Култура
(Видео) Костадиновска-Стојчевска од Ријад: Охридскиот Регион останува на листата на УНЕСКО
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, присуствува на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, на која вчера беше соопштена одлуката на Комитетот дека Охридскиот Регион, со својата исклучителна универзална вредност, останува на листата на светско наследство. Во македонската делегација во Ријад се и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, како и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов.
Костадиновска-Стојчевска, вчера, во своето обраќање за време на сесијата на Комитетот, искажа благодарност што Комитетот ги уважи заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија, со која ги споделуваме природните убавини на овој уникатен регион, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство.
„УНЕСКО е драгоцен пријател и на Охридскиот Регион. А во времето што доаѓа секое пријателство е како бисер. Таков каков што е нашиот Охридски Регион“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека експертските тимови на двете држави го изготвија стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со акциски план, а како што рече, тоа е значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите што имаат негативно влијание врз вредностите на регионот, што е позитивно оценето и од страна на Комитетот за светско наследство и нотирано и во одлуката од сесијата на Комитетот во Ријад.
Министерката за култура додаде дека од нашата натамошна засилена соработка со Република Албанија ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на регионот. Но, нагласи дека останува добар дел од препораките на реактивните мониторинг-мисии и на советодавните мисии што треба заеднички да ги сработат двете страни. Тоа ги потврдува, како што рече, нашите искрени намери и подготвеност за работа и за интензивна соработка.
„Останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување. Препораките не се лесни и нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа, и установите и граѓаните. Впрочем, обврските се точно адресирани. Многу работи од препораките ги имаме почнато, но останува нивната целосна реализација. Треба постојано да го имаме предвид фактот дека нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот Регион на листата на Светско наследство во опасност“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура упати благодарност до земјите членки на Комитетот за светско наследство што ги препознаа, ги уважија и ги валоризираа нашите напори, како и до сите вклучени во процесот на зачувување на статусот на Охридскиот Регион – членовите на работните групи, експертите, министерствата, општините, граѓанскиот сектор – за професионалната и искрена соработка во изминатата една и пол година.
„Важноста на Охридскиот Регион е немерлива и трајна. Затоа наша должност е да не го загрозуваме нашиот Охридски Регион, регион што светот го препозна и ја верификува неговата уникатност, едно од 39-те мешовити добра во целиот свет, односно 43-те прекугранични добра. Ја споделуваме загриженоста за климатските промени во светот како сериозна закана и врз нашето природно и културно наследство. Апокалиптичните слики од пожарите и поплавите мора да ги толкуваме како последна опомена за човековата негрижа кон својот единствен дом – оваа планета“, истакна Костадиновска-Стојчевска на 45. сесија на Комитетот во Ријад.
Осврнувајќи се на неодамнешната изјава на генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш, кој предупреди дека по извештаите на Светската метеоролошка организација, „климатскиот колапс почна“. Климатолозите се категорични дека со ова ниво на глобално затоплување светот е пред хаос и дека е време да се каже вистината. Затоа предизвиците на 21 век, како никогаш досега, ги будат нашата одговорност и нашата солидарност.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, изрази благодарност што Комитетот ги призна напорите направени од Северна Македонија и затоа ни го обезбеди потребното време да продолжиме да правиме значајни чекори кон заштитата, зачувувањето и одржливото управување со Охридскиот Регион.
„Работејќи заедно со Република Албанија, ние сме решени да го направиме управувањето со овој регион пример за соработка, да ги обезбедиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион и да го пренесеме на следните генерации. Заштитата на природата и на биодиверзитетот остануваат наша цел, како што е донесувањето закон за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – парк на природата и нов закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – споменик на природата“, нагласи во Ријад министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.