Култура
,,Шеќерни луѓе” на Сузана Диневски добитник на 23 награди и селектиран на 60 филмски фестивали

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју Продукција” продолжува да освојува награди на светски филмски фестивали.
„Шеќерни луѓе” на режисерката Сузана Диневски е награден со 23 награди во различни категории и е селектиран во официјална селекција на 60 филмски фестивали ширум светот. Меѓу последните награди, ,,Шеќерни луѓе” е награден за најдобар краткометражен игран филм на ,,8-миот Инка Империал” меѓународен филмски фестивал во Лима, Перу.
„Шеќерни луѓе” на 16-ти јуни во 13 часот, ќе биде прикажан во официјална селекција на меѓународниот филмски фестивал ,,BJX Bajio”, во Гванахуато, Мексико. На 25 јуни, во 21.30 часот ,,Шеќерни луѓе” ќе биде прикажан во официјалната селекција во програмата ЕCHOES пред португалската публика за време на 19-та едиција на филмскиот фестивал за нови режисери FEST – New Directors | New Films Festival што се одржува во Еспинхо, Португалија од 19 до 26 јуни, каде филмот се издвои од над 3500 пријавени филмови и е селектиран во ограничената листа на избрани филмови.
Инаку, во периодот февруари-мај, филмот беше прикажан на филмскиот фестивал во Камбрија, Калифорнија, САД како и на филмскиот фестивал за жени ,,Каскадија’’, во Белингхам, Вашингтон, САД. Натаму, филмот имаше проекција за време на 21-та едиција на меѓународниот фестивал за кратки филмови ,,Радио Сити”, во Валенсија, Шпанија, како и на меѓународниот филмски фестивал ,,Инка Империал”, што се одржа во Лима, Перу. Проекции на ,,Шеќерни луѓе” се одржаа и на филмскиот фестивал ,,Балкан панорама” во Измир, Турција и на меѓународниот филмски фестивал во Барлета, Јужна Италија.
Проекциите на ,,Шеќерни луѓе” во официјална селекција продолжуваат и во наредниот период од јуни до септември на Балкански фестивал за филм и храна во Подградец, Албанија, на филмскиот фестивал за Југо-источна Европа во Париз, Франција, на филмскиот фестивал ,,Европа сега” во Глазгов, Обединето Кралство, и на меѓународниот филмски и видео фестивал во Маракај, Венецуела. Проекција на ,,Шеќерни луѓе” во официјална селекција е потврдена и за време на филмскиот фестивал ,,Љубов и надеж’’ во Барселона, Шпанија што се одржува од 15 до 22 септември, 2023.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју Продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Премиера на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II

На 25 октомври 2025 година со почеток во 20.00 часот, на големата сцена на Националната опера и балет ќе се одржи премиерата на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II. Втората изведба на оперетата е закажана за 28 октомври, 20.00 часот.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Верица Ламбевска.
Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска, Драган Ампов(25.10.)/Кристијан Антовски(28.10.), Невен Силјановски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Избран изведувач за изградба на Универзална сала

Министерството за култура и туризам информира дека е завршена постапката за избор на изведувач за реализација на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје. Во саботата беше донесена Одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за „Изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи и ентериер на објект Универзална сала во Скопје – по принцип на изградба Клуч на рака“.
По завршување на законските рокови за доделување на договорот, ќе биде потпишан договорот за изведба, а по исполнување на сите потребни предуслови за почеток на градба и воведување на изведувачот во работа, ќе следи официјалното започнување на градежните активности.
Рокот за реализација на проектот е предвиден до декември 2027 година. Набавката се реализира по принципот Клуч на рака, што значи дека во предвидениот рок објектот ќе биде целосно изграден, уреден и подготвен за користење, односно за одржување на концерти, настани и други културни содржини.
Потсетуваме дека, по преземањето на објектот на Универзална сала од Градот Скопје, а особено по настанатиот пожар, Министерството за култура и туризам спроведе низа активности со цел успешна реализација на проектот за нејзина реконструкција.
Како дел од овие активности, Министерството преку измени и дополнувања на проектната документација преземена од Градот Скопје, обезбеди целосно нова проектна документација на ниво на основен проект за реконструкција на Универзална сала.
Овој проект беше претставен пред македонската јавност, а со неговата реализација ќе се зачува споменот и колективната меморија за објектот, а воедно ќе му се даде и нов, современ и повеќенаменски карактер.
Манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ покрај во останатите објекти од областа на културата во градот ќе се одвива и во обновената Универзална сала, која повторно ќе стане едно од омилените места за културни настани и собири на граѓаните.
Култура
„Малата Фрида“ победник на 4. ИФДТ „Игор Маџиров“ 2025

Претставата „Малата Фрида“ во режија на Аница Томиќ, а во изведба на Градскиот театар „ЖАР ПТИЦА“ од Загреб, Хрватска ја освои ГРАН ПРИ наградата на 4. Издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, што се одржа од 15 до 18 октомври 2025.
– Претставата е топла, духовита и со визиелно раскошна сценографија и костими, раскажува приказна за тешките денови на малата Фрида Кало, која им зборува на децата на јасен и ангажиран начин за различностите и прифаќањето, се наведеува во одлуката на професионалното жири во состав: Игор Третињак, театролог од Хрватска, Изабела Новотни, актерка при Театарот за деца и младинци и Јулијана Мирчевска, актерка и претседателка на националниот центар „АСИТЕЖ“ Македонија.
„Малата Фрида“ беше прогласена за најдобра претстава и од страна на детско-младинското жири во состав: Бисера Мојаноска, Ведран Маричиќ, Уна Дона Силјановска, Теофрил Сачкарски, Саша Димитревска, Софија Петрушева и Јанис Далајоргос.
Наградата за најдобра режија беше доделена на Давид Зуазола за претставата „ПРОЗОРЕЦОТ“ во изведба на Театарот за деца и млади „МЕРЛИН“ од Темишвар, Романија. Оваа претстава ги понесе и специјалните награди за музика за Лазар Новков, колективна актерска анимација за Роберт Копот и Лаурентиј Плеша и за визелен идентитет за Давид Зуазола и Атила Бајко.
Наградите за актерски остварувања им беа доделени на: Аманда Пренкај, за улогата на Фрида Кало, во претставата „МАЛАТА ФРИДА“ и на Таноси Сиорис, за извонредните актерски креации во претсавата „СИНО“ во изведба на театарот „Хоп Сињор“ од Атина, Грција.
Наградата за најдоба костимографија беше доделена на Дорис Крстиќ, а за сценографија на Игор Васиљев за претставата „Малата Фрида“.