Култура
Костадиновска-Стојчевска: Со капиталните дотации во општините го зајакнуваме локалниот културен идентитет

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Владата ги потпиша договорите од Програмата за користење на капитални дотации за инвестициони проекти во единиците на локалната самоуправа во областа на културата за 2024, заедно со градоначалниците корисници на средствата од оваа програма.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека годинава, за оваа намена, буџетот е зголемен за 10 милиони денари и изнесува 50 милиони денари, а поддржаните 11 проекти се континуитет во поддршката за одржлив и функционален развој на локалната култура како неприкосновен, суштински дел од нашиот културен идентитет.
„Владата и Министерството за култура потврдуваат дека ги препознаваат потребите на локалната култура, ги вреднуваат креативните напори за нејзин опстој и со конкретна поддршка придонесуваат кон квалитетот на локалниот развој и имплементацијата на културните политики подеднакво во целата држава“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура потенцираше дека суштината на капиталните дотации е во нивната крајна цел – поттикнување и охрабрување на културниот и на креативниот потенцијал, културната разноликост како оригиналност, оригиналноста како културна вредност.
„Помагајќи им на општините во постигнување на квалитетен локален културен живот, сакаме и да го предизвикаме потенцијалот кај младите и искуството на возрасните“, рече Костадиновска-Стојчевска, повикувајќи ги уметниците да му се посветат на културниот развој на својот град, на својата општина, а како што нагласи, Владата е тука да потсетува и на стратешката улога на културата – „тој постојан повик на креативна будност и уметничка слобода“.
Во Програмата за капитални дотации во 2024 година поддржани се инфраструктурни проекти во 11 општини, кои треба да реализираат до крајот на годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Физиогномски белешки/потиснати соништа – ликовна изложба во Галеријата Метаоја во Скопје

Вечерва со почеток во 19 часот, во Галеријата Метаоја во Скопје ќе биде прикажана ликовната изложба „Физиогномски белешки/потиснати соништа“.
Изложбата се состои од тресеттина ликовни дела изработени во Психијатриската болница во Демир Хисар и на истата учество ќе земат единаесет лица: уметникот Тони Попов, историчарката на уметност Јасмина Котевска и девет лица штитеници на Психијатриската болница од Демир Хисар.
„Физиогномски белешки / потиснати соништа“ се ликовни дела создадени од девет лица – штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар, за време на сликарските работилници во 2024 и во 2025 година, предводени од ликовниот уметник Тони Попов. Сликарските работилници немаа за цел само да создадат ликовни дела кои ќе го збогатат творештвото на арт брут уметноста во земјата, туку имаа и терапевтска функција. Станува збор за групни работилници во кои учесниците имаа можност да се запознаат, да ги разменат и искажат своите мисли и емотивни состојби, главно преку сликарството како примарна форма на комуникација. Резултатите се слики – визуелни дијалози со себе, интимни исповеди на потиснатите желби.
На изложбата ќе бидат прикажани слики кои ликовно го обработуваат портретот како предмет на сликарско истражување и слики со архитектноски приказни.
Портретната уметност покрај функцијата на претставување на физиономскиот лик на личноста која се портретира, во себе носи многу подлабоко значење и во суштина претставува визуелна претстава (физиогномска белешка) на карактерот и психолошко-емоционалните состојби на личноста, ликовно обликувајќи го невидливото во човекот.
Изложбата ќе биде отворена се до 10 септември.
Култура
Концерт на музичари од поранешна Југославија во Филхармонијата

Во петок, 5 септември, во Камерната сала на Македонската филхармонија, публиката ќе има можност за прв пат во Скопје да го слушне No Borders Orchestra, ансамбл во кој свират најдобрите професионални музичари од поранешна Југославија.
Програмата ќе вклучува некои од најубавите дела некогаш напишани за гудачки оркестар: Adagietto од Малер, Verklärte Nacht од Шенберг и Metamorphosis од Штраус. Ова се дела кои, според уметничкиот директор Премил Петровиќ, претставуваат експлозија на страст собрана околу темите Љубов и Смрт.
Делата на овие тројца композитори се среќаваат и се одразуваат во делата на најважните помлади регионални композитори, меѓу кои е и една композиторка од Северна Македонија, кои го тематизираат нашето време на криза и неопходната потреба за трансформација на сите нас и на сите нивоа. Композиции од Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винце (Хрватска), Дарија Андовска (Северна Македонија) и Марко Никодијевиќ (Србија) беа напишани специјално за овој проект.
Социјалната мисија на овој ансамбл, во кој свират музичари од Западен Балкан, секогаш укажува и охрабрува позитивни општествени промени, соработка и толеранција, но исто така допира до луѓето и комуницира со публиката на иновативен и емотивен начин.
Култура
Кинотеката на Македонија ја почнува новата Филмска училница

Кинотеката на Македонија од 13 септември 2025 ја почнува новата Филмска училница, едукативна програма наменета за ученици од основното образование (11 до 14 години), кои сакаат да ја откријат магијата на филмот и да ги совладаат првите чекори во создавањето сопствени кратки филмови.
Филмската училница ќе се одвива секоја сабота, во текот на десетина последователни викенди, до почетокот на декември. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање филм – од идеја и сценарио, преку снимање и монтажа, до финална проекција пред публика.
Сите училници ќе ги предводи режисерот Саша Станишиќ, долгогодишен едукатор и филмски професионалец, а во улога на гости предавачи ќе се вклучат и монтажери, кинематографери, сценаристи и продуценти, кои ќе им ги откријат на младите филмаџии тајните на професијата.
Филмската училница 2025 се реализира во рамките на меѓународниот проект FilmED, финансиран од Европската Унија преку програмата Creative Europe – MEDIA, со цел развој на филмска писменост, промоција на европската кинематографија и збогатување на едукативните ресурси за млади. Проектот ги обединува институциите и организациите од Македонија (Кинотека на РС Македонија), Полска (Центар за филмска култура „Анджеј Вајда“), Унгарија (Национален филмски центар на Унгарија), Чешка („Крутон“) и Словачка (кино „Усмев“), со координација на Гете-институтот од Прага.
Со оваа иницијатива Кинотеката продолжува со својата посветеност на младата публика и развивање нови генерации што критички ќе го разбираат и креираат филмот како медиум што ги поврзува креативноста, културата и современото образование.
Повеќе информации за проектот можете да пронајдете на веб-страницата https://film-ed.eu/.
Сите дополнителни информации можете да ги добиете на веб-страницата https://kinoteka.mk/, https://filmskauchilnica.mk/, како и на телефонскиот број +389 78 398 085 и на е-поштата [email protected]