Култура
Кратки филмови со длабоки теми – избрани победниците на Галичник филм фестивал
Првото издание на Галичник филм фестивал, кое се одржа онлајн изминатиот викенд (28-30 август), понуди програма од 50 краткометражни филмови од цел свет. Овој нов културен настан ја промовира уметноста на краткометражниот филм, но и нови филмски автори и нивните остварувања.
Филмовите беа бесплатни за гледање, а од фестивалот најавуваат дека, поради големиот интерес, ќе претстојат и ревијални емитувања на победниците. Жирито во состав Теона Стругар Митевска, Дина Дума и Наум Доксевски ги додели наградите за најдобрите филмски наслови.
Наградата за најдобар краткометражен игран филм е доделена на „Мутирано” во режија на Фам Тиен Ан, кој минатата година се закити со награда на Канскиот филмски фестивал за филмот „Остани буден, биди подготвен”.

„Супер одиграна и претставена приказна, во смисла на раскажувањето, како и начинот на кој е користена кинематографската форма, предизвкувана и истражувана. Ни се допадна ‘тишината’ и минималистичката употреба на кино-јазикот, сè со цел засилување на доживувањето. Филмот се занимава со важни општествени теми: модерноста урната против традицијата и очекувањата од поединецот – нè потсетува дека светот и покрај сè продолжува да се движи”, изјави Теона Стругар-Митевска.

Наградата за најдобар краткометражен анимиран филм ја доби „Санта мраз” во режија на Метју Барб, Демиен Девин, Виктор Хае.
„Ова беше единствената награда која жирито едногласно ја додели. Едноставно го гледаш анимираниот филм и ти ја топи душата. Филм кој е важен поради начинот на кој е направен, прекрасниот стил на анимација, кој е контрапункт на тешката темата која ја обработува и пред сè темата која ти создава голема тага и на еден суптилен начин те потсетува дека човекот не е над природата”, изјави Дина Дума.

Наградата за најдобар краткометражен документарен филм замина кај „Забрането плачење на масата за вечера” во режија на Карол Нујен.
„Потребно е многу храброст да се зборува за приказните кои се потиснати и оставени нераскажани, посебно кога тие го засегнуваат целото семејство. Храброст е потребна да ја снимаш сопствената фамилија, да ја соголиш нивната душа пред камерата и да продолжиш да снимаш без разлика колку тоа и да боли. Најчесто најблискиот ни станува најдалечен и токму затоа овој документарец е важен, да нè потсети дека треба да зборуваме со најблиските, колку и да боли тоа затоа што повеќе боли ако работите останат некажани”, изјави Дума.

Жирито додели специјално признание на „Девојка убиец, вистинска приказна” во режија на Диана Галимзјанова, која најавува и долгометражно издание на истиот наслов.
„Уживавме во хуморот, интелигенцијата и размислувањето за актуелните тенденции во филмот: светот на интернет-очекувањата, културата на славните блогери, виртуелниот свет позициониран наспроти реалноста, обичните жена и маж, нивните потреби и завидливости. За поздрав е слободата на режисерката во мешањето на жанровите. Се поставува прашањето дали е игран или документарен филм. Ние велиме игран!“, изјави Теона Стругар-Митевска.

Специјално признание беше доделено и на краткометражниот „Ќе завршам во затвор” во режија на Александар Дости.
„Одлично избраниот каст, решителноста во карактерот на Морин заедно со импресивната фотографија го прават овој филм супер возбудлив за гледање”, изјави Наум Доксевски.
Галичник филм фестивал е во организација на Дарма Филм, во соработка со месната заедница Галичник. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и Делегацијата на Европската Унија.
Догодина фестивалот се враќа на својата основна идеја за организација на проекции под отворено небо во прекрасниот Галичник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на Аница Китаноска „Скаменети потези: еволуција на формата“ во Битола
Вечерва со почеток во 19 и 30 часот ќе биде отворена самостојна изложба на уметницата Аница Китаноска, насловена „Скаменети потези: еволуција на формата“. Изложбата ќе биде отворена во изложбениот простор Магаза – Битола.
Изложбата ќе ја отворат директорката на НУ Завод и музеј – Битола, Маргарита Спасов, која ќе даде воведен збор, кустосот советник во истата установа, Наде Геневска-Брачиќ, и уметницата Љубица Мешкова Солак, членка на ДЛУМ која живее и работи во Битола.
Изложбата ја заокружува трилогијата посветена на односот меѓу мозаикот и сликарството. Таа ја истражува трансформацијата на уметничкиот гест во трајна форма, каде што традицијата се преобликува во современ израз.
Битола, со своето богато мозаично наследство, станува простор на континуитет и преобразба, точка каде што минатото и сегашноста се спојуваат во нова визуелна целина.
Изложбата се одржува во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), НУ Завод и музеј Битола, Музеј на Град Скопје и со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Изложбата ќе биде отворена од 27 октомври до 12 ноември 2025 година.
Култура
Изложба „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“ во КСП Центар-Јадро
Вечерва, во 20:00 часот, во КСП Центар – Јадро ќе се oтвори изложбата „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“, дел од континуираната читачка група што веќе пет години функционира во рамките на програмата за критичка теорија и современа уметност.
Оваа година форматот е проширен – покрај теоретските средби, проектот вклучува и уметничко истражување кое ја поврзува теоријата со уметничката практика, отворајќи простор за нови форми на критичко изразување и дијалог со јавноста.
Темата за ова година „Јавен простор – Место за конфликт“ се фокусира на политичките, социјалните и економските сили што го обликуваат јавниот простор, како и на начините на кои пристапот, сопственоста и контролата влијаат врз неговата демократска природа.
Изложбата „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“ е создадена од уметниците Ивана Мирчевска, Елена Чемерска и Амир Карахасан, во рамки на процес инициран од Ѓорѓи Пулевски и модериран од Ивана Драгшиќ.
Таа истражува како телата, гестовите и блискоста стануваат облик на отпор и колективно преосмислување на јавниот простор – терен каде се судираат различни желби и логики на присуство. Во време кога просторот на градот се сведува на транзитна зона, изложбата предлага перформативен и поетски гест на враќање на чувството на заедништво, припадност и заедничко битисување
Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб концертот на триото „30 прсти“ ја воодушеви загрепската публика
Во македонскиот КИЦ во Загреб, пијано триото ,,30 Прсти” во состав Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски, со својот ексклузивен шестрачен пијано концерт приреди единствено музичко доживување за загребската публика.
Во својот поздравен говор директорката на македонскот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска истакна дека, камерниот ансамбл „30 прсти“со својот концерт во Загреб го продолжува своето уметничко патување, збогатувајќи ја областа на камерната музика и градејќи естетски тренд препознатлив дури и за најсофистицираните познавачи на уметничката музика.
Триото „30 прсти“ е првиот и единствен македонски ансамбл од ваков вид. Во последните три години, тие одржаа тринаесет концерти – десет во земјата и три во странство (Австрија, Бугарија, Србија). Посебен пресврт беше одбележан со минатогодишниот настап, кога за првпат во историјата на македонските пијанистички концерти изведоа дело за шестрачно пијано и камерен оркестар.
Негувајќи посебна љубов кон македонското музичко наследство, пијано триото ,,30 Прсти” во својот репертоар вклучува дела специјално напишани и адаптирани за овој уникатен ансамбл, што е предизвик и инспирација и за домашните композитори.
Концертот во преполната сала на македонскиот КИЦ во Загреб го проследија истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, универзитетски профсори, студенти на Музичката академија во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.

