Култура
За првпат електронска апликација за Годишниот конкурс за проекти во културата
Од денеска, 4 октомври, до 6 ноември е рокот за пријавување на Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 година. Рокот за пријавување е продолжен бидејќи од оваа година, за првпат, аплицирањето ќе се одвива електронски.
Mинистерката за култура, Ирена Стефоска, рече дека со тоа се става крај на долгогодишните недостоинствени редици пред Министерството. Посочи дека електронската апликација е направена на колку што е можно поедноставен начин.
„Со оваа апликација се забрзува целиот процес – од пријавување до изготвување решение. Да напомнам дека со затворањето и испраќањето на пријавата секој корисник автоматски добива архивски број на неговата е-адреса. Со тоа се избегнува метежот пред архивата на Министерството за култура, физичкото поднесување документи и, што е многу важно, времето за евалуација на поднесените пријави се скратува за десетина илјади работни часови или во целиот процес се кратат два месеца поради досегашното рачно заведување на пријавите“, рече министерката за култура Стефоска.
Министерката за култура низ бројки ги презентираше придобивките од електронската апликација.
„На последниот конкурс имавме над шест илјади пријави. Секоја поединечно, рачно се заведуваше во архивата. Секоја од тие 6.000 пријави рачно се проверуваше дали е комплетна. Потоа, секоја од тие 6.000 пријави рачно се проверуваше дали соодветствува на поставените услови по дејност и секоја пријава рачно се внесуваше во компјутер. Така минуваа 60-ина дена само за таа процедура. Сега тоа е минато и е направено во полза, пред сè, на оние што конкурираат. Она што е особено важно е дека електронската апликација ја елиминира можноста за злоупотреба, односно да се менуваат или да се додаваат документи откако е завршено пријавувањето. Со тоа го елиминираме и секој сомнеж за евентуално коруптивно однесување при овој процес“, појасни Стефоска.
На веб-страницата на Министерството за култура, покрај електронската апликација, објавени се и општите услови и условите за аплицирање во секоја дејност одделно, а поставено е и видеоупатство за постапката за аплицирање на македонски и на албански јазик. Апликантите за секоја дилема или проблем при аплицирањето можат и директно да се обратат на е-адресите на лицата за контакт, како и на телефонските броеви на вработените во Министерството за култура објавени на веб-страницата.
Електронската апликација за Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата е отворена од денеска, 4 октомври, од 11 часот, а ќе биде затворена на 6 ноември во 12 часот напладне.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

