Култура
Костадиновска-Стојчевска: СДСМ воведе ред и во областа на културата, денес е достапна за сите подеднакво
„Помина времето кога се зголемуваат платите по телефон на културните работници, своеволно и како и со какви профили се унапредувале. Воведовме ред и во начинот како ќе се инвестира, нема повеќе инвестирање само во главниот град. Оваа година стапката за капитални дотации до Единиците на локалната самоуправа, за прв пат изнесуваше 40 милиони денари. Девет општини со своите специфични проекти ќе, ќе придонесат во развојот на културата и во малите градови, не само во големите општини и главниот град“, рече потпретсеталката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска на трибината „Резултати кои прават разлика“, на тема „Култура за сите, култура над сè“.
Таа во своето обраќање укажа дека слоганот „Култура за сите, култура пред сè“, е карактеристичен за социјалдемократски политики, кои ја одразуваат посветеност на Владата предводена од СДСМ за зачувување, афирмација и промоција на богатото културно наследство, и дома и надвор од нашата земја.
„Покажуваме на дело што значи патриотизам и како се слави и вели ликот и делото на најзаслужните за нашиот убав македонски јазик и богато литературно творештво. За нив беше џуџе, ЏИНОТ ОД НЕБРЕГОВО, Блаже Конески. За нас е великан и затоа Министерството за култура преку Советот за македонски јазик поведе иницијатива родната куќа на Блаже Конески во Небрегово и училиштето каде што учел да се прогласат за „Културен комплекс Блаже Конески“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
МНТ со „Ничија земја“ излегува на европската сцена, ќе гостува во Националниот театар во Будимпешта
Во среда, на 19 ноември, Македонскиот народен театар ќе гостува на сцената на престижниот Национален театар „Nemzeti Színház“ во Будимпешта, Унгарија со наградуваната претстава „Ничија земја“.
Гостувањето е значаен исчекор во продлабочувањето на културната соработка меѓу двете институции, како резултат на Меморандумот за соработка, кој го потпишаа директорите Никола Кимовски од МНТ и Атила Видњански од Националниот театар во Будимпешта. Веќе следната година напролет, унгарскиот Национален театар ќе возврати посета со гостување во МНТ.

Во пресрет на гостувањето на МНТ во „Nemzeti Színház“, директорот Никола Кимовски потенцираше дека ова е голема чест и силна потврда за квалитетот и зрелоста на нашиот ансамбл.
„Ова гостување е повеќе од еднократен културен настан, и е ново поглавје во нашата меѓународна соработка. Унгарската публика ќе има можност да ја почувствува енергијата на „Ничија земја“, а ние со ист ентузијазам го очекуваме нивното гостување во Скопје следната година. Верувам дека ова партнерство ќе прерасне во долгорочна и продуктивна размена.“, изјави Кимовски.
Претставата„Ничија земја“ во Будимпешта ќе се одигра во 19 часот, а по изведбата ќе се одржи „Сесија разговори“ (Q&A) меѓу македонските актери и публиката. По дискусијата, Националниот театар ќе организира пригоден коктел за целата македонска екипа.
За време на посетата, директорот Кимовски ќе има и официјален прием кај директорот на „Nemzeti Színház“, Атила Видњански, за зацврстување на понатамошната соработка и развивање нови културни проекти меѓу двете институции.

Публиката во Будимпешта ќе има можност да ја погледне претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов и во изведба на актерскиот ансамбл: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Александар Михајловски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.
Современиот театарски комплекс со кружна форма – „Nemzeti Színház“, располага со четири изведбени сцени: Голема сцена со капацитет од 619 седишта, Студио сцена – флексибилен современ простор со 150 подвижни седишта, сала за помали претстави и мал интимен сценски простор. Дополнително, театарот има и отворена сцена на брегот на Дунав, која се користи за летни и специјални настани.
Театарскиот комплекс е опкружен со градина и парк со скулптури, „театарски цитати“ – сценографски елементи и уметничко-просторни инсталации, инспирирани од историјата на театарот, хортикултурата и архитектурата. До влезот на театарот се пристапува преку мост, алузија на монументалните пристапи во традиционалните големи театри.

Плоштадот пред главниот влез на театарот изгледа како преден дел од брод што навлегува во вештачко водно корито – симболично продолжение на Дунав. Во водата пред театарот е прикажана силуетата од старата зграда на Националниот театар.
Во паркот се наоѓаат две големи просторни инсталации: лавиринт од високи живи огради и пирамидална градба – инспирирани од античките храмови и митски градби.
Култура
„Јон Вардар“ со награда во Њу Делхи
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ ја освои наградата „Сребрен Чин“ доделена од детското жири на 19. издание на CHINH India Kids Film Festival & Forum, што се одржа од 9 до 14 ноември во Њу Делхи, Индија.

CHINH фестивалот е една од водечките азиски платформи посветени на детски филм и медиумска писменост. Организацијата, предводена од културните активисти Минакши и Винај Рај, веќе речиси две децении создава уникатна средба меѓу уметниците и младата публика. Карактеристично за фестивалот е што децата самите ги гледаат, дискутираат и гласаат за филмовите, што ја прави наградата уште позначајна.
Фестивалот CHINH е познат и по тоа што наградените филмови влегуваат во нивната широка образовна мрежа од библиотeки, училишта и културни центри, што може да отвори нови можности за прикажување на филмот низ Индија и пошироко.

„Ова признание ни е особено драго затоа што доаѓа директно од публиката за која филмот е создаден,“ изјави режисерот Гоце Цветановски по добивањето на наградата. „Индија има неверојатна традиција во детската култура и образование, и голема чест е да се најдеме меѓу наградените филмови.“
Култура
Поддршка за културата во Битола: MINT зад Шекспир фестивалот 2025
Денес официјално започнува Шекспир фестивалот во Битола, еден од најзначајните и најреномирани театарски настани во регионот, кој годинава повторно ги обединува највлијателните и најиновативните Шекспирови продукции од светот.
Организиран од Народниот театар Битола, фестивалот претставува платформа каде класичните драмски текстови добиваат современи интерпретации, а Битола станува центар на висока сценска уметност.
Во пресрет на свеченото отворање, денес се одржа работна средба помеѓу директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, и генералниот директор на MINT Fintech Group, Никола Јошевски. MINT е долгогодишен партнер и спонзор на Народниот театар Битола, а годинава ја проширува својата поддршка и како клучен спонзор на Шекспир фестивалот.
Средбата, одржана во фоајето на театарот, беше можност за разговор за заедничката визија, новите идеи и стратешкото планирање на програмските и културните иницијативи за 2026 година.
„MINT продолжува да вложува во културата не како обврска, туку како уверување дека уметноста ја гради заедницата, а силната културна сцена значи силно и одржливо општество,“ истакнаа од компанијата.
Вечерва, со кревање на завесата, Битола повторно ќе стане театарски центар чијашто традиција, енергија и визија ја прават препознатлива на културната мапа на регионот.
(ПР)

