Култура
Литературна манифестација „Илинден 2018“
Во насока на промовирање на современите културни достигнувања, општина Илинден од 15 до 19 мај 2018 година ќе ја организира 19. литературна манифестација „Илинден 2018“. Манифестацијата свечено ќе биде отворена на 15 мај, со почеток во 19:00 часот, во домот на култура „Илинден“, а централниот настан – поетски митинг „Стихови за душата“ ќе се случи на 18 мај, со почеток во 19 часот, со настап на триесеттина писатели од Македонија и од балканските држави.
Како дел од манифестацијата во домот на култура „Илинден“ од 15 до 18 мај под мотото „Денови на книгата“ ќе се одржи саем на книгата, каде што љубителите на пишанот збор ќе можат да се запознаат со најновите изданија и да најдат богат избор на книги. Во рамките на манифестацијата ќе се одржи промоција на книгата „Триптих за Македонија“ од Раде Силјан, како и промоции на книги од млади автори.
Пред љубителите на пишаниот збор ќе биде претставен портретот на словенечкиот писател Милан Јазбец, актуелен амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, при што стихови од поетската книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ на словенечки и македонски јазик ќе читаат членови на Словенечкото друштво за пријателство во Република Македонија.
Литературната манифестација ќе биде збогатена со книжевна средба со поетите на седумдесетите години: Веле Смилевски, Ефтим Клетников, Ристо Лазаров, Санде Стојчевски, Катица Ќулафкова, Бранко Цветковски и Славе Ѓорго Димовски. Дел од манифестацијата е и традиционалното литературно матине за деца, на кое ќе настапат повеќемина писатели за деца и млади. На литературното матине ќе бидат доделени награди и пофалници за најуспешните творби на учениците, пристигнати на литературниот конкурс распишан од Општина Илинден. Во музичкиот дел од програмата, посетителите на литературната манифестација ќе можат да уживат во музичкиот колаж на Марјан Јанковски и „Портал“.
Општината организира превоз за сите оние што сакаат да присуствуваат на отворањето на литературната манифестација на 15 мај, како и на поетскиот митинг „Стихови за душата“ на 18 мај. Од Порта Македонија, во центарот на Скопје, во 18 часот ќе поаѓа автобус кој ќе ги превезува посетителите на манифестацијата до општина Илинден и ќе ги враќа кога ќе заврши вечерниот настан, што почнува во 19 часот. Влезот за сите културни настани е слободен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гостување на полски автори по повод Месецот на полската литература во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“
По повод Месецот на полската литература, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе гостува Војќех Јагелски, автор на книгата „Сите војни на Лара“. Разговорот со авторот ќе го води Лидија Танушевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
На настанот закажан за 13 мај (понеделник) во 19 часот, му претходи (во 18.30 часот) отворањето на изложбата од студентите-учесници на конкурсот „Графика на годината“ организиран од Графичкиот факултет при Академијата за ликовни уметности во Краков.
На 16 мај (четврток) во ГБСК гостува Роксана Јенджејевска-Брубел, авторка на книгата „Расположенијата на Хиполит Колбас“. Оваа писателка за деца ќе одржи и креативна работилница во нашиот Оддел за литература за деца во 17 часот.
Гостувањето на полските автори е дел од проектот „Полска на полица“, во кој партнер на Амбасадата на Р. Полска е токму ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Настаните се со превод на македонски јазик.
Култура
Концерт на Курт Елинг и Националниот џез-оркестар во МНТ
Светската мега-ѕвезда на вокалната џез музика, двократниот добитник на Греми награда, Курт Елинг, доаѓа во Скопје.
За него „Њујорк Тимес“ ќе напише дека токму тој е „извонредниот машки џез-вокал на нашето време.“
Според „Вашингтон Пост,“ „“Од средината на 1990-тите, ниту еден џез-пејач не бил толку смел, динамичен или интересен како Курт Елинг”, додека ББС Артс оценува дека тој „… ја турка напред уметноста на џез пеењето, повеќе од било кој друг машки изведувач од неговата генерација“.
Елинг има вкупно десет номинации за Греми награди, од кои има освоено две награди за најдобар вокален џез албум за изданијата Dedicated to you (2009) и Secrets are the best story (2021).
Во 2012 година е прогласен за прв почесен џез амбасадор на Шлезискиот џез фестивал во Полска, а добитник е и на германската награда Ехо џез и Шкотската награда за џез – меѓународна категорија. Во 2013 година е прогласен за Меѓународен џез -изведувач на годината на доделувањето на наградите Jazz FM Awards.
Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд со кој најчесто настапува, Курт Елинг бил и член на Квартетот на Бранфорд Марсалис.
Доколку на првите албуми композициите повеќе наликуваат на класичните џез стандарди, звукот на Елинг во последните години добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните џез музички форми.
Концертот на Курт Елинг со Националниот џез оркестар ќе се одржи на 15 мај, 2024 година во Македонскиот народен театар, со почеток од 20 часот. Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.
Култура
Настап на Националниот џез-оркестар на The Balkan Jazz Showcase 2024 во Тирана
Во организација на Албанското џез здружение (Albanian jazz society) оваа година по четврти пат ќе се одржи фестивалот Balkan Jazz Showcase-2024. На настанот ќе настапат оркестарот NisVille од Србија, Сара Јововиќ трио од Црна Гора, Sethstat Quintet од Македонија, Gypseons Trio од Грција, Leo Richartz Trio од Германија, Alba Dajlani & AJS Quartet од Албанија и Националниот џез оркестар од Македонија. Покрај учесниците од Германија, овој настан ќе ги собере едни од најталентираните џез музичари од Балканот и претставува можност за културна размена и промоција на богатството на џез музиката во овој регион.
На фестивалот Balkan Jazz Showcase-2024 ќе се соберат и директори на фестивали од различни земји, а специјални гости се водечките луѓе од џез асоцијацијата на Кина. Оваа соработка обезбедува не само културна размена, туку и потенцијални проекти во рамките на програмите на Креативна Европа и Западен Балкан, како и промоција на балканската џез сцена на фестивали во кинеските градови како Пекинг, Шангај, Гуангжу и Ченгду.
Покрај музичките изведби, настанот ја вклучува и изложбата „Drumsville – Evolution of the New Orleans Beat“, како подарок од џез-музејот на Њу Орлеанс.
Се очекува оваа манифестација, која ќе се одржи во салата Black Box во Универзитетот за уметности во Тирана од 10-12 мај да ги зајакне врските меѓу уметниците и фестивалите ширум Балканот, отворајќи нови хоризонти за идни соработки и размена на идеи.
Настапот на Националниот џез оркестар е закажан за втората фестивалска вечер, на 11 мај. Настапот на Balkan Jazz Showcase-2024 во Тирана е прв од неколкуте настапи надвор од нашата земја кои ќе следат во наредниот период, преку кои оркестарот ќе се претстави пред публиката во неколку Балкански земји, за што деталите ќе бидат објавени наскоро.