Култура
Концерт на Филхармонијата со Кристијан Рајф и Афродити Патулиду
Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонска филхармонија ќе го одржи концертот со наслов „Одисеја“, на која ќе бидат изведени дела од скандинавските композитори Едвард Григ и Јан Сибелиус. Диригент е Кристијан Рајф од Германија, а како солистка ќе настапи Афродити Патулиду од Грција.
Германскиот диригент Кристијан Рајф е новоименуван шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Гавле, Шведска, позиција на која ќе остане до сезоната 2025/2026. Во изминатиот период Рајф воспостави висока репутација на светските сцени, особено поради неговата природна музикалност, иновативност и висока техничка прецизност во водењето на оркестрите. Со Гавле оркестарот, покрај тековната програма, ќе ја предводи и турнејата во Шведска во март 2024. Од 2022 година Рајф беше на функцијата музички директор на фестивалот во Минесота, Lakes Area, кој е посветен на нарачка на нови дела од областа на камерната музика, како и од оперскиот и симфонискиот репертоар. Најистакнатите моменти од сезоната 2023/2024 вклучуваат и негови настапи со Симфонискиот оркестар на Синсинати, Симфонијата на Сент Луис, Симфонијата на Сиетл, Симфонијата на Милвоки, Шведскиот радио-симфониски оркестар, Филхармонискиот оркестар на Брно, како и настапот на летниот музички фестивал Grand Teton. Мошне значаен е неговиот настап како диригент на грандиозното дело на славниот композитор Џон Адамс – „Ел Нињо“ (опера-ораториум), за кое направи свој аранжман, а кое ќе го изведува со симфонијата „Синсинати“, како и со Американската модерна оперска компанија, на турнеја во САД. Рајф беше постојан диригент на Симфонијата на Сан Франциско, како и музички директор на тамошниот младински оркестар. Студирал со Алан Гилберт на „Џулијард“ и со Денис Расел Дејвис во „Моцартеум“ во Салцбург. Добитник е на повеќе значајни награди за диригирање.
Сопранот Афродити Патулиду, родена во Солун, Грција, се смета за една од најинтересните пејачки ѕвезди во подем. Таа е и текстописец и фотограф, но негува и огромна страст кон сликарството и поезијата. Настапува во театри, како Државната опера во Берлин, Кралскиот театар во Мадрид, Грчката национална опера, во концертни сали, како Берлинската филхармонија или„Концертгебау“ во Амстердам. Нејзините улоги на Ана Трулова во „Животот на развратникот“ од Игор Стравински, Ел во „Човечкиот глас“ на Франсис Пуланк, Сузана во „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт, Белинда во „Дидо и Енеј“ од Хенри Персл, Софи Шол во „Бела роза“ од Удо Цимерман, се мошне позитивно оценети од меѓународната критика. Соработувала со врвни диригенти, како Барбара Ханиган, Кирил Петренко, Мануел Наври, Тито Чекерини… Патулиду беше една од првите уметници што зеде учество во „Еквилибриум“ – иницијативата за млади уметници на Барбара Ханиган. Таа гостува и во познатата компанија на германската кореографка и танчарка Саша Валц, а беше и главен вокал во хеви-метал бендот „Игоррр“. Како композиторка пишува во разни музички манири и жанрови. Живее во Берлин, а студирала на Универзитетот „Македонија“ во Солун, потоа на Кралскиот фламански конзерваториум во Брисел, како и на Универзитетот за уметности во Берлин. Исто така, учела и народно пеење, а свири пијано, гитара и никелхарфа. Добитничка е на повеќе значајни стипендии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.