Култура
„Звукот на идната генерација“ со Македонската филхармонија

„Звукот на идната генерација“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи денеска во 20 часот. На концертот како солисти ќе се претстават талентирани студенти од државните факултети за музика во Македонија, кои по пат на аудиција се избрани да настапат со оркестарот на Македонската филхармонија.
На програмата се дела од Росини, Шостакович, Форсајт, Равел, Росауро, Росе, Данци, Штраус, Кусевицки, Мијо. Диригент на концертот е маестро Сашо Татарчевски, а ќе настапат: Ангел Спировски – оркестарско диригирање (класа: проф. м-р Сашо Татарчевски), Артемида Ќари – пијано (класа: проф. д-р Марија Ѓошевска), Илза Бафтиари – виола (класа: проф. м-р Фросина Балова), Ивана Јанаќиева – пијано
(класа: доц. м-р Кристијан Каровски), Антонио Весковски – удирачки инструменти (класа: проф. м-р Мојца Седеу), Никола Мицевски – кларинет (класа: проф. д-р Сава Димитров), Благоја Василевски – хорна (класа: вонр. проф. м-р Александар Гошев), Александра Чуруковска – контрабас (класа: м-р Александар Поп Христов), Стефан Неделковски – саксофон (класа: вонр. проф. м-р Нинослав Димов) и Филип Каревски – фагот (класа: вонр. проф. м-р Марјан Милошевски).
Концертот е традиционален и е последен од програмата за оваа концертна сезона на Македонската филхармонија. Следува уште еден атрактивен концерт на отворено, како и гостување на свеченото отворање на фестивалот Охридско лето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Актерот на Драмски театар Скопје, Сашо Тасевски е добитник на наградата за најдобра споредна машка улога на четвртото издание на Театарскиот фестивал „5РЕ” во Велес. Наградата ја доби за улогата на Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ во продукција на Драмски театар Скопје.
Наградата за најдобра споредна машка улога ја донесе жирито во состав: Александар Георгиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски и во образложението на наградата се истакнува неговата фантастична изведба на ликот Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ и се додава: „Сашо Тасевски, со неговиот хумор, енергија и актерска виртуозност, ја донесе една од најзначајните улоги во оваа претстава. Неговата игра ги плени сите сетила, одржувајќи баланс меѓу забавата и длабоките емоции што го носат со себе карактерите од оваа комедија“.
Режисерката Теа Беговска воедно е и автор на текстот и адаптацијата на претставата. Во уметничкиот тим што ја работеше „Фамилијата Адамс“ се сценографот Никола Пијанманов, костимографите Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, а музиката е на Енес Беговски. Кореографија ја направи Бојан Лазаров.
Ликовите во претставата ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Гомез Адамс – Предраг Павловски, Мортиша Адамс – Трајанка Илиева Вељиќ, Бабата – Гордана Ендровска, Венздеј Адамс – Нина Елзесер, Фестер Адамс – Сашо Тасевски, Пагзли Адамс – Томислав Давидовски, Лукас, момчето на Венздеј – Марјан Наумов, Деби, бившата љубов на Фестер – Емилија Мицевска, таткото на Лукас – Златко Митрески и мајката на Лукас – Маја Вељковиќ Пановска.
Ликовите на ДУХОВИ во претставата „Фамилијата Адамс“ ги играат студенти на Факултетот за драмски уметности и Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима: Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.
Режисерката Теа Беговска во програмската белешка истакнува дека: „Фамилијата Адамс, овие добро препознатливи и екцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на Светот (каде се закопани нивните предци) – “танцуваат” во СВОЈАТА нормалност, во СВОИТЕ вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но, се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс“.
Претставата Фамилијата Адамс е на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје и наредната изведба е на 26 април во 20 часот. Тоа ќе биде нејзина тринаесетта изведба по премиерата на 25 декември 2024 година.
Култура
Премиера на „Црно семе“ во режија на Андреј Цветановски во битолскиот театар

Претставата „Црно семе“ во режија на Андреј Цветановски, на 16 април ќе биде премиерно прикажана на сцената на Народниот театар во Битола.
Претставата е по култниот роман на Ташко Георгиевски, а зад драматизацијата стои потпиосот на Јелена Цветановска.
Приказната ги обработува страдањата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и борбата да го зачуваат својот национален идентитет. Се изведува во период кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на Георгиевски.
„Судбината на помалите народи е тешка затоа што нивните приказни не се раскажуваат. Ако ние не си ги раскажеме своите приказни, нема кој“, рече режисерот Андреј Цветановски.
На сцената ќе настапат Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Никола Пројчевски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Александар Димитровски, Александар Копања, Марија Цветановска, Петар Спировски, Живко Борисовски, Хари Михајловски. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, музика Димитар Андоновски, кореографија Дамјан Цветановски.
Култура
„12“ на МНТ наградена за најдобра претстава и најдобра режија на фестивал во Велес

Македонскиот народен театар се врати од регионална турнеја (дел на првиот блок патувања), носејќи со себе голема гордост и силни впечатоци.
МНТ веднаш продолжи со својата динамична програма, каде што на 15 април, на IV Театарски фестивал „5РЕ“ во Велес, на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, настапи со актуелната претстава „12“, по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов.
Во согласност со едногласната одлука на жири-комисијата, во состав на: Александар Георгиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски, претставата на фестивалот во Велес стана добитник на две награди: награда за најдобра претстава во целина и награда за најдобра режија.
Извонредните актери во „12“: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев, досега ги освоија домашниот и меѓународниот аудиториум со својата силна социјална порака и извонредна актерска игра, а овие награди се дополнителна сатисфакција за освојување нови признанија.