Култура
Саемот на книгата почнува на 3 мај

34. издание на Саемот на книгата се враќа во редовниот пролетен термин на одржување, од 3 до 9 мај, во арената „Борис Трајковски“, под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија, информираат организаторите.
Додаваат дека за време на саемските денови сите значајни издавачки куќи ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година, ќе се реализираат средби со автори, но и многу промоции и попусти.
Покрај враќањето на Саемот на книгата во редовниот термин на одржување, се очекува да се вратат и групните посети за учениците од средните и основните училишта на државата. Како една од најзначајните манифестации од областа на културата, Саемот нуди богата програма за деца и млади, со која најмладите посетители ќе може да уживаат во светот на книгите. За време на Саемот ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца.
По повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, на Саемот на книга 2022 ќе се одржи промотивен настан со наслов „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!“, со почеток во 19 часот во промотивниот центар во арената „Борис Трајковски“. Настанот е во организација на „Арс ламина“ од Скопје.
На промотивниот настан ќе се даде осврт на најзначајните творци на македонската книжевност: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев итн.
Во седумте саемски дена ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во промотивниот центар, а ќе има гостувања и на странски автори.
Ќе бидат доделени и наградите на МАИ (Македонската асоцијација на издавачите).
На 34. издание на Саемот на книгата 2022 ќе се претстават повеќе од 60 издавачки куќи од Македонија, како и од Турција, Србија, Косово, Албанија.
Значајно претставување оваа година ќе има Република Турција преку своето Министерство за култура и туризам, а во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“. Во рамките на нивниот штанд се најавени многу активности со уметници и автори од оваа земја.
Електронските билети за Саемот може да се купат преку веб-страницата www.karti.com.mk, кои се достапни веќе од (вторник) 26 април, а за време на Саемот билети ќе може да се купат и на билетарницата на арена „Борис Трајковски“.
Најголемиот настан за читателите во земјата – Саемот на книгата, оваа година ќе се одржи од 3 до 9 мај во арената „Борис Трајковски“, со работно време секој ден од 10 часот до 20 часот.
Цената на редовната влезница изнесува 50 денари, а за организирани групни посети на ученици изнесува 40 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концертна серија „Musica Viva на отворено“ на Факултетот за музичка уметност – Скопје

Факултетот за музичка уметност – Скопје на 27, 28 и 29 мај организира концертна серија „Musica Viva на отворено“ како дел од научно-истражувачкиот проект NIP.UKIM.21-22.15 поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Програмата на концертите ја сочинуваат дела од светската музичка литература во изведба на студентите од класите на проф. м-р Марија Муратовска Наумовска, проф. м-р Катерина Гелебешева Костадиновска, проф. м-р Живко Фирфов, проф. м-р Страшо Темков, проф. м-р Олег Кондратенко, проф. д-р Марија Ѓошевска, проф. д-р Горан Начевски, проф. м-р Зорица Каракутовска, проф. м-р Весна Ѓиновска Илкова, вонр. проф. д-р Кристина Светиева, вонр. проф. м-р Марија Вршкова, вонр. проф. д-р Елена Атанасовска Ивановска, вонр. проф. м-р Сара Пројковска, доц. м-р Дино Имери, доц. м-р Димче Белчовски, м-р Бисера Чадловска, м-р Александар Поп Христов.
Концертите ќе се одржат на Платото пред НУ Национална Опера и Балет во следниве термини: 27 мај: ПРЕЛУДИУМ (пијано, хармоника) 28 мај: SONARE (виолина, тромбон, соло пеење, корепетиција практика) 29 мај: ПРОЛЕТНИ ПЕСНИ (соло пеење, вокално студио, флејта, виолина, виолончело, контрабас, корепетиција практика) Почеток на сите концерти е во 19 часот.
Култура
Проекција на „Медена земја“ во Рим, во чест на светите браќа Кирил и Методиј

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и членовите на државно-црковната делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на вториот ден од посетата на Рим и Ватикан, денеска во киното „Тицијани“ присуствуваа на проекција на документарниот филм „Медена земја“ на режисерката Тамара Котевска.
Присутните ги поздравија македонскиот амбасадор во Италија, Весел Мемеди и Лавинија Де Николо, претседателка на Асоцијацијата „Жени дипломати“ при МНР на Италија АЦДМАЕ, воедно и иницијатори на настанот.
Амбасадорот Мемеди изрази задоволство за можноста токму на 24 Мај, Денот на Светите Кирил и Методиј, македонската култура е презентирана пред италијанската јавност.
„Големо е задоволството што токму денеска, на 24 Мај, Светите Кирил и Методиј, заедно со Мајка Тереза, придонесоа преку проекцијата на „Медена земја“, нашата земја и култура да бидат препознатливи не само во Италија туку и во светот. Се надевам дека медот ќе биде доволно сладок, за да ја натера италијанската јавност да ја посети нашата Медна земја“, рече амбасадорот Мемеди.
Претседателката на Асоцијацијата „Жени дипломати“ Лавинија Де Николо, истакна дека станува збор за одличен филм, и додаде дека најважниот дел е грижата за нашата околина, нешто што долго време се запоставува.
Гостите и посетителите кои ја проследија борбената и емотивна приказна на Атиџе Муратова, беа топло пречекани и со специјалитети од македонската кујна.
Претходно македонската државно-црковна делегација оддаде почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“, каде митрополитите г. Пимен и г. Јосиф одржаа молебен во чест на Св. Кирил.
Со проекција на „Медена земја“, беше заокружен културно-уметничкиот дел и програмата по повод традиционалното чествување на светите браќа Кирил и Методиј во Рим.
Култура
13-то издание на меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“

Во полн ек се подготовките за 13-то издание на меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“, единствениот од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во класичната гитара. Годинава меѓународниот фестивал за гитара „Тремоло“ го реализира своето 13-то издание од 1 до 8 јуни, во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, со поддршка на Град Скопје.
На задоволство на публиката, и годинава ќе се одржат неколку концерти, традиционалниот интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастерчасови, информира организаторот.
Натпреварите ќе се одржуваат онлајн од 1- 5 јуни, а во интернационалното жири годинава членуваат врвни музички професионалци: Џевдет Сахатџија, Стефан Трифан, Хозе Карлос Гомез, Стела Динкова, Зоран Анич, Ерхан Мујка, Борче Наумовски и Љубомир Наќевски.
Во живо ќе се одржат неколку концерти.
Првиот е на 4 јуни на гитаристот Лука Романели, минатогодишен победник на „Тремоло“, во „Даут пашиниот амам“ во 19,30 часот. На 6 јуни концерт ќе одржи Милош Вуковиќ во Музејот на македонска револуционерна борба од 19.30 часот. На 7 јуни е закажан концертот на Хозе Карлос Гомез во Македонската филхармонија од 19,30 часот. Последниот во серијата концерти е на 8 јуни на Горан Кривокапиќ во Македонската филхармонија во 19,30 часот.
Инаку, овој фестивал, според информации од орагнизаторот е прв посветен на уметноста на класичната гитара во нашата земја. Низ годините прерасна во престижна културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара. Детскиот културен центар „Карпош“ има долга и богата традиција во однос на организацијата на голем број културни настани и манифестации, за кои сведочат многубројните признанија и награди, а со овој фестивал, кој е поддржан и од Град Скопје, ја збогати домашната културна сцена.
Во текот на изминатите години многу еминентни солисти и педагози, светски познати уметници од областа на класичната гитара, придонесоа овој фестивал да стане препознатлив со својата уникатност. Секое издание од овој фестивал е своја приказна, инспирaција за младите генерации во нивната културна формација. Со успешната реализација на фестивалот „Тремоло“, Детскиот културен центар „Карпош“ учествува во развојот на овој тип уметност во нашата земја. Успехот е начин на мислење и навика и тој доаѓа кога раката, срцето и мозокот работат заедно! Ние силно веруваме во светлата иднина на фестивалот.
Со успешната реализација на фестивалот „Тремоло“, ДКЦ „Карпош“ дава голем стимул и поддршка за развој и промоција на овој вид уметност во земјата, посочуваат организаторите.