Култура
Стив Абот ќе присуствува на прекцијата на филмот „Смислата на животот“
На „Синедејс“ вечерва ќе се одржи проекција на филмот „Смислата на животот“ во 21 часот во киното „Фросина“, на која ќе присуствува и продуцентот Стив Абот и ќе му биде доделена наградата за долгогодишното посветено работење на „Монти Пајтон“. Наградата ќе ја врачи амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.
Проекцијата е бесплатна и отворена за сите љубители на филмот. Вечерашната проекција за филмот „Дождлив ден во Њујорк“ на Вуди Ален е распродадена. Репризата е закажана за утре (14 ноември) во киното „Милениум“.
Во продолжение е програмата за „Синедејс“:
КИНО МИЛЕНИУМ
20 ч ДОЖДЛИВ ДЕН ВО ЊУЈОРК
*Гала-премиера*
режија: Вуди Ален
Новата романтична комедија на Вуди Ален ја раскажува приказната за двајца студенти, Гетсби и Ешли, чиј викенд во Њујорк воопшто нема да се одвива според планот. Дождот ќе подготви низа неочекувани средби и забавни авантури за обајцата.
22 ч ПИЈАВИЦИ
*МК во ЕУ*
режија: Драган Маринковиќ
Филмот го опфаќа периодот меѓу 1996 и 2000 година, односно четири од десетината ужасни години за Србија на крајот на дваесеттиот век. Главниот лик е писателот Петар Мириќ, човек чии идеали за слобода, чесност, моралност и правдина значително се разликуваат од начинот на живеење во Србија под Милошевиќ. Своите ставови за разни настани тој ги изразува јавно како коментари на локална телевизија. Добива сериозни закани и понуди од полицискиот безбедносен сектор, но одбива да соработува.
Филмот ја прикажува неговата борба против обесправеноста и автократијата, кои, за жал, повторно воскреснуваат во денешна Србија.
15 ч | СВИРКАЧИТЕ
*реприза*
режија: Корнелиу Порумбоиу
Кристи, романски полицаец, кој е свиркач за мафијата, ќе оди на островот Ла Гомера за да научи древен свиркачки јазик. Во Романија е под постојан полициски надзор и со помош на овој кодиран јазик ќе може да продолжи да комуницира со мафијашите за да го извлече Золт од затвор. Золт е единствениот што знае каде се скриени триесетте милиони евра.
17.30 ч МРТВИТЕ НЕ УМИРААТ
*реприза*
режија: Џим Џармуш
Нешто не е во ред во заспаното гратче Центервил. Месечината е огромна и спуштена многу ниско, часовите на денот стануваат непредвидливи, а животните почнуваат да покажуваат необично однесување. Вестите од градот се страшни и научниците се загрижени, но никој не ја предвидува најчудната и најопасна реперкусија што набргу ќе почне да го вознемирува Центервил: мртвите стануваат од гробовите и почнуваат да се хранат со живите, а граѓаните се принудени да се борат за да преживеат.
КИНО ФРОСИНА
19 ч ШТО КРИЕ ДОЖДОТ
*МК кратки*
режија: Сергеј Сарчевски
По преселбата во странство, надежен студент се соочува со осаменост и со предизвикот да се снајде емотивно и професионално во една голема светска метропола притоа да ги исполни како своите така и очекувањата на околината.
19.10 ч КУЌАТА НА АГА
*Синебалкан*
режија: Лендита Зекурај
Емотивен приказ на животите на пет жени низ очите на деветгодишно момче, кое трага по својот исчезнат татко.
Деветгодишниот Ага живее со мајка си и четири други жени на зафрленa планинска локација во Косово. Ага се обидува да заработи со продажба на цигари, но главна цел му е да продолжи да го бара исчезнатиот татко. Единствената машка фигура во неговиот живот е Цера, кој е брутален и суров и покрај тоа што внимава на Ага, кој е премногу млад за да разбере зошто живее на таква локација само со жени. Кога наеднаш излегува еден неочекуван итен случај, Ага е принуден да помогне и тоа доведува до низа настани што ќе му ја разоткријат вистината.
21 ч СМИСЛАТА НА ЖИВОТОТ
*Монти Пајтон програма*
режија: Тери Џоунс, Тери Гилиам
„Смислата на животот“ е скеч-филм поврзан како студија за опасноста и апсурдноста на човековото постоење – опис што не опишува доволно колку филмот е всушност смешен. Во него има крв, секс и насилство, како и едни од најдобрите реплики од сите досегашни нивни дела на тема раѓање, смрт и сите здодевни работи во текот на животот помеѓу. Визуелно доаѓа како мешавина на Федерико Фелини, Ингмар Бергман и Базби Беркли со проектили од повраќање! Но, суштинската порака на филмот е едноставна и убава: сите ние сме родени чуда и зошто да не бидеме добри со сите други родени чуда.
ЏЕБНО КИНО
19 ч СТУДЕНТСКА ПРОГРАМА
22 ч ЕЛЕКТРИЧЕН ОРГАЗАМ ЗА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ
*Музички документарни филмови*
режија: Марија Вукиќ
Следејќи го бендот „Електрични оргазам“ на нивната прекуокеанска турнеја во летото 2018 година, сликаме портрет на еден од најпопуларните и најдолговечни рок бендови на просторите на поранешна Југославија откривајќи интересни и малку познати детали од нивната 39-годишна кариера и сето тоа директно од сеќавањата на самите членови на бендот.
ПРИДРУЖНА ПРОГРАМА
13 ч РАБОТИЛНИЦА
Увид во процесот на кастинг со Сања Дракулиќ (CEO на Duart European Actors Platform)
21.30 ч ПРОМОЦИЈА на книга од Борислав Пешиќ Благоја
Книгата Long play – zabeleške u vremenu е фотомонографија, која содржи 1.332 портрети на 333 регионални музичари што твореле во периодот помеѓу 1950-2000 година. Жанровски најзастапени се рок-музичарите, а на страниците на книгата ќе ги препознаете и великаните на поп-музиката од овој регион, како и некои снажни ликови од џез и блуз-сцената. Книгата е во формат на грамофонска плоча во ексклузивно пакување со кутија. Печатена е на три вида хартија во две техники и треба да се најде на колекционерските полици опкружена со музика од плочите на уметниците опфатени во неа. На речиси 400 страници може да прочитате и биографии со интересни „цртички од животот“ на музичарите со кои растеле генерациите од регионов.
23 ч | cinEmusic
THE NOTWIST
„Нотвист“ е германски инди-рок бенд. Основан во 1989 година бендот поминува низ неколку музички инкарнации притоа успевајќи да одржи релативно стабилна постава. Додека раните албуми им се движат од хеви-метал до дарк инди-рок, поновите изданија со кои привлекуваат најмногу внимание се главно под влијание на електронската сцена, како и другите изведувачи на продуцентската куќа Morr Music.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

