Култура
Изложба на Хари Дудески во Малта

На покана на Форумот за демократска Македонија во Малта синоќа беше реализиран проект/ изложбата под наслов „Тоа сум јас…“ на авторот Хари Дудески од Македонија. Изложбата во Малта, (токму во времето кога главниот град на оваа држава е град и на европската култура за оваа година) ја отворија заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски, и пратеничката во Собранието, Мери Лазарова.
Хари Дудески е уметник, сликар, графичар и дизајнер кој работи изминатите 25 години во Македонија, со оваа изложба во Малта претстави концепт на визуелизација на знамето преку моментумот со кој се соочува Македонија во годините на воспоставување на државност, транзиција и финализација, преку 12-те варијанти, асоцијација 12-те месеци во една година. Низ промена на сегментите на знамето, како круцијален симбол во еден идентитет, изложбата е приказ на препознатливоста во тој македонски идентитет, како и чувството на припадност во тоа себепрепознавање низ годините кои се живеат во нам познатите околности.
Воедно, ова гостување на претставниците на Владата и Собранието во Малта беше искористено и за средба со дел од членовите на ФДМ, како и претставници на други македонски заедници кои функционираат на островот, во апсект на продлабочување на соработката со македонските институции во време кога во Малта сè уште не е отворено дипломатско-конзуларно претставништво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложбата по повод 45 години од основањето на ФЛУ – Скопје ќе биде отворена до 16 мај

Факултетот за ликовни уметности – Скопје информира дека ревијалната изложба поставена во Музејот на современата уметност, по повод 45-годишнината од основањето на факултетот, останува отворена за посетителите до 16 мај (четврток), 2025 година.
Изложбата, која беше отворена на 3 април, во рамките на централниот настан за одбележување на 45-годишниот јубилеј на ФЛУ, претставува резултат на долгогодишната заедничка соработка меѓу Факултетот за ликовни уметности и Музејот на современата уметност, со цел да се одбележи богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена. Поставката симболично го прикажува континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
Изложбата прикажува избор на 45 дела од 45 автори, од колекцијата на МСУ, како и дела во сопственост на уметниците – наставен кадар на ФЛУ, почнувајќи од неговото основање до денес. Преку внимателно селектирани дела и архивски материјали, изложбата нуди ретроспективен поглед врз речиси половина век дејствување на ФЛУ како носител на ликовното образование и уметничка мисла во земјата.
Овој избор има за цел да ја отслика разновидноста на уметничките практики и правците што се развивале низ годините, нагласувајќи го нивниот континуиран дијалог со современите текови во уметноста. Преку оваа изложба, посетителите имаат можност да ги согледаат промените во визуелниот јазик и концептуалните пристапи што ги обликувале уметниците поврзани со ФЛУ, но и поширокиот уметнички контекст во кој тие твореле. Таа е и можност за новите генерации да се запознаат со историјата на институцијата, но и со нејзината улога во обликување на иднината на уметноста кај нас.
Култура
Објавени наградите за Меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”

Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје денес ги соопшти наградите и признанијата за Меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”.
Фестивалот е традиционален и годинава ќе се одржи на 15 мај, со почеток во 12 часот, во Културниот центар „Феникс” во Скопје.
Како и минатата година, и годинава ќе бидат доделени вкупно седум награди и признанија и тоа: „Балкански книжевни видици” на писателот Селимир Радуловиќ (Нови Сад) – за меѓународни книжевни вредности и релации; „Отворен круг” на писателот Стефан Марковски – за иновации и експерименти во книжевноста; „Премостувања” на писателот Шаип Емерлаху – за презентација и афирмација на македонското литературно творештво на Фестивалот „Денови на Наим Фрашери” во Тетово; „Хаикин“ на писателката Елена Пренџова – за посебен придонес во Хаику поезијата; „Литературни координати” на писателката Роза Бојанова (Бугарија) – за соработка и доближување на литературите; „Македонски корени” на писателот Ивица Челиковиќ (Шведска) – за неговото литературно и преведувачко творештво и „Големиот Принц” на писателот Мито Спасевски – за придонесот на планот на литературата за деца и млади.
Култура
„Ода на радоста“ – музичка посвета за Денот на Европа од Пламенка Трајковска

По повод 9 Мај – Денот на Европа, македонската виолинистка Пламенка Трајковска потсетува на синглот „Ода на радоста“, инспириран од универзалните европски вредности на мир, заедништво и културна поврзаност.
Во духот на Бетовеновата музика и европското мото „Обединети во различноста“, оваа изведба не е само звучна интерпретација, туку порака на надеж и заедништво во време кога светот повеќе од кога било има потреба од сплотеност.
„Нека музиката не потсети дека Европа не е само географија – тоа се вредности што ги споделуваме и негуваме секојдневно“, вели Трајковска, која со години го поврзува класичниот израз со современ културен ангажман.