Култура
(Видео) Николиќ и Јолевски за премиерата на „Отело“ во МНТ: Претстава за предрасудите и љубомората кои можат да бидат фатални за жената
По првата премиера, која се одржи на 16 ноември на сцената во Босанското народно позориште, Зеница – БиХ, во Македонскиот народен театар на 4 декември со почеток во 20 часот ќе биде одиграна скопската премиера на претставата „Отело“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Нина Николиќ. Овој меѓународен проект е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Босанското народно позориште, Зеница ― БиХ и „Перипетија продукција“, Скопје, во кој играат актери од двете земји, и тоа: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.
Режисерката Николиќ вели дека оваа шекспирова драма ја актуелизира бидејќи смета дека темата што се отвора во „Отело“ и зборува за околности во кои Дездемона ќе биде жртва на агресијата и љубомората на некој начин ја опишува деструктивноста на овие емоции кои можат да доведат до фатален крај.
„На втората изведба на ‘Отело’ во Зеница имавме млада публика која очигледно не го знаеше Шекспировиот текст и претставата ја следеше до крај во исчекување каде ќе ги одведе и кога го видоа фаталниот крај на Дездемона не го сокрија чувството на пораз до што се може да доведе една доминација на машката агресија и љубомора и дека тоа може да заврши со смрт. Во атмосферата се чувствуваше дека оваа порака стигна до нив и затоа сметам дека оваа интерпретација на ‘Отело’ носи важна порака ви современиот свет“, вели Николиќ.
Претставата е специфична бидејќи има голема интернационална екипа, се игра на босански и на македонски јазик. За актерот Јолевски, кој игра три карактери во „Отело“, работата на оваа претстава била исклучително интересна и двојазичната игра докажува дека суштината на текстот и театарската игра го држат вниманието на гледачот, а актерите совршено се разбирале меѓу себе.

„Предрасудите се дел од карактерот речиси на сите ликови во ‘Отело’ кои не можат да се надминат себеси па ќе ја жртвуваат добрината и љубовта на Дездемона. Токму поради потенцирање на предрасудите како доминантни во ‘Отело’, а многу актуелни на овие простори, двојазичната актерска игра е од суштинско значење во оваа претстава. Целиот процес на подготовка беше многу интересен, од првото исчитување на текстот до неговата премиера. Задоволство беше да се работи со млада актерска екипа и со режисерката Николиќ“, вели Јолевски.
Во разговорот Јолевски остро го критикуваше и денешниот пристап кон театарот и културата.
„Ние сме центрифугално исфрлени од системот и сплескани на ѕидот, а ако уметноста е духот на народот во една држава тоа значи дека истото се случува со духот на народот. Наша должност е да се бунтуваме и да си го вратиме вистинското место иако политиката и бизнис-елитите доминираат во нашето општество“, вели Јолевски.
Драматургот на претставата е Тамара Барачков, сценографското решение е на Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска, костимограф, на сценските движења работел Димитриос Сотириу, текстот е во превод на Маја Трајаноска-Ивановска и Зина Агиќ, Крис Јегер, дизајн на светло, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.
Билетите за премиерата и следната изведба, која е закажана на 5 декември, се пуштени во продажба преку онлајн-системот и на билетарницата во МНТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

