Култура
Агенцијата за филм пред филмските работници: Филмови ќе има, продолжува континуираната поддршка на македонскиот филм

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски зборуваше со филмските работници на неформална средба за две клучни прашања за филмските работници. Првото прашање околу продукцијата на македонски филмови годинава е апсолвирано бидејќи Агенцијата за филм е подготвена да ги финансира филмовите кои се најавени од продуцентските куќи како подготвени да тргнат со снимање.
Од почетокот на годината, Агенцијата за филм има исплатено 140 милиони денари на продукции на македонски филмови кои се во фаза на постпродукција. Причината зошто во првата половина на годината не се снимало филмови, како што беше посочено, е лоцирана во индивидуални и различни причини внатре во продукциите.
Второто прашање е исходот од првиот рок на Конкурсот за филм.
„Фокусот беше ставен на транспарентно образложување на распределбата на расположливиот буџет на првиот конкурс, каде преку објективна валоризација, одлучено е да се поддржат најквалитетните филмови“, велат од Агенцијата.
Агенцијата за филм планира да воведе уште поголема транспарентност кога станува збор за конкурсите и начинот на вреднување на проектите. Исходот од минатиот конкурс е поддршка на 15 македонски филмови со мнозинско учество и 9 филмови со малцинско учество на македонски копродукции.
Одлуката зошто токму ваква распределба да се донесе на овој конкурс е поради оптимизирање на средствата и изнаоѓање на најдоброто решение за македонската кинематографија во период кога веќе 17 филмови се одобрени и треба да почнат со снимање (одобрени од претходните конкурси), кога буџетот претрпе намалување и конечно фактот што мора да се одржи баланс во учеството на Агенцијата за филм кај малцинските проекти кога македонскиот филм е многу повеќе помогнат од страна на регионалните и европски продукции.
Средбата се одржа денес, на 4. септември, во 11. часот, во Кинотека.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Неколкудневна турнеја на Театар Провокација низ регионот со „Земја на штркови“

Театар Провокација ја најавува својата неколкудневна турнеја низ регионот, со претставата „Земја на штркови“, која започнува на 13-ти мај, со учеството на фестивалот „Друмеви театрални празници“ во Шумен, Р. Бугарија, по кое следуваат и гостувањата во Србија (од 15.05 до 18.05) низ градовите: Белград, Вршац и Панчево.
Претставата „Земја на штркови“ отворено зборува за големиот бран на иселување на македонците во последниве неколку години и за очајната потреба од системски промени, како главна причина за заминување на младите во поразвиените земји.
Скопската публика оваа претстава ќе може да ја погледне во среда, 23-ти април во МКЦ со почеток од 20:00.
Во претставта играат: Мирјана П.Ристов, Радо Алексовски, И.Јакимова и Р. Ристов. Текстот е работен по мотиви од „Топлината во ноември„ од Јана Добрева, костимите се на Елена Лука, автори на музиката е на Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, вокалот е на Вера Милошебвска – Љубојна, сценските движења на Кренаре Невзати а адаптацијата на текстот, сценографијата и режијата се на Роберт Ристов.
Култура
Почина Тоше Поп-Симонов

Истакнатиот македонски композитор, продуцент и аранжер, Тоше Поп – Симонов почина денеска на 63 годишна возраст.
Поп-Симонов својата музичка кариера ја започна во 1980-тите, како еден од основачите и гитарист на култната скопска рок група „Бастион“, а потоа и гитарист на рок бендот „Асторија“.
Тој остави силен белег на македонската музика во периодот на 1990-тите, кога соработуваше со речиси сите позначајни имиња од поп, рок, како и од фолк сцената во земјава и изведувачи од регионот, меѓу кои и Тоше Проески, Мизар, Архангел, Меморија, Анастасија, Дарио, Верица Пандиловска, Силви бенд, „Фрајле“ и Алка Вуица.
Неговите пријатели и соработници се простуваат од него со објави на социјалните мрежи.
Погребот на Поп-Симонов ќе се одржи во вторник, на 22 април 2025 година, на градските гробишта во Бутел од 11:30 часот.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ се прикажува на меѓународниот филмски фестивал во Москва

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на Гоце Цветановски синоќа беше премиерно прикажан во Москва, во рамки на престижниот Moscow International Film Festival (Меѓународен филмски фестивал – Москва).
Московскиот фестивал важи за еден од најголемите во светот и е класифициран во А листата на филмски фестивали, заедно со Кан, Берлин, Венеција.
Основан е во 1935 година, a редовно почна да се одржува од 1959 година. Фестивалот е познат по тоа што комбинира светски премиери, авторски филмови и амбициозни независни продукции од различни земји.
„Јон Вардар против галаксијата“ денес ќе има уште една проекција во Москва.
Првиот македонски долгометражен анимиран филм успешно го продолжува својот фестивалски живот, откако минатата недела се прикажуваше и на меѓународниот фестивал во Буенос Ајрес, БАФИЦИ, кој се смета за најголемиот и најважен фестивал за независен филм во Латинска Америка.
„Јон Вардар против Галаксијата“ е поддржан од Агенцијата за филм, со копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо од „Линкс студио”, Ева Конрад, браќа Калинови и Ладо Скорин, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.