Култура
Во Кан доминираат француската и британската продукција, со американската селективно со Тарантино и Џармуш
Канската кроазета секојдневно се полни со филмофили, туристи, папараци од целиот свет, кои денеска, освен филмските ѕвезди, ги дочекаа и британскиот музичар Елтон Џон и големиот британски режисер Кен Лоуч, чија премиера на новиот филм е закажана за вечерва. За сите проекции во главната компетитивна селекција се бара билет повеќе, како и за филмовите во програмата „Извесен поглед“. За престижната „Златна палма“ на 72. фестивалско издание во конкуренција се 21 филм, меѓу кои се најновото остварување на Џим Џармуш, Кен Лоуч, Квантин Тарантино, Педро Алмодовар и браќата Дарден.
Очигледно, во селекцијата доминираат филмови од француската и од британската продукција, но не изостанува повторно и романски автор. Што се однесува до американската продукција, фестивалската политика ги ставила во немилост оние автори што доаѓаат од големата индустрија, но затоа со новиот филм на Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“, каде што играат Бред Пит и Леонардо ди Каприо, и отворањето со филмот на Џармуш повлекува јасна црта дека за рафинираниот американски филм сепак има место на црвениот тепих во Кан.

Овие американски ѕвезди се доволен предизвик да се сврти вниманието на светската филмска публика кон Канскиот филмски фестивал, но според упатените, кои фестивалот го следат повеќе децении, се забележува дека во Кан нема многхубројни американски туристи како во минатото.
На вчерашната прес-конференција за филмот „Мртвите не може да умрат“, освен Џармуш, зборуваа и главните актери Бил Мареј и Тилда Свинтон.

,,Ова е филм за живите што не се живи или популарно наречени зомби. Дали е ова саркастична хорор-драма или сериозен филм, ќе оставам да оцени публиката. Сериозно сум загрижен колку отстуствува страста за животот во сите нас. Целата комуникација е виртуелна и ние сè повеќе стануваме робови на технолошките навики на 21 век“, рече Џармуш на вчерашната прес-конференција во Кан.
Во фимот играат и музичарите Том Вејтс и Иги Поп и се очекува набргу и тие да пристигнат на фестивалот. Проекциите се одвиваат на неколку локации, а посебно внимание предизвикува и отвореното кино поставено на плажата во близина на фестивалската зграда. За безбедноста на филмските ѕвезди се грижат и невидливите снајперисти на зградите, вооружена полиција, атрактивната коњаница и беспрекорната организација на редарите за проверка на секое движење и влез во фестивалските објекти.

Во првите два дена е неблагодарно да се зборува за можните фаворити за „Златната палма“, но меѓу новинарите и критичарите се оформи став дека под прецизното око на претседателот на жирито, Алеандро Ињаурити, изборот ќе биде неизвесен до самиот крај. Годинешната „Златна палма“ за животно дело му е доделена на големиот француски актер, режисер и продуцент, Ален Делон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

