Култура
Леќата и грашокот од локалитетот Влахо во Пелагонија најстари досега датирани во Европа
Центарот за истражување на предисторијата доби потврда за најстарото потекло на леќата и грашокот во Европа на локалитетот Влахо.
Имено, со археоботаничките анализи на растенијата пронајдени при ископувањето на археолошкиот локалитет во Пелагонија се детектираа остатоци од повеќе мешункасти плодови и житни зрна. Нивното датирање со помош на радиокарбон-анализите потврди дека тие биле користени во втората половина на седмиот милениум пр. н.е., што ги прави овие остатоци од Влахо најстари досега датирани леќа и грашок во Европа.
Остатоците од леќа, грашок и житни зрна се откриени при археолошкото истражување на локалитетот Влахо кај Живојно во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Заводот и Музеј Битола. Со примена на археоботаничките и радиокарбон-анализите во универзитетите во Базел, Белград, Севилја и во Цирих се детектираа видовите и се утврди нивната старост од речиси 8.300 години. Во текот на овие истражувања се посочува и на тоа дека житните зрна и афионот откриени на Влахо се исто така едни од најстарите во Европа, што дополнително ќе се проверува со натамошните анализи.
![]()
Археоботаничките проучувања на Влахо се изведени во релација со неолитските локалитети Врбјанска Чука и Велушка Тумба во Пелагонија, така што резултатите посочуваат на разни стопански практики меѓу овие населби. Исхраната се адаптирала на климатските разлики во регионот, така што во голема мера се јаделе грашок, пченица, јачмен и леќа, а постојат индикации и за можна подготовка на пиво. Посевот најчесто се жнеел во пролет, а еднозрнестата пченица била повеќе користена во северните делови на Пелагонија.
Резултатите од овие археоботанички истражувања се публикувани во Vegetational History and Archaeobotany, кое е едно првите десет археолошки списанија со највисок импакт-фактор во светот. Тоа воедно ги потврдува научните аргументи поврзани со неолитската исхрана во Пелагонија и раното датирање на мешункастите растенија и житните зрна. Освен истакнатиот научен карактер на публикуваните податоци, овој труд исто така го презентира и предисториското културно наследство во Македонија во светски рамки и ја акцентира неговата битна улога во појавата на земјоделството во Европа. Археоботаничките анализи се направени од Амалија Сабанов, Феран Антолин и Раул Сотерас, радиокарбон-анализите од Ирка Хајдас, а изведени се во рамките на мултидисциплинарното истражување на неолитските тумби во Пелагонија под раководство на Гоце Наумов.
Мултидисциплинарните истражувања на Влахо, Врбјанска Чука и Велушка Тумба се одвиваат повеќе години и даваат сосема ново светло за значењето на пелагонскиот неолит во поширок европски контекст. Освен археолошките ископувања, на овие локалитети применети се и геофизичкото скенирање, геоархеолошки, археозоолошки, археоботанички, антрополошки и радиокарбон-анализи, како и проучувањето на липидите, изотопите и функциите на алатките. Локалитетите се документирани со фотограметриски модели и ласерско скенирање, а исто така направени се и дигитални 3Д-реконструкции на градбите и неолитските села, што овозможува нивно доследно презентирање и пред пошироката јавност. Ваквиот пристап обезбедува доследно толкување на времето и карактерот на овие неолитски тумби и нивно истражување преку најсовремените археолошки методи. Досегашните резултати се публикувани во повеќе врвни меѓународни списанија и презентирани на разни предавања и конференции во Европа и САД, што воедно ја прават Пелагонија поприсутна на светската археолошка мапа.
Линк до трудот во Vegetation History and Archaeobotany.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска Имери – премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.
Култура
Охрид домаќин на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“
Охрид и Република Македонија на 11 и 12 декември 2025 година се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.
Конференцијата официјално ќе биде отворена на 12 декември во 10:00 часот со воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Свои обраќања ќе имаат и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“.
Република Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.
Култура
Проекција на исклучителниот шпански трилер „ПИГИ“ во Кинотека
Специјалната проекција на вознемирувачкиот и исклучителен шпански трилер „ПИГИ“ во Кинотеката на Македонија. Филм што ѝ го отвори патот на режисерката Карлота Переда кон меѓународната сцена и ја утврди како едно од најзначајните имиња во современиот хорор.
Настанот се реализира како соработка на Кинотеката на Македонија и Амбасадата на Шпанија во нашата земја.
Во задушливото лето на рурална Екстремадура, тинејџерката Сара – маестрално интерпретирана од Лаура Галан – секојдневно се соочува со сурово врсничко насилство. Нарекувана „свинче“ и запоставена дури и во сопствениот дом, таа живее во изолација. Но, еден случаен и сериозно вознемирувачки настан кај локалниот базен ја втурнува во мрачен круг на одмазда, претворајќи ја потиснатата болка во шокантно, но и катарзично ослободување.
„ПИГИ“ е маестрален спој на психолошки трилер и хорор, создаден врз основа на наградуваниот краток филм на Переда од 2018 година. Филмот храбро ги отвора темите на телесната стигма, малтретирањето и траумата, градeјќи атмосфера натопена со напнатост, која кулминира во незаборавно кинематографско финалe.

