Култура
Костадиновска-Стојчевска: Интензивирање на културната соработка е високо на агендата во односите со Обединетото Кралство
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во рамките на работната посета на Лондон, денеска, оствари средба со Викторија Билинг, директорка за Европа во Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како и со директорот на глобалната мрежа на Британскиот совет, Чарли Вокер.
Како што информираат од Министерството, на средбата Костадиновска-Стојчевска – Билинг било реафирмирано 30-годишното партнерство и пријателство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, при што министерката за култура ја истакна силната определба за развивање и зацврстување на билатералното партнерство со Обединетото Кралство.
Во тој контекст Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност и за поддршката во доменот на економската соработка, како и за силната посветеност на Обединетото Кралство во процесот на европската интеграција на земјата.
Како министерка за култура, пак, Костадиновска-Стојчевска ја истакна и важноста на културната размена во согласност со потпишаниот договор во областа на културата, кој е правна рамка за зајакнување на размената.
Костадиновска-Стојчевска и Билинг искажаа заемна благодарност за досегашната соработка истакнувајќи дека Северна Македонија е важен партнер во односите со Обединетото Кралство, со кое ги дели истите вредности.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја сподели со директорот на Британскиот Совет, Вокер, исклучително позитивната улога на глобална мрежа во нашата земја. Соработката меѓу Министерството за култура и Британскиот совет овозможи развој на културните и на креативните индустрии во нашата земја, како и реализација на голем број заеднички проекти преку националните институции во културата и образованието.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека регионалниот пристап во реорганизацијата на Британскиот совет нема да биде на штета на нашата успешна соработка, особено во делот на креативните индустрии. На средбата стана збор за можностите од поголема достапност на програмите на Британскиот совет во нашата земја и засилени кампањи за нивна афирмација.
Средбата, која беше во пријатна атмосфера, беше повод да се поразговара и за поврзаноста на туризмот и културното наследство, како и за зголемениот интерес на Британците за нашата земја.
Посетата на министерката за култура на Обединетото Кралство продолжи на Факултетот за словенски и источноевропски студии при Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Во попладневните часови Костадиновска-Стојчевска ќе има средба со раководството на Филмскиот фестивал за жени над 50 години (WOFFF), а во 18 часот е свечениот концерт по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со Обединетото Кралство, каде што ќе се обратат министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и специјалниот пратеник за Западен Балкан на британскиот премиер, Лорд Пич, кој е голем и искрен пријател на Северна Македонија и одличен познавач на условите во земјата и регионот, соопшти Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.