Култура
Промоција на српското издание на „Вештица“ од Венко Андоновски на белградскиот Саем на книгата
Утре, 22 октомври, во 14 часот, во салата „Васко Попа“ на белградскиот Саем на книгата, ќе се одржи промоција на српското издание на романот „Вештица“ на Венко Андоновски.
По одличниот успех на бугарското издание на романот, „Вештица“ доживува веќе трето издание на српски јазик. Првите две беа објавени во Бања Лука, во превод на Гордана Јовиќ-Стојковска, а ова е прво издание на територијата на Република Србија. Издавач е „Кораци“ од Крагуевац, а преводот овој пат е на Љиља Цревар.
За книгата ќе говорат д-р Владимир Периќ, уредник во „Кораци“, преведувачката Љиља Цревар и авторот.
Како најава, се навраќаме на зборовите на еден од најпознатите светски современи автори, Милан Кундера, кој за „Вештица“ кажа: „Во ова сјајно полифонично дело, во кое разновидноста на наративните техники го изненадува и го радува читателот, потсетувањето на вештици и магии постојано е проследено и збогатено со приказни кои се сместени во современиот живот, така што ‘Вештица’ станува голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа. Но, доволно е. Не сакам да го раскажувам овој роман што не може да се раскаже. Ве молам да го прочитате. Со љубовта која ја заслужува“.
А во меѓувреме, во превод на руски јазик, најновиот роман на Андоновски, „Папокот на светлината“, ја доби меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“ во Русија, како и наградата „Стале Попов“ за најдобар роман, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Една година по објавувањето, тој го доживеа своето петто издание, што подразбира 4.000 продадени примероци. Отсега, романот, кој е цела една анатомија и историја на злото, за домашната читателска публика е повторно достапен во „Три“.
Од таму ги покануваат сите читатели што сè уште не си го обезбедиле ова ремек-дело, да го сторат тоа, а сите што имаат можност да присуствуваат на 67. издание на белградскиот Саем на книгата да повелат на промоцијата на српското издание на еден од најзначајните македонски автори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

