Култура
Документарецот „Најубавото момче на светот“ во Кинотека
Документарецот што привлече големо внимание на „Санденс“ – „Најубавото момче на светот“ вечерва се прикажува во 18 часот, а утревечер во 20 часот во Кинотеката. Лауреатот на Кан „Меморија“ се прикажува вечерва во 20 часот.
Шведско-германско-францускиот документарец „Најубавото момче на светот“ (2021) ќе биде прикажан вечерва (18 часот) и утревечер (20 часот) во Кинотеката. Филмот е според сценарио и режија на Кристина Линдстром и Кристијан Петри. Документарецот доби огромно внимание на ланскиот Фестивал на независен филм „Санденс“ и забележа десетина номинации за награди на останатите филмски фестивали во светот. Во 1971 година, на светската премиера на филмот „Смрт во Венеција“, италијанскиот режисер Лукино Висконти го претставува младиот шведски актер Бјорн Андресен, тогаш 15-годишен, кој го игра волшебно убавото момче Таџио, во кое е вљубен стариот композитор Густав фон Ашенбах во интерпретација на Дирк Богард. Оттогаш трае и сенката на несаканата слава на Андресен, со која се занимава документарецот на Линдстром и Петри.
Во 1970 година Висконти бара актер што ќе го игра Таџио, лик на млад Полјак од аристократско семејство и го наоѓа во Бјорн Андресен, кој иако млад веќе имал филмско искуство во голем шведски филмски хит „Шведска љубовна приказна“. По успехот на „Смрт во Венеција“ публицитетот што го добил Андресен најмногу бил фокусиран на тоа дали младиот актер во приватниот живот е хомосексуалец, бидејќи Висконти бил еден од најпознатите геј-режисери во филмскиот свет!
Андресен одбивал улоги во хомоеротски филмови и се занимавал со музика (бил школуван на музичка школа во Стокхолм). Снимил неколку поп-хитови кои биле посебно популарни во Јапонија (како и филмот), а јапонските автори на манга стрипови и аниме филмови го користеле неговото лице во нивните анимации.
Филмот е на репертоарот на Кинотека и на 13, 18 и 17 април.
Играниот филм „Меморија“ на Апичатпонг Верасетакул со Тилда Свинтон во главната улога на репертоарот на Кинотеката е вечерва во 20 часот. Тајландскиот автор Верасетакул негува посебна филмска естетика и е своевиден миленик на Канскиот фестивал. Во 2010 година ја освои „Златната палма“ во Кан со „Чичко Бунми кој може да се потсети на неговите минати животи“, а за „Меморија“ ја доби наградата за жирито. Американскиот филм „Ајде, ајде“ на Мајк Милс се прикажува вечерва во 20 часот и утревечер во 18 часот. Играат: Хоакин Феникс, Габи Хофман, Вуди Норман, Скот Мекнери. Филмот на Милс освои десетина награди на филмските фестивали во САД и беше номиниран за БАФТА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.