Култура
Десетици театарски настани, претстави, предавања и промоции на 48. издание на Младиот отворен театар – МОТ
МКЦ го најавува 48. издание на Млад отворен театар – МОТ, од 8 до 18 ноември, со вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастер-клас предавања.
Фестивалот се отвора со домашна продукција – претставата „Декамерон“, во режија на Мартин Кочовски на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Од италијанскиот хуманизам следниот ден на сцена го гледаме рускиот реализам, „Браќа Карамазови“, претстава со која режисерот Оливер Фрљиќ, по девет години се враќа на сцената на Загребско казалиште младих – ЗКМ. Претставата е работена во два дела, како две засебни претстави, заедно заокружувајќи се во една претстава. Па така публиката ќе има можност да избере дали ќе го гледа првиот, вториот или двата дела.
Достоевски е мотив и за крајот на вечерните театарски продукции, каде што ќе го погледнеме „Евангелие по Ф. М. Достоевски“ во режија на Јернеј Лоренци, а во изведба на Српскиот народен театар од Нови Сад, Србија.
МОТ ја продолжува минатогодишната иницијатива за поддршка и промоција на домашната независна сцена.
„И оваа година МОТ ја доделува наградата БИШ, иницијатива што ја почнавме минатата година како дел од нашите заложби за поддршка и промоција на домашната (пред сè) независна сцена. На отворениот повик се пријавија 25 театарски претстави од домашната независна продукција, а на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави тричлено меѓународно жири“, информира Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.
Како дел од ова програма премиерата ќе има и претставата „Поол“ во режија на Шенај Мандек, а во копродукција меѓу минатогодишните добитници на наградата БИШ 2022 Артопија и Хибрид.
Пред скопската публика ќе биде прикажана и претставата „Геа“, во продукција на ErosAntEros од Италија, меѓународна копродукција во која учествува и МКЦ/МОТ-фестивалот, а која е реализирана како најдобар проект на EFFEA-програмата за 2023 година. Во рамките на официјалната програма се уште и продукции од Естонија, Словенија, Германија, Чешка, Турција и Македонија.
При крајот на фестивалот, како потсетување на сцената во Железничката зграда во Скопје, ќе биде претставен перформансот/инсталацијата „Градот како сцена II – приказна за шетачот“ како продолжение на истражувањето претставено во рамките на националниот павилјон на Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс-дизајн и простор во 2023 година.
По годинешното претставување, кое партнерски го реализираа ФРУ и МОТ-фестивалот, во рамките на оваа тридневна програма гости се и водечките лица на Прашкото квардинале.
„Скриената улога на продуцентот“ е насловот на мастер-класот што ќе го одржи Душан Пернат, долгогодишен продуцентот и менаџер за турнеи на Словенско младинско гледалишче од Љубљана. Придружната програма е збогатена и со промоција на монографијата за Коле Чашуле на проф. Ана Стојановска, работилница на режисерот Мираз Метин, а во соработка со „Локомотива“ од Скопје ќе биде реализирана и дискусија – кураторски разговори „Институција која недостасува/Дијалог кој недостасува“.
Дизајн на постерот на фестивалот е Бабак Сафари – графички дизајнер од Иран.
Целосната програма и распоред на фестивалот можат да се погледнат на официјалната страна на фестивалот mot.mk, а билетите може да се набават преку билет-сервисот на МКЦ bileti.mkc.mk.
Годинешната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура (3.900.000 денари), Град Скопје (650.000 денари), а преку партнерства, фондови, амбасади и министерства на други држави за достојно одбележување на фестивалот обезбедени се дополнителни 2.300.000 денари.
Тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите за што ќе добиете навремена информација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

