Култура
„Куќата на границата“ на репертоарот на вториот ден на МОТ
„Куќата на границата“ на Регионалниот театар од Нови Пазар е на репертоарот на вториот ден (20.11.2025) на МОТ, дело на Славомир Мрожек, во режија на нашиот Андреј Цветановски.
„’Куќа на граница’ е приказна што зборува за една фамилија што сака само да живее мирно и одеднаш во нејзиниот дом се појавуваат дипломати, кои сакаат да нацртаат граница, која поминува среде куќата. Звучи познато, нели? Оваа фамилијарна драма зборува за одземањето на сè што имаат, сонуваат, зборуваат и замислуваат сè додека не останат без ништо. Низ оваа горка комедија ќе видите многу паралели со начинот на кој денешниот свет функционира“, вели Цветановски.
Претставата е одлична илустрација за тоа до кој степен сме способни да се понижиме себеси слепо почитувајќи ги бесмислените бирократски норми на новиот свет, кој од нас треба да направи покондурени господа.
Како креативен македонски тим на претставата, покрај режисерот, се и Димитар Андоновски, автор на музиката, и Сергеј Светозарев на сценографијата.
Претставата ќе биде изведена на сцената на „25 Мај“, МКЦ, во 20 часот.
А пред неа во 19 часот во холот на МКЦ ќе биде поставена уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ на архитектот и сценографот Костантин Трпеноски, која на границата помеѓу реалното и имигинарното нуди визуелно и сензорно доживување на просторот во холот на МКЦ. Настанот е воедно и ретроспективен поглед на неговите театарски сценографии „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и приказ на други негови актуелни сценски дизајни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Приказната за Брижит Бардо и синот што не го посакувала: се помириле дури во подоцнежните години
Филмската икона Брижит Бардо, која почина на 91-годишна возраст, зад себе остави еден син – Никола-Жак Шарије, дете чијшто доаѓање никогаш не го посакувала. Нивниот однос со децении бил исполнет со горчина, дистанца и судски спорови.
Бардо го родила синот во 1960 година, во брак со актерот Жак Шарије, нејзин колега од филмот „Бабет оди во војна“. Бременоста ја доживувала како најголема трагедија во животот и никогаш целосно не ја прифатила улогата на мајка. Во тоа време абортусот во Франција бил нелегален, а актерката, преплашена и очајна, безуспешно се обидувала да најде лекар што би ѝ помогнал да ја прекине бременоста.
Во своите мемоари „Initiales B.B.“ од 1996 година, Бардо го опишала детето што го носела како „мал тумор“. Напишала: „Го гледав мојот рамен, виток стомак во огледало како драг пријател, на чиј ковчег токму требаше да го спуштам капакот“. Во едно интервју изјавила дека „подобро би родила мало куче“.
За време на бременоста се удирала во стомакот, а од лекарите барала морфиум со надеж дека ќе предизвика абортус. Патела од мачнини и депресија и се криела од јавноста, бидејќи не сакала никој да ја види бремена.
Породувањето било вистински медиумски циркус што дополнително ја трауматизирало. „Беше лудило. Во мојата куќа беше поставена импровизирана породилна сала, фотографи зад прозорците, некои маскирани како лекари. Немаше никаква приватност. Беше ужасно“, напишала таа. Само осум месеци по породувањето, Бардо се обидела да си го одземе животот.
По разводот со Шарије во 1962 година, целосното старателство над синот му припаднало нему. Никола со години не ја гледал мајка си, а кога на 12-годишна возраст побарал да живее со неа – таа го одбила.
Односот со децении бил напнат. Никола не ја поканил мајка си на својата свадба во 1984 година, а по објавувањето на нејзината автобиографија целосно го прекинале контактот. Поради навредливите изјави ја тужел и добил отштета. Во 1990-тите се судриле и поради алиментација, кога судот ѝ наложил да му исплати 250.000 франци.
Сепак, во подоцнежните години односите се подобриле. Во интервју за „Var Matin“ во 2018 година, Бардо изјави: „Редовно се слушаме. Живее во Норвешка и ме посетува еднаш годишно, сам или со семејството, сопругата и моите внуки“. Додаде: „Го сакам на посебен начин. И тој ме сака мене“.
Никола-Жак денес има 65 години, живее во Норвешка со сопругата, има две ќерки и во меѓувреме станал и дедо.
Фото: Илустративна фотографија (Pexels)
Култура
Герасимовски: „Џез под ламба“ ги сплоти скопјани, незаборавна џез вечер и празнична магија во Центар
На пјацетата пред Италијанската амбасада граѓаните уживаа во музика, греано вино и печени костени.
Настанот „Џез под ламба“, во организација на Општина Центар, создаде пријатна празнична атмосфера, исполнета со џез верзии на познатите божиќни песни и стари шлагери во изведба на бендот на Мартина Елиора.
„Ме радува што настанов и годинава привлече голем број посетители. Овие радосни и среќни луѓе се доказ дека на градот му недостигаат вакви содржини. Џез под ламба прерасна во убава традиција, која ја збогати културната сцена во градот“, рече градоначалникот, Горан Герасимовски, кој заедно со скопјани уживаше во празничниот амбиент и џез атмосферата.
Герасимовски, ја искористи можноста да ги покани сограѓаните на централниот предновогодишен настан во организација на Општина Центар.
„Ги поканувам сите скопјани на 29 декември на големата предновогодишна забава “Вечер под ѕвездите” на Боемска улица! Преку ден подготвивме богата детска програма, а во вечерните часови музичка журка со Brass Brothers и Либеро бенд. Ветувам добра забава за сите генерации“, порача градоначалникот.
Култура
Почина Брижит Бардо
Француската актерка Брижит Бардо починала денеска на 91-годишна возраст, пренесе „Гардијан“.
Бардо, француска актерка и пејачка која стана меѓународен секс-симбол, а подоцна ѝ го сврте грбот на филмската индустрија и се посвети на борбата за правата на животните, починала во 91. година од животот.
Меѓународната слава ја стекна со филмот And God Created Woman од 1956 година, кој го напиша и режираше нејзиниот тогашен сопруг Роже Вадим. Во наредните две децении, Бардо беше олицетворение на архетипскиот „секс-симбол“. На почетокот на 1970-тите, таа објави дека се повлекува од глумата и стана сè поактивна во јавниот и политичкиот живот.
Нејзината отворена поддршка за правата на животните со текот на времето беше проследена и со контроверзни изјави за етничките малцинства и јавна поддршка на францускиот крајнодесничарски Национален фронт, поради што беше осудувана за расна омраза.
Родена во 1934 година во Париз, Бардо пораснала во богато, традиционално католичко семејство. Како талентирана танчерка, ѝ било дозволено да студира балет и добила место на престижниот Париски конзерваториум. Паралелно работела како манекенка и во 1950 година, на само 15 години, се појавила на насловната страница на списанието „Ел“.
Манекенската кариера ѝ ги отворила вратите кон филмот, а на една аудиција го запознала Роже Вадим, за кого се омажила во 1952 година, откако наполнила 18 години. По неколку помали улоги, се истакна и во филмот Doctor at Sea од 1955 година, кој беше голем хит во Велика Британија.
Филмот And God Created Woman, во кој ја играше улогата на ослободена тинејџерка во Сен Тропе, го зацврсти нејзиниот имиџ и ја претвори во светска икона. Филмот доживеа голем успех во Франција и во светот и ја лансираше Бардо меѓу најголемите француски филмски ѕвезди.
Во 1960-тите години, Бардо се појави во низа значајни француски филмови, меѓу кои The Truth на Анри-Жорж Клузо, номиниран за Оскар, Very Private Affair на Луј Мал и Contempt на Жан-Лик Годар. Подоцна прифати и холивудски понуди, како Viva Maria! и вестернот Shalako со Шон Конери.
Во интервју за „Гардијан“ во 1996 година, Бардо изјави дека притисокот од славата го доживувала како товар, велејќи дека никогаш не била подготвена за живот на ѕвезда. Од глумата се повлече во 1973 година, на 39-годишна возраст. Потоа целосно се посвети на активизмот за заштита на животните, учествуваше во протести против ловот на фоки и во 1986 година ја основа Фондацијата „Брижит Бардо“.

