Култура
Лозано, Пајак, Сашко Коцев… денес во Градски парк како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“

Во рамки на кампањата на „Макпетрол“ за спречување на врсничкото насилство, во Градски парк денеска ќе се одржи отворен настан наменет за деца, млади, родители, баби, дедовци…
Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости, ќе бидат дел од програмата на оваа забавна дружба што е дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, а за најмладите ќе има интерактивни содржини и популарни игри.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, вели дека се пресреќни што во текот на нивната општествено одговорна активност добиле многу поддржувачи.
Почнувајќи од децата и младите, од кои добивме впечаток дека им е навистина мило што, конечно, така отворено и толку гласно, се зборува за проблем со којшто тие секојдневно се соочуваат. Секако, тука се и општините, кои ја препознаа вредноста на нашата идеја и активно се вклучија во обезбедувањето услови за учениците да се здобијат со знаења за булингот. Наставниците, стручните служби, како и родителите, исто така, застанаа зад кампањата и помогнаа фокусот на јавноста да се сврти кон врсничкото насилство. За да се реши проблемот со булингот потребна е уште работа и посветеност, но веруваме дека и со позитивната енергија од нашиот настан, ќе придонесеме да се придвижиме во вистинска насока, истакнува Јосифовска-Спасовска.
Како што информира организаторот, на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучиле 24 општини и за сите нив „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство за проблемот со булингот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Продолжува кампањата „Читаме современи македонски автори“ во Градската библиотека

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го започнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ со романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска како книга на месецот, а разговорот со авторката ќе се одржи в среда (3 септември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.
Кампањата започна во септември 2022 година и досега беа претставени вкупно 24 современи македонски автори и исто толку дела.
Проектот, низ трите препознатливи фази (книга на месецот, разговор со авторот и клуб на читатели) значително го зголеми интересот за современата македонската книжевност низ сите библиотеки од мрежата на ГБСК, па и пошироко. „Читаме современи македонски автори“ во 2024 година беше проласена за Промотор на читачката култура од страна на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Во четвртиот циклус од „Читаме современи македонски автори, исто така, предвидени се осум автори и дела. Книгата за месец септември е „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска (издание на Арс Ламина), добитник на Рациновото признание за 2025 година.
Ова е трет роман за возрасни на Ќорвезироска по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. „Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него.
Разговорот со Ќорвезироска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Култура
(Фото) Свечено затворање на 𝟣𝟩. издание на Битолското културно лето – „Битфест“

Во изминатите 70-тина дена, почнувајќи од 26 јуни, Битола повторно блесна како центар на културните случувања во државата.
Општина Битола беше домаќин на низа настани кои ја славеа македонската музика, култура и традиција, кои отворија простор за младинска креативност, за театарска уметност, за врвни класични изведби и за содржини посветени на најмладите.
„Посебна гордост се настаните што оставија траен впечаток – како спектакуларниот концерт на Армин ван Бурен на Стадионот „Петар Милошевски“, кој уште долго ќе се памети како дел од културната историја на градот.
Со особено внимание ги негувавме и традиционалните манифестации: „Илинденски денови“, „Широк Сокак во бело“, „Битолино“, „Локум фест“ и многу други – настани кои се препознатлив белег на нашиот фестивал и на градот.
Оваа година е значајна и по тоа што за првпат БИТ ФЕСТ доби поддршка од Министерството за култура и туризам токму во доменот на креативните индустрии. Резултат на таа поддршка е и вечерашниот настан, кој ја претставува финалната слика на ова фестивалско лето – “Bitola Art Mapping”, проект кој ја претвори Битола во сцена за современа уметност, за 3Д мапинг, музика и интерактивни инсталации, кои ја пренесуваат културата директно до публиката“, наведуваат од општина Битола.
„Со секое издание на БИТ ФЕСТ ја зацврстуваме позицијата на Битола како културно срце на регионот и дека вечерва е уште една прекрасна страница во таа приказна.
Ова не е само крај на едно фестивалско лето – ова е прослава на уметноста што нè издигнува над секојдневието и ни покажува колку е моќна културата кога ја живееме заедно“, додаваат од општина Битола.
фото: фејсбук
Култура
Во Скопје ќе се одржи првиот фестивал што ги обединува независните театри од Западен Балкан – Under 600

Од 25 до 28 септември на различни локации во Скопје ќе се одржи првиот фестивал што ги обединува независните театри од Западен Балкан „Under 600“.
Преку овој ревијален фестивал, публиката ќе има можност да се запознае со моменталните трендови и естетички тенденции во современиот независен театар, како и предизвиците со кои тој се соочува.
Овој четиридневен настан ќе го претвори Скопје во прослава на независниот театар. Како организатор на фестивалот, „Штрих” ќе биде домаќин на 12 претстави и перформанси и тоа со фокус на македонската продукција. Програмата ја сочинуваат и настани за вмрежување, како и специјална програма со фокус на млади театарски уметници, која вклучува проследување на фестивалот од студенти од регионот и презентирање на две претстави.
Овие активности се насочени кон поддршка на следните генерaции театарски креатори и создавање на платформа за размена на искуства и соработка.
Со настани низ целиот град на јавни, алтернативни простори, кафулиња и неконвенционални локации, фестивалот ќе го потенцира проблемот со простор на независната сцена и креативните решенија кои таа ги користи за да се справи со истиот. Регионалниот карактер на фестивалот дополнително овозможува создавање на една заедничка енергија, запознавање и заедничко согледување на творечките сличности и различности во регионот.
Програмата ќе биде објавена во наредните денови на официјалните канали на фестивалот.
„Штрих” е независен театар основан во Скопје во 2021 година, посветен на создавање слободен простор за творештво. Преку смели театарски продукции, издавање драмска литература и меѓународни соработки, нивната визија е да се подигне свеста за независниот театар и да се катализира уметничко и опшествено влијание. Мисијата на „Штрих” е да ја разгори фантазијата, да ги предизвика перспективите и да ги обедини заедниците преку моќта на театарот.
„Under 600“ е иницијатива за зајакнување на независниот театар во регионот на Западен Балкан, создадена од Штрих заедно со Дах театар од Србија и Корифеј театар од Црна Гора. Иницијативата започна со креирање на онлајн платформа за споделување и комуникација во секторот, настани на фестивалите Уметноста и човековите права на Дах театар и Корифеј фестивалот во Колашин, Црна Гора. Фестивалот е главниот фокус на оваа програма.
Оваа иницијатива е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансиран од Европската унија, кој има за цел да го подобри дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културниот и креативниот сектор, како и развој на потенцијалот на секторот за социо-економско влијание во овој регион.