Култура
Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска јавно упати повик веднаш да се свика Комисијата за култура во Собранието и да се усвои Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик, порачувајќи дека македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси.
„Упатувам јавен апел до претседателот на Комисијата за култура во македонското Собрание, Кастриот Реџепи да ја активира работата на Комисијата и да обезбеди амандманска расправа за Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик.Секое одложување на овој процес е во директна спротивност со меѓусебното и меѓукултурно почитување на различните заедници во нашето општество. Јазиците се средство за комуникација, но и културно наследство и идентитетско обележје, а македонскиот јазик е прв официјален јазик на нашата држава. Неговата заштита, промоција и употреба е приоритет кој мора да биде обезбеден и испочитуван“, напиша на својата Фејсбук страница министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик е изготвен и усогласен со Советот за македонски јазик, а во негова изработка учествуваше и пошироката стручна јавност. Носењето на новиот закон е поддржано од сите пратенички групи кои изразија подготвеност амандмански да учествуваат во неговата финализиција.
Министерката Костадиновска-Стојчевска на крај пишува:„Уште еднаш апелирам до претседателот на собраниската Комисија за култура, Кастриот Реџепи да покаже политичка одговорност кон македонските граѓани за важноста од донесувањето на овој закон“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Физиогномски белешки/потиснати соништа – ликовна изложба во Галеријата Метаоја во Скопје

Вечерва со почеток во 19 часот, во Галеријата Метаоја во Скопје ќе биде прикажана ликовната изложба „Физиогномски белешки/потиснати соништа“.
Изложбата се состои од тресеттина ликовни дела изработени во Психијатриската болница во Демир Хисар и на истата учество ќе земат единаесет лица: уметникот Тони Попов, историчарката на уметност Јасмина Котевска и девет лица штитеници на Психијатриската болница од Демир Хисар.
„Физиогномски белешки / потиснати соништа“ се ликовни дела создадени од девет лица – штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар, за време на сликарските работилници во 2024 и во 2025 година, предводени од ликовниот уметник Тони Попов. Сликарските работилници немаа за цел само да создадат ликовни дела кои ќе го збогатат творештвото на арт брут уметноста во земјата, туку имаа и терапевтска функција. Станува збор за групни работилници во кои учесниците имаа можност да се запознаат, да ги разменат и искажат своите мисли и емотивни состојби, главно преку сликарството како примарна форма на комуникација. Резултатите се слики – визуелни дијалози со себе, интимни исповеди на потиснатите желби.
На изложбата ќе бидат прикажани слики кои ликовно го обработуваат портретот како предмет на сликарско истражување и слики со архитектноски приказни.
Портретната уметност покрај функцијата на претставување на физиономскиот лик на личноста која се портретира, во себе носи многу подлабоко значење и во суштина претставува визуелна претстава (физиогномска белешка) на карактерот и психолошко-емоционалните состојби на личноста, ликовно обликувајќи го невидливото во човекот.
Изложбата ќе биде отворена се до 10 септември.
Култура
Концерт на музичари од поранешна Југославија во Филхармонијата

Во петок, 5 септември, во Камерната сала на Македонската филхармонија, публиката ќе има можност за прв пат во Скопје да го слушне No Borders Orchestra, ансамбл во кој свират најдобрите професионални музичари од поранешна Југославија.
Програмата ќе вклучува некои од најубавите дела некогаш напишани за гудачки оркестар: Adagietto од Малер, Verklärte Nacht од Шенберг и Metamorphosis од Штраус. Ова се дела кои, според уметничкиот директор Премил Петровиќ, претставуваат експлозија на страст собрана околу темите Љубов и Смрт.
Делата на овие тројца композитори се среќаваат и се одразуваат во делата на најважните помлади регионални композитори, меѓу кои е и една композиторка од Северна Македонија, кои го тематизираат нашето време на криза и неопходната потреба за трансформација на сите нас и на сите нивоа. Композиции од Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винце (Хрватска), Дарија Андовска (Северна Македонија) и Марко Никодијевиќ (Србија) беа напишани специјално за овој проект.
Социјалната мисија на овој ансамбл, во кој свират музичари од Западен Балкан, секогаш укажува и охрабрува позитивни општествени промени, соработка и толеранција, но исто така допира до луѓето и комуницира со публиката на иновативен и емотивен начин.
Култура
Кинотеката на Македонија ја почнува новата Филмска училница

Кинотеката на Македонија од 13 септември 2025 ја почнува новата Филмска училница, едукативна програма наменета за ученици од основното образование (11 до 14 години), кои сакаат да ја откријат магијата на филмот и да ги совладаат првите чекори во создавањето сопствени кратки филмови.
Филмската училница ќе се одвива секоја сабота, во текот на десетина последователни викенди, до почетокот на декември. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање филм – од идеја и сценарио, преку снимање и монтажа, до финална проекција пред публика.
Сите училници ќе ги предводи режисерот Саша Станишиќ, долгогодишен едукатор и филмски професионалец, а во улога на гости предавачи ќе се вклучат и монтажери, кинематографери, сценаристи и продуценти, кои ќе им ги откријат на младите филмаџии тајните на професијата.
Филмската училница 2025 се реализира во рамките на меѓународниот проект FilmED, финансиран од Европската Унија преку програмата Creative Europe – MEDIA, со цел развој на филмска писменост, промоција на европската кинематографија и збогатување на едукативните ресурси за млади. Проектот ги обединува институциите и организациите од Македонија (Кинотека на РС Македонија), Полска (Центар за филмска култура „Анджеј Вајда“), Унгарија (Национален филмски центар на Унгарија), Чешка („Крутон“) и Словачка (кино „Усмев“), со координација на Гете-институтот од Прага.
Со оваа иницијатива Кинотеката продолжува со својата посветеност на младата публика и развивање нови генерации што критички ќе го разбираат и креираат филмот како медиум што ги поврзува креативноста, културата и современото образование.
Повеќе информации за проектот можете да пронајдете на веб-страницата https://film-ed.eu/.
Сите дополнителни информации можете да ги добиете на веб-страницата https://kinoteka.mk/, https://filmskauchilnica.mk/, како и на телефонскиот број +389 78 398 085 и на е-поштата [email protected]