Култура
Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура и Скопје имаат капацитет да бидат Европска престолнина на културата во 2028 година
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, оствари средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како подготовка пред заедничкото претставување на апликацијата „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година“, што ќе се одржи во Европската комисија во Брисел.
Во седиштето на ЕУ во септември ќе се одржи панел-дискусија, на која независни експерти назначени од институциите и телата на Европската Унија ќе ги оценуваат апликациите. Во потесниот круг за оваа престижна титула на натпреварот меѓу градовите на ЕФТА/ЕЕА се влезени Скопје и Будва.
„За нас, апликацијата ‘Скопје – Европска престолнина на културата“, е од огромно значење бидејќи ќе донесе афирмација на македонската култура во сите нејзини сегменти, од културното наследство до современата архитектура и изведувачките уметности. Да се биде град кој една година ќе биде во фокусот на европската културна јавност е престиж и привилегија, кои ги поттикнуваат сите домашни ресурси за исполнување на условите – од организациски, просторен и од програмски аспект. Да се биде престолнина на културата е можност за анимирање многу општествени, културни и економски капацитети и придобивки на Град Скопје и на целата држава. Убедена сум дека културата, нашите институции и независната сцена, поединци и културни оператори имаат капацитет за изготвување програма со европски квалитет и вредности. Впрочем, голем број од нив тоа веќе и го докажуваат преку вклученост во мрежата на европските фестивали и настани“, рече министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска.
Со градоначалничката Арсовска беше разговарано за заедничките заложби што Градот и Министерството за култура ќе ги вложат во периодот пред панел-дискусијата во Брисел за потребата од истакнување на квалитетот и капацитетите што ги имаат Скопје и Северна Македонија за да бидат домаќини на европски уметници, за учеството на нашите експерти во евалуацијата на апликациите. Соговорничките се договорија да изготват заедничка платформа за претставување на културната сцена на Северна Македонија и на потенцијалите што ги има државата за искористување на европските фондови и можности и поголема присутност преку програмата „Креативна Европа“ пред ЕУ. Арсовска и Костадиновска-Стојчевска со оптимизам го најавуваат македонското претставување на панел-дискусијата во Брисел потенцирајќи ја нашата органска поврзаност со европските вредности, а тоа се надеваме дека ќе биде повредено преку позитивниот резултат од нашето кандидирање за Европска престолнина на културата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Искра“ – концерт на Македонската филхармонија со виртуозот на виолина Роман Симовиќ
Македонската филхармонија го најавува концертот „Искра“ кој ќе се одржи на 16 мај (четврток) со почеток во 20 часот. Како солист, овој пат ќе настапи еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ, моментно концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, Марински театар и Минхенската филхармонија.
Врвниот Симовиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр.1 од најзначајниот руски симфоничар Димитриј Шостакович, дело кое се смета за едно од неговите најдобри дела, а му го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.
Оваа вечер, на програмата се и Адаџото од гудачки квинтет во F-dur од австрискиот музички гениј Антон Брукнер, како и Симфонијата бр. 5, оп. 55 во b-moll од Александар Глазунов наречена „Херојска“, опишана како „архитектонска поема“.
Маестро Даниел Рајскин (1970) е познат како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката коишто ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што тоа ја поттикнува кај изведувачите.
Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008 на „Артур Рубинштајн“ – филхармонијата во полскиот град Лоѓ. Неговите ангажмани како гостин диригент се бројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонгконг синфониета, Националниот оркестар во Латвија, „Моцартеум“ оркестарот во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радио-симфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, Берлин итн. Познати се неговите ангажмани како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за холандската компанија „Opera Zuid“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња како Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот…
Еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ (1981), моментно е концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, а во истовреме е ангажиран и како концерт-мајстор со Марински театар и со Минхенската филхармонија. Се издвојува од останатите виолинисти по неговата брилијантна виртуозност со неограничена имагинација. Заедно со неговиот вроден талент за музика, овие квалитети ќе го однесат Симовиќ на светските сцени, настапувајќи со врвни оркестри и диригенти. Наградите се уште една потврда за неговата исклучителна уметничка физиономија: Родолфо Липицер (Италија), Сион-Вале (Швајцарија), Јамполски виолинскиот натпревар (Русија), Хенри Виењавски (Полска), кои го сместија меѓу најзначајните виолинисти од неговата генерација. Како солист, настапувал со врвните ансамбли како што се Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на театарот Марински од Русија, Камерниот оркестар „Франц Лист“ од Унгарија, Камерата Берн од Швајцарија, Камерата Салцбург од Австрија, Филхармонијата на Прага итн., со диригенти како што се Валери Гергиев, Антонио Папано, Даниел Хардинг, Џанандреја Носеда, Кристијан Јарви… Со семејството емигрирал од Украина во 1991 година, во најлошото време за овие простори, во време на војна, инфлација, ембарго. И самиот вели дека бил принуден да си замине и од Украина, каде што, исто така, ситуацијата била лоша. Студирал на Академијата во Цетиње, а со стипендијата којашто ја добил од државата заминал во Москва на постдипломски студии, кога почнала и неговата сериозна уметничка приказна. Вели дека Русија му го сменила животот и дека неговата професорка Марина Јашвили му наметнала нов начин на размислување на свирење на виолина.
Култура
PMG JAZZ / SETH STAT на Тиранскиот џез фестивал
Извонреден настап во Тирана на еден од етикетата PMG JAZZ, составот SETH STAT. Сето она што изминативе четириесет години го посеа во македонската култура, Оливер Белопета со неговата огромна и извонредна работа на Скопскиот џез фестивал, денес почнува да раѓа сериозни плодови.
Еден од нив е продукцијата PMG JAZZ и нејзините артисти. Вчеравечер на тиранската „Академија за уметност“ се одржа првата вечер од Тиранскиот џез фестивал, каде на прекрасен начин се претстави македонскиот состав SETH STAT.
„Во доцните вечерни часови овде во Тирана, нивната музика правеше хипнотични слики со мирис на скопските ноќи. На моменти потсетува како да е излезена од некој филм на Џармуш или Алмодовар. Нашите музичари настапија со една голема сигурност, модерност и светски начин. Ова беше големо изненадување за тиранската публика, која ги награди со аплаузи и внимание“, информираат од Македонскиот КИЦ во Тирана.
Македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, најавува за недела, 12 мај 2024 на истиот фестивал, настап на нашиот новоформиран ,,Национален џез оркестар“.
Култура
Вардан Toзија – најдобар режисер на фестивал во Јужна Америка
Македонскиот режисер Вардан Тозија ја освои главната награда за Најдобра режија во интернационална конкуренција на најголемиот жанровски филмски фестивал во Јужна Америка, Fantaspoa. Fantaspoa, чие јубилејно 20-то издание се одржа во Порто Алегре, Бразил, е единствениот фестивал од Јужна Америка што е дел од престижната Мелиес – Европска Филмска Федерација на фантастични филмови, организација која ги обединува најзначајните 22 жанровски филмски фестивали во светот.
Силвија Каминер, членка на интернационалното жири на Фантаспоа, го опиша филмот “М“ како “прекрасна и прогонувачка приказна. Тозија внесува нов живот во зомби жанрот, преку чудесен визуелен израз и исклучителна актерска изведба на двете мали ѕвезди“.
Филмот “М“ беше дел од интернационалната селекција, составена од 24 филмови од целиот свет, во најголем дел со свои светски и континентални премиери. По успехот на овој македонски филм, се очекува широка дистрибуција низ земјите на Јужна Америка.
Ова не е единствениот неодамнешен успех на “М“. На годинашното издание на еден од најстарите филмски фестивали во САД, World Fest Houston International Film Festival, македонскиот филм ја доби наградата “Златно Реми“ во огромна конкуренција од над 4000 филмови.
Фестивалот во Хјустон низ својата петдецениска историја, промовирал голем број на прославени филмски имиња на американската и меѓународната сцена. Во последните години, фестивалот има ревијален карактер, при што доделува бројни награди во десет одделни категории во рамките на светската кинематографија.
Вториот долгометражен филм на Вардар Тозија, „М“ е во продукција на „Фокус покус филмс“. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм и е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција.