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски.
Објавувањето на оваа книга е остварено во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, а со поддршка од Министерството за култура, како проект од национален интерес. Оваа промоција на „Идентитетот е приказна“ ќе се одржи со поддршка од Општината Центар и на настанот ќе се обрати и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Во рамките на настанот е предвидено и дружење на присутните со споделување спомени за Горан Стефановски и разговори за книгата „Идентитетот е приказна“, овозможено со поддршка од винарската визба „Тиквеш“.
Инаку, книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски, според оцените на универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар Венко Андоновски е не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на есеистиката на Горан Стефановски.
– Студијата на Антоновски е методолошки чиста, инвентивна, јасна и дескриптивно-остензивна. Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – истакнува Андоновски во изданието.
Според оцените на универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, книгата „Идентитетот е приказна“ е студиозна и високо книжевно-критичка анализа на есеистичкото творештво на Горан Стефановски, која покажува дека тоа творештво може да се чита од повеќе аспекти релевантни не само за книжевната наука, туку и за културологијата во поширока рамка, а кои се веќе референтни и за македонската книжевна историја.
– Низ еден извонреден дијалог со есеите на Стефановски засилен со исклучителен број научноистражувачки места, оваа книга дава одличен импулс во книжевно-теориските истражувања на некои актуелни и нови теми и проблеми на македонското творештво. Верувам дека оваа книга ќе поттикне и нови согледби за оваа проблематика, како и дека ќе поттикне и отвори низа други прашања кои може да станат појдовни точки за некои понатамошни, нови истражувања на полето на македонската книжевност и македонската култура. – констатира Мојсова-Чепишевска.
Настанот во сабота, крај „Клупата на Горан Стефановски“ ќе биде прва промоција на книгата „Идентитетот е приказна“ откако таа веќе е достапна за читателите во книжарницата на „Полица“ во Скопје, а наскоро ќе биде достапна и во другите поголеми книжарници во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Матица“ ја заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ со голема донација за Македонците во Албанија
Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ денеска ќе ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање.
-Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“.
Издавачката куќа информира дека Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност за вредната донација со македонска литература.
-Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.
Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо.
-Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари, одбележа 17 години постоење, соопшти издавачката куќа.
Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана
-Во ова Друштво, покрај иселеници Турци, кои иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21 век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор, ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, веќе се случи првата донација од Македонија за училиштето. „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, заедно со „Алкалоид“, „Матица македонска’ донираше капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка катедра по овој повод, соопшти „Матица македонска“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори
На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.
Книги
Книгата „Мајсторот“ од Димитар Башевски објавена во Софија
Во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија, деновиве е објавена книгата раскази мајсторот од Димитар Башевски. Тоа е трета книга од Башевски објавена во Бугарија. Претходно објавени се неговите романи „Бунар“ и „Круг“. Преводот на книгата „Мајсторот“ од македонски на бугарски јазик е на Тања Попова.
Во текстот кон објавената книга се вели дека „Димитар Башевски го води читателот на книжевно патување низ длабоките слоеви на човечките емоции и вечните потраги. Со екстремна леснотија и чувство за јазични нијанси, авторот слика живописни слики на љубов, страст и копнеж кои се испреплетени со огромните прашања за смислата на животот и човечкото место во светот“.
Димитар Башевски е автор на дваесеттина книги проза и поезија. Добитник е на највисоките книжевни и општествени награди во земјата. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици.

