Култура
„Јон Вардар против галаксијата” викендов беше премиерно прикажан во Шпанија
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ ја имаше својата светска премиера на 57. издание на „Ситџес фантастик филм фестивал“, еден од најголемите жанровски фестивали во светот.
Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио“ беше прикажан во фамилијарната секција. Капацитетите на салата беа исполнети, главно со најмладата публика, која енергично ја дочека македонската анимација.
Режисерот Цветановски имаше кусо обраќање, при што на шпански јазик им кажа на децата дека се првите во светот што ќе го гледаат филмот, на што тие реагираа со воодушевување.

По настанот, Цветановски изјави дека фестивалскиот живот на „Јон Вардар против галаксијата“ почна возбудливо најавувајќи уште многу убави вести набргу.
„Премиерата ги оправда очекувањата. Ми беше драго што и децата и нивните родители уживаа во филмот и се смееја на глас. Во публиката запознав и Македонци од Барселона, кои допатуваа во Ситџес за да го проследат филмот. Ви благодарам многу што бевте дел од овој настан. Факт е дека со ‘Јон Вардар’ напишавме историја и верувам дека имаме производ со кој можеме да се гордееме. Одиме натаму, со нетрпение ја очекувам македонската премиера во ноември“, рече режисерот Цветановски.

Во рамките на фестивалот во Ситџес анимираниот филм ќе има уште една проекција следната сабота.
„Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани, кои се на мисија да ја спасат галаксијата од самите себе.

Арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, браќата Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.

Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и во Хрватска.
Филмот од 1 ноември ќе се прикажува во киносалите во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

