Книги
Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски објавен на словенечки јазик
Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски неодамна излезе на словенечки јазик во издание на издавачката куќа „Гога“. Преводот на изданието е на професорката на Катедрата за славистика при Филозофскиот факултет во Љубљана, Намита Субиото. Станува збор за ексклузивно издание во тврд повез, во едиција на издавачката куќа во која се објавуваат современи дела на голем број европски и словенечки автори.
„Скриени желби, немирни патувања“ е роман за хаотичната сегашност, во кој приказните на педесет луѓе од разни географски координати се испреплетуваат со приказните на четири ликови што живеат во Скопје. Врските и вкрстувањата меѓу ликовите во романот се појдовни точки за разните концептуални контрапункти, малите драматуршки пресврти и внимателно нијансираните поттексти. Некои од доминантните теми на современото општество се одразени во мноштвото приказни на романот: односот помеѓу реалното и виртуелното, изборот помеѓу успехот или личниот позив, деструктивните димензии на нашиот идентитет… ‘Скриени желби, немирни патувања’, пред сè, е роман за постојаната потрага по себе. Во романот потрагата по себе се манифестира како патување на друго место и кон други луѓе, како излегување од рамките на сопствениот живот и ограничувањата бидејќи „понекогаш е тешко да се живее само еден живот, да се живее само сопствениот живот“.

За авторот: Владимир Јанковски е роден 1977 година во Скопје. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност pri Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено три романи: „Скриени желби, немирни патувања“ (2020), „Невидливи љубови“ (2015) и „Вечно сегашно време“ (2010). За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ на „Фондацијата Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. „Скриени желби, немирни патувања“ бил македонски кандидат за Наградата за литература на Европската Унија за 2022 година.

За преведувачката: Намита Субиото дипломирала македонски, хрватски и српски јазик на Катедрата за јазици при Филозофскиот факултет во Љубљана.
Во 2001 година магистрирала на тема од областа на српскиот надреализам, а во 2004 докторирала на тема „Лингвостилистичките карактеристики во прозата на Ташко Георгиевски“. Од 2002 година предава македонски јазик и книжевност на Катедрата за славистика при Филозофскиот факултет во Љубљана. На македонски јазик превела дела од Блаже Конески, Славко Јаневски, Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски, Александар Прокопиев, Николина Андова-Шопова и други.
Романот „Скриени желби, немирни патувања“ првпат беше објавен во 2020 година, а во 2021 година ја доби наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“.
Следната година беше македонски кандидат за Наградата за литература на Европската Унија.
Досега е преведен на српски, албански и на словенечки јазик, а набртгу се очекуваат и изданијата на чешки, хрватски и на бугарски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Матица“ ја заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ со голема донација за Македонците во Албанија
Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ денеска ќе ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање.
-Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“.
Издавачката куќа информира дека Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност за вредната донација со македонска литература.
-Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.
Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо.
-Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари, одбележа 17 години постоење, соопшти издавачката куќа.
Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана
-Во ова Друштво, покрај иселеници Турци, кои иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21 век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор, ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, веќе се случи првата донација од Македонија за училиштето. „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, заедно со „Алкалоид“, „Матица македонска’ донираше капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка катедра по овој повод, соопшти „Матица македонска“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори
На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.
Книги
Книгата „Мајсторот“ од Димитар Башевски објавена во Софија
Во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија, деновиве е објавена книгата раскази мајсторот од Димитар Башевски. Тоа е трета книга од Башевски објавена во Бугарија. Претходно објавени се неговите романи „Бунар“ и „Круг“. Преводот на книгата „Мајсторот“ од македонски на бугарски јазик е на Тања Попова.
Во текстот кон објавената книга се вели дека „Димитар Башевски го води читателот на книжевно патување низ длабоките слоеви на човечките емоции и вечните потраги. Со екстремна леснотија и чувство за јазични нијанси, авторот слика живописни слики на љубов, страст и копнеж кои се испреплетени со огромните прашања за смислата на животот и човечкото место во светот“.
Димитар Башевски е автор на дваесеттина книги проза и поезија. Добитник е на највисоките книжевни и општествени награди во земјата. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици.

