Култура
„Булфрогс балет“ со прв лауреат на Европското балетско гран при 2024
Млади балерини од интернационалното училиште за балет „Булфрогс балет“ (Bullfrogs Ballet) во Скопје освоија прво место на Европското балетско гран при, кое се одржа во Виена.
Под менторство на уметничката директорка на училиштето, Александра Никифоровски, и балетскиот педагог и поранешна балетска солистка, Елена Митевска, ученички на возраст од 8 до 18 години, го освоија првото место во јуниорската категорија професионалци: групни кореографии – класичен балет на престижното Европско балетско гран при, кое се одржа во Виена, Австрија, од 6 до 9 февруари годинава.
Учениците изведоа фрагмент од балетот „Сон на летната ноќ“, според кореографската адаптација на Александра Никифоровски, според Џорџ Баланшин. Освен првото место во категоријата во која настапија, со 92,33 поена, групната кореографијата беше и третата најбодирана изведба во рамките на целиот натпревар, односно во сите категории, од страна на шестчлената жири-комисија, составена од врвни професионалци.
Европското балетско гран при е реномиран меѓународен балетски натпревар, кој се одржува секоја година во Виена, на кој учествуваат млади балетски уметници од целиот свет. Натпреварувачите се поделени во две категории – професионалци и рекреативци, како и според возраста.
Ова е второ учество на балетски ученици од училиштето „Булфрогс балет“ на престижниот европски натпревар. На првото учество во 2023 година ученичките Елена Василевска (12) и Виола Имери (13 години) со дуетот „Пицикато“ освоија трет лауреат во категоријата класичен балет за тинејџери (teens professional).
„Покрај групната кореографија, некои од нашите ученици се натпреваруваа и во соло категории и настапија со разни варијации од класичниот балет. Во секоја од категориите тие настапија со сериозна конкуренција и јас многу се гордеам што котираа релативно високо, но и личните резултатите им се подобри од минатогодишните. Особено сум среќна што и навдор од официјалниот дел од натпреварот добивавме и пофалби од балетските мастери и жири-комисијата за нашата работа, што за мене е индикатор дека со посветена работа, верба и истрајност и на тимот педагози и на младите балерини можеме да стигнеме многу далеку“, изјави Никифоровски.
„Булфрогс балет“ е интернационално училиште за балет основано во 2009 година, кое спроведува балетско образование за деца и млади од предучилишна возраст, основно и средно образование. Во тгекот на годините „Булфрогс балет“ има продуцирано десет балети и над 25 одиграни претстави, еден документарен филм, пет драмски претстави, 18 летни балетски школи, како и повеќе од 20 работилници, мастер-класи и едукативни предавања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

