Култура
„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски денеска премиерно ќе биде прикажан во Венеција
Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“, во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“ – Скопје, денеска, ќе ја има својата светска премиера на 80. издание на Филмскиот фестивал во Венеција. Филмот премиерно ќе биде прикажан во 17 часот, а публиката репризно ќе може да го гледа на 7 септември со почеток во 15.30 часот. „Домаќинство за почетници“ ќе биде дел од натпреварувачката програма Orizzonti во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.
Третиот долгометражен филм на режисерот Столевски е прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажан на Sundance Film Festival во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни“ (Of an Age) го отвори Интернационалниот филмски фестивал во Мелбурн. „Домаќинство за почетници“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а продуцент на филмот е Марија Димитрова од „Лист продукција“ – Скопје.
„Многу ме радува тоа што со продуцентката Марија Димитрова се враќаме токму во Венеција, каде што првпат концептот за „Домаќинство за почетници“ го развивме во работилницата на Биенале колеџ синема во 2019. Во меѓувреме, имавме прекрасно креативно искуство и створивме безброј убави спомени со нашата неуморна, феноменална екипа составена од ценети ветерани и возбудливи дебитанти. Мило ми е што сите емоции, кои заедно ги вложивме во снимањето, се најдоа и во завршениот филм, од кој бескрајно се гордеам“, изјави режисерот Горан Столевски.
Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, ја нагласи исклучителната важност на повторното учество на еден македонски филм на фестивалот во Венеција. „Македонската кинематографија продолжува да реди успеси и да е дел од најреномираните светски филмски настани. По многу години, Македонија лани со мнозински филм се врати во официјалната селекција на фестивалот во Венеција, а оваа година македонски филм финансиран од Агенцијата за филм повторно е дел од најстариот фестивал. Се радувам на успехот на Горан и целата екипа и се надевам ќе успееме да освоиме значајни награди на најстариот филмски фестивал во светот“, посочи Лазаревски.
Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она што самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и за бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамарија Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ (2007) на Кристијан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Северна Македонија. Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а постпродукцијата се работеше на релација Европа – Австралија, и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.
Меѓународниот филмски фестивал во Венеција (Мостра) почна пред неколку дена, а во конкуренција за наградата „Златен лав“ се вкупно 23 филмски остварувања. По повод 80-годишнината од постоењето на фестивалот, во трката за престижната награда во годинашната конкуренција се филмовите на прославените режисери Лук Бесон, Бредли Купер, Дејвид Финчер, Софија Копола, Мајкл Мен, Роман Полански и други.
Во натпреварувачкиот дел од програмата публиката ќе има можност да го гледа новиот филм на Дејвид Финчер, „Убиец“, во кој главните улоги ги толкуваат Мајкл Фасбендер и Тилда Свиндон, како и „Јадници“ (Poor Things) на Јоргос Лантимос, во фантастичната приказна, во која Ема Стоун глуми жена, која во живот ја враќа брилијантниот научник Годвин Бакстер. Режисерот и актер Бредли Купер ќе ѝ се претстави на публиката со филмот „Маестро“, во кој главните улоги ги толкуваат токму тој и Кери Мулиган. Ова остварување претставува режисерски камбек на Купер по оскаровецот „Sвездата е родена“ од 2018 година. Во биографскиот филм на Купер е прикажана брачната битка на легендарниот композитор Леонард Бернштајн и неговата сопруга Фелиција Монтеалегре. Мајкл Мен годинава се претставува со филмот „Ферари“, во кој ќе биде раскажана приказната за бившиот тркач Енцо Ферари, кој се обидува да ги спаси своето семејство и работажта обложувајќи се на легендарната трка Mile Miglia.
Филмскиот фестивал во Венеција е најстариот фестивал во светот и е дел од петте најзначајни фестивали во светот од А-категорија заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Торонто и Санденс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.