Култура
Инва Мула: Охридско лето е фестивал што се грижи за уметниците и за доловувањето на уметноста
„Особено ми значи што сум дел од 59. по ред издание на фестивалот Охридско лето, што подразбира дека станува збор за еден сериозен фестивал кој навистина се грижи за уметниците и за доловувањето на уметноста“, изјави светски познатата оперска певица, сопранот Инва Мула од Албанија, на прес-конференција, која вечерва, заедно со своите гости, сопранот Дешира Ахмети и тенорот Ѓорѓи Цуцковски, како и пијанистот Генц Тукичи, ќе одржи концерт на Охридско лето.
„Благодарам на поканата да бидам овде, во ова уникатно место во Европа. Пред повеќе години учествував неколкупати на фестивалот и сè уште се сеќавам на магичниот амбиент на црквата ‘Света Софија’ во која настапував. Посебно ми е мило што нема да се претставам сама вечерва, туку со моите колеги Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски. Добро е енергијата што ја поседувате да ја споделувате и да направите убава синергија со другите гласови“, изјави Инва Мула.
Заедно со неа вечерва доаѓа и нејзиниот колега и сонародник, пијанистот Генц Тукичи, со кого соработува веќе три децении.
„Двапати сум бил во Скопје, но во Охрид настапувам првпат. На Охридско лето, во црквата ‘Света Софија’, учествувал и мојот татко во далечната 1970 година и има големи импресии од тој настап. За мене, тоа е посебно доживување, да ја продолжам традицијата што ја негуваше татко ми“, рече пијанистот Тукичи.
Големиот македонски тенор, уметникот Ѓорѓи Цуцковски, е гостин на вечерашниот концерт со три нумери, но, како што рече, кај него е голема возбудата што настапува со Инва Мула и токму на фестивалот Охридско лето.
„За мене, како македонски уметник, Охрид и Охридско лето имаат навистина специјално значење и морам да истакнам дека сум многу повеќе возбуден денес отколку кога настапувам на реномираните светски сцени. Вечерва, во публика ќе ги имаме нашите престижни македонски уживатели на сериозната музика, а имаме многу пријатели што ќе дојдат да ја проследат спекракулатната Инва Мула“, рече Цуцковски.
Соработката на македонските уметници, тенорот Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Ахмети од Националната опера и балет на Република Северна Македонија, со големата дива Инва Мула ќе продолжи и во иднина, најави сопранот Дешира Ахмети.
„Јас и Ѓорѓи сме многу среќни што веќе неколку години соработуваме со Инва Мула. Имавме прекрасен концерт во 2012 година со Оркестарот на Националната опера и балет на нашата држава, а исто така Инва беше поканета и на Мајските оперски вечери. Што се однесува до нашиот вечерашен концерт, јас првпат настапувам на магичната сцена во црквата ‘Света Софија’. Покрај настапот на прекрасната Инва, ќе имаме многу убави дуети, избор што таа го направи за вечерашниот репертоар на фестивалот“, најави Дешира Ахмети.
Селекторот на музичката програма на фестивалот Охридско лето, Васо Ристов, истакна дека Инва Мула е еден од најголемите сопрани во светот, позната од филмот „Петтиот елемент“.
„Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Улогата на Виолета во ‘Травијата’ претставува еден вид уметнички потпис, па, така, ја повторува и во Виена, Милано, Лондон, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид. Нејзините сценски партнери се некои од најпознатите тенори на нашето време, како Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго Виторио Григоло. Како голем уметник редовно е поканета да одржува семинари на академиите во Париз и Санкт Петербург. Учесници на вечерашниот концерт вечерва ќе бидат и моите драги колеги од Националната опера и балет на Република Северна Македонија, Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски. Вечерва ќе имаме едно посебно доживување во црквата ‘Света Софија’“, рече селекторот Ристов.
Директорката на фестивалот Охридско лето, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција најави дека интересот за вечерашниот концерт на светски позната оперска певица Инва Мула и нејзините гости на вечерта, Дешира Ахмети, Ѓорѓи Цуцковски и Генц Тукучи, кај публиката е огромен.
„Нè радува фактот што има голема заинтересираност за вечерашниот концерт не само од локалните посетители туку и од гости од поширокиот регион“, нагласи Поповиќ.
Концертот на големите уметници ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).