Култура
Јон Вардар слета во Буенос Ајрес
Првиот македонски долгометражен анимиран филм деновиве беше прикажан на 26. издание на престижниот филмски фестивал во Буенос Ајрес, Аргентина, БАФИЦИ (Buenos Aires International Festival of Independent Cinema).
На трите проекции, на кои се бараше карта повеќе, присуствуваше и режисерот Гоце Цветановски, кој пред присутните зборуваше за долгогодишното креирање на филмот, предизвиците, и честа да се биде дел од еден од водечките фестивали за независен филм во светот.

„Проекциите во Буенос Ајрес завршија со многу интересни средби и се радувам на секој еден разговор за овој филм. Ова е дестинација на која повторно би сакал да се вратам со следниот проект, а работите веќе се движат во таа насока“, рече Цветановски, додавајќи дека засега не може да открие повеќе детали.
Директорот на фестивалот, Хавиер Порта Фоуз претставувајќи го филмот пред публиката рече дека за првпат филм од Македонија е дел од овој фестивал. Истовремено, вели, предизвик бил преводот оти во Аргентина живеат само 12 Македонци.

Претходно, од фестивалот за филмот напишаа: „Анимиран долгометражен филм од Македонија не е нешто што се гледа секој ден, но шармот на John Vardar vs. the Galaxy е далеку од тоа да биде само географски куриозитет. Оваа визуелна лудорија – со своите интергалактички авантури што наликуваат на халуцинација, откачени вонземјани и хумор со висока концентрација – се истакнува со рокерска дрскост и заразна комичност. Филмот е како црна дупка што го вовлекува гледачот во својот хаотичен универзум, каде секое чудовиште е повик на бегство од нормалното и прослава на лудото и необичното“.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Две нови награди за „Неми Филмови“ на Господиновски во Русија и Тајван
Анимираниот филм „Неми Филмови“ на Крсте Господиновски, минатата недела освои две нови награди на меѓународни фестивали, наградата за „Најдобар интернационален краток филм“ на „Меѓународниот фестивал за краток филм Вижн“ во Кемерово, Русија и „Почесно признание“ на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм КУАНДУ“ кој се одржува во Тајпеј, Тајван.

Ова е втора по ред награда во Русија и втора награда во Тајван, по октомвриската награда на престижниот ТИАФ кој се одржува во Тајчунг.
Во септември филмот ги освои Гранд При наградата на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм Аниматор Фест“ во Јагодина и наградата од домашната публика на „Меѓународниот фестивал за краток филм Ѕирни“ во Скопје.

Од премиерата на фестивалот Анеси во јуни, „Неми Филмови“ досега е прикажан на 28 меѓународни фестивали и има освоено 7 награди.
Филмот е во продукција на Фокус Покус Филм и во копродукција на Флипбук Продакшнс, а е поддржан од Агенцијата за филм на Република С. Македонија.
Култура
Кавадарци го слави „Месецот на театарот“ со премиера на Чехов и богата програма во Домот на културата
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци го очекуваат повеќе настани од областа на театарската уметност.
Во четврток, на 13 ноември 2025, со почеток од 19 часот, Театарот при Домот на културата Кавадарци, премиерно ќе ја одигра претставата “Предлог за брак/Мечка“ по текст на Антон Павлович Чехов. Претставата е состав на две едночинки. Режијата е на Микица Илова.
Во првата едночинка играат: Александар Малинков , Ивана Секуловска ,Саше Орешков, а во втората едночинка: Елена Илова, Петар Стојанов , Мартина Илиевска. Суфлер: Дијана Мишова; Костимограф: Сара Милевска; Сценска подршка: тим на Дом на култура Кавадарци; Светло/тон: Пепи Ангелов.
Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци е и организатор на манифестацијата “Месец на Театарот“ која годинава се оддржува по петти пат. Манифестацијата ќе биде отворена со изложба на избор плакати од претстави на Театарот при Домот на кутурата Кавадарци изминатите децении.
Официјалниот распоред е:
15.11 (сабота) Свечено отворање на манифестацијата со Изложба на театарски плакати
15.11 (сабота) “Ухљеби“, ДРАФТ Театар, Тузла, Босна и Херцеговина
17.11 (понеделник) “Петок 13“, Народен Театар Струмица
19.11 (среда) “Предлог за брак/Мечка“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
22.11 (сабота) “Госпоѓа Министерка“, Театар “Џинот“, Велес
25.11 (вторник) “Смртта на еден човек на Балканот“, Театар при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци
Сите претстави започнуваат од 19 часот.
Култура
Изложба на Иван Ивановски во Кина
Во Гуангдонг Сан Та Музејот за Уметност во Гуанџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември 2025 година, беше отворена самостојната изложба „In Between“ на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на Фликер студио, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за Култура и Туризам на Република Северна Македонија.

Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа прилика.
Фотографиите се на Даниел Коцев – Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен.
![]()
![]()


