Култура
„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски го отвори „Браќа Манаки“

Филмот „Домаќинство за почетници“, по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција го отвори 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „Мала камера 300” на фестивалoт Манаки во 2018 година за краткиот филм „Види ја ти неа” во режија на Горан Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски, по неговото деби со наградуваниот филм „Сестри”.
„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Челај од Косово.
Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Претставата „Едмонд“ денес премиерно во Битолски театар

Претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски, денес премиерно ќе биде одиграна на големата сцена на Битолскиот народен театар. Се работи за петта по ред премиера за оваа година. Директорот Васко Мавровски вели дека во периодот септември 2024 / јуни 2025, е постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници” која ќе се одигра на 25.07.
„Во овој период одиграни се 129 претстави, или на секои 2.5 дена се изведувала по една претстава. Во салите на НТБ, не посетиле 25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава“, рече директорот Мавровски.
„ Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола“, рече режисерот Оливер Мицевски.
Претставата го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто Едмонд го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на Едмонд е : “Внимавај што посакуваш.”
Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
Култура
Скопско лето: В понеделник џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје в понеделник повикува на џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан со почеток во 20.30 часот. Покрај Шаревски, ќе учествуваат и Акира Накамура од Окинава, Јапонија на тапани и Оливер Јосифовски на контрабас.
„Извонредна интеркултурна соработка, каде што триото на Георги Шаревски се обединува со еминентниот јапонски тапанар Акира Накамура за динамичен настап што умешно ја обединува источната прецизност со европската џез естетика.Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури. Со приклучувањето на Накамура и неговиот изразен ритмички јазик и смела импровизациска визија, овој исклучителен настап претставува возбудливо музичко патување исполнето со спонтаност, експлозивна енергија и бесконечен грув“, велат од Дирекцијата за култура и уметност.
Публиката ќе има можност да слушне внимателно избрана програма составена од авторски композиции, кои ги прошируваат хоризонтите на современиот џез израз.
Култура
Џез концерт на 30 јуни – Георги Шарески Трио во Сули ан

Во рамки на програмата на Скопско лето на 30 јуни (понеделник) во 20:30 часот во Сули ан (Стара Чаршија) ќе се одржи концерт на Георги Шарески Трио.
Организаторите велат дека овој концерт претставува извонредна интеркултурна музичка соработка, каде што триото на македонскиот гитарист и композитор Георги Шарески се обединува со врвниот јапонски тапанар Акира Накамура, како и со истакнатиот контрабасист Оливер Јосифовски. Настапот нуди динамична комбинација на автентични авторски композиции, ритмичка прецизност, импровизација и бесконечен џез грув.
Програмата опфаќа внимателно избрани композиции кои ја истражуваат границата помеѓу современиот џез и традиционалната музика, исполнета со енергија, спонтаност и иновативност. Ова е прво гостување на Акира Накамура во Македонија – музичар со светска кариера, кој има соработувано со имиња како Хироми Уехара, David Fiuczynski и BIGYUKI.
Билетите се продаваат по цена од 400 денари, и можат да се набават на влезот од Сули ан, на денот на настанот и онлајн преку платформата Купи карти: https://www.karti.com.mk/skopsko-leto.nspx.