Скопје
Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка, вели Стефковски
Во објава на својата официјална страница на „Фејсбук“, градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, се осврна на изборните резултати и побара оставка од градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, бидејќи, како што вели Стефковски, тоа е волјата на скопјани.
„Време е Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка! Кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција, која се избира на непосредни избори, извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник.
Бројките велат дека во 2021 година Данела Арсовска е избрана за градоначалник на град Скопје со гласовите на 118.545 скопјани, а на вчерашните избори Данела Арсовска преку својата партија во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Сарај и Шуто Оризари освои вкупно 2.584 гласа.
По ваквиот резултат, јасно е дека Данела Арсовска го загуби кредибилитетот да продолжи да го води градот Скопје. Скопје му припаѓа на скопјани, а не на Данела Арсовска.
Скопјани вчера ѝ порачаа на Арсовска дека е време да си замине! Затоа ја повикувам Данела Арсовска да поднесе оставка од функцијата градоначалник на град Скопје бидејќи тоа е волјата на скопјани. Време е Скопје да се врати на скопјани!“, пишува Стефковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Реконструирана училишната спортска сала во основното училиште „Мирче Ацев“
Општина Ѓорче Петров финишира со реконструирањето на училишната сала во основното училиште „Мирче Ацев“, која е веќе пуштена во употреба.
При реконструкцијата изведен е менување на подот во салата, каде што беше поставен нов гумиран под, бојадисување, молерисување на ходникот и кабинетот на наставникот по физичко образование, целосно нова вентилација и опремување со нови спортски реквизити, извести Општина Ѓорче Петров.
Овој проект беше неопходен за нормално одвивање на часовите по физичко образование на основците. Со неговото завршување направен е чекор плус во создавањето добри услови за настава во една од шесте образовни институции во Ѓорче Петров.
Проектот е реализиран во соработка со Министерството за образование и наука, се додава во соопштението на Општина Ѓорче Петров.
Скопје
Вежбалница на отворено првпат во општина Илинден
Комплетно опремена спортска вежбалница на отворено првпат добија жителите на општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко-велосипедската патека во Марино.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека во рамките на ова фитнес-катче, каде што младите, па и повозрасните жители на општината, ќе можае да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес-справи.
Досегашната пракса на инвестирање и создавање услови за спортување постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортскиот терен за вежбање на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, соопштуваат од Општината.
Скопје
Санкционирани 191 непрописно паркирано возило на територијата на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје санкционираа 191 непрописно паркирано возило кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 13.05. до 19.05.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 102 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 89 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани“, велат од ПОЦ.
За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, се додава во соопштението на ПОЦ.