Култура
Македонската изворна музичка ризница претставена во Рим на манифестацијата „Ден на Светите Кирил и Методиј“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/rim7.jpg)
Со концерт на Националната установа Камерен оркестар на Битола и солистката Нада Талевска-Спасовска, во салата „Балдини“ во Рим, вчеравечер, се одржа културната програма во рамки на традиционалната манифестација „Ден на Светите Кирил и Методиј“.
На концертот на нашите уметници на кој присуствуваа и членовите на државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, беа исполнети македонски изворни песни, сплет од староградски песни за Битола, византиски песни и други дела од богатата македонска изворна музичка ризница.
Пред концертот, присутните во салата ги поздрави заменик-министерот за култура Онур Али кој говореше за духовната врска меѓу Ватикан и нашата земја воспоставена со мисијата на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, кои со своето дело го поврзаа Истокот и Западот и оставија богато наследство за човештвото.
-За Кирил и Методиј е запишано дека биле векови пред своето време. Затоа и чествувањето на нивната мисија треба да биде достојно, достоинствено и далекугледо. Тие не создадоа писмо, азбука, збор за поделби. Тие се дадоа себе за да создадат универзално добро. Не случајно Ватикан ги прогласи за Патрони, Заштитници на Европа, а нивните дела за цивилизациска вредност, рече заменик-министерот Али.
Тој додаде дека во духот на мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, Северна Македонија, преку културата и уметноста, културно наследство кое го поседува, политиките кои ги води за толеранција, дијалог за различностите, развој на интеркултурализмот, создавање услови за европеизација на културниот контекст, подготвено се соочува со предизвиците на новото време и забрзано се доближува до модерна Европа.
По повод чествувањето на сесловенските просветители денеска ќе се одржи молебен во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, а програмата на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“ ќе биде заокружена со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика „Санта Марија Маџоре“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Култура
„Фолклорни игри под Шара“ во Тетово
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/folklor.jpg)
Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка” од Тетово денеска во големата сала на Центар за култура „Иљо Антевски-Смок“ во Тетово ќе ја одржи четвртата манифестација „Фолклорни игри под Шара“. Манифестацијата ќе започне во 17:00 часот со дефиле на културно-уметничките друштва по улиците на градот, а свечениот концерт е закажан за 19:00 часот.
„Манифестацијата има мултиетнички карактер на која на едно место се претставува фолклорот на народите кои живеат во пазувите на Шар Планина. На годинешната манифестација, како и на претходните три изданија, својот фолклор го претставуваат културно-уметнички друштва кои делуваат во Тетово и околните населени места. На сцената ќе продефилираат народните носии на Македонците, Албанците, Турците и Србите“, информира Соња Андонов, претседателка на Здружението.
Народните игри на Македонците и Србите ќе ги претстават членовите на домаќините, КУД „Бранко Чајка“ кое што делува во состав на Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово. Покрај ова друштво пред тетовската публика ќе настапат КУД „Брвеница“ од Брвеница со македонски фолклор, КУД „Џеладин Зеќири“ од Тетово со албански фолклор, КУД „Јени хајат“ Тетово со турски фолклор како и Вокалниот ансамбл „Распеани кичевчани“ од Кичево.
Манифестацијата „Фолклорни игри под Шара“ претставува проект од национален интерес во културата за 2024 година на Министерството за култура на Република Северна Македонија од областа на фолклорот.
Култура
„Златна рамка“ од 18 до 20 јуни во МКЦ: нови македонски филмови, презентации, трибини
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/ZLATNA-RAMKA-2024_POSTER-750x375.jpg)
Шестото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 18 до 20 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.
Филмската ревија „Златна рамка“ претставува можност за публиката бесплатно да ги гледа македонските филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата година, а биле поддржани од Агенцијата за филм. Филмската програма годинава содржи долгометражни, краткометражни и документарни остварувања.
Во рамките на долгометражната програма на 18 јуни, во 20.30 часот, ќе биде прикажан филмот „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова во продукција на „ДНФ продукција“, на 20 јуни е проекцијата на „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски со „Лист продукција“, како и филмот „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов со „Минд продукција“.
Краткометражната програма содржи девет филма, кои ќе бидат прикажани во терминот од 18 часот на 19 јуни. На програмата се остварувања на режисер(к)ите Александра Кардалевска, Ангела Димеска, Јован Саркањац, Јане Спасиќ, Ѓорче Ставрески, Сандра Георгиева, Сабедин Селмани, Берат Асани, Јане Алтипармаков и Бесар Илјази.
Документарната програма носи пет остварувања, а проекциите се распоредени во текот на трите дена на одржувањето на ревијата „Златна рамка“. На 18 јуни, во 18 часот, е проекцијата на филмот „Бисер“, во режија на Драган Кумев, а во 19 часот ќе биде прикажан документарецот „Последниот каубој на Балканот“, на режисерот Сабедин Али. На 19 јуни, во терминот од 12 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Живот на крстосница“ (Недопирливи) на Зоран Димов и „Емигрант сум или…“ на Сенад Абдули. На 20 јуни, во 18 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Јанѕа“, работен според „Дневник по многу години“ од Блаже Конески, во режија на Никола Т. Калајџиски, во продукција на „Контраст филм“.
Социјалната програма „Фокус“, наменета за публиката која од разни социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“, годинава ќе се одржи на 20 јуни во Домот за стари лица „Мајка Тереза“.
Покрај ревијата на македонски филмови, „Златна рамка“, предвидува да се одржи свечено собрание на ДФРМ на 18 јуни. На 19 јуни, пак, во 20 часот, ќе има презентација на филмската камера „Сони“.
На 20 јуни, во 12 часот, ќе се одржи трибина со наслов „Зачувување на аудиовизуелното наследство“, на која ќе учествуваат Владимир Ангелов, вон. проф. м-р Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкуловски.
Традиционално „Златна рамка“ ќе ги додели почесни награди на ДФРМ за филмски актер, филмски автор и филмски работник.
Култура
Филхармонија во Градскиот парк со „Одисеја 2024“ – музиката од филмовите на славниот Кјубрик
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/ОДИСЕЈА_FB-EVENT.jpg)
И оваа година, Македонската филхармонија ќе го реализира традиционалниот концерт „Филхармонија на отворено“, кој ќе донесе разновидност и секако, несомнен квалитет. Во среда, на 19 јуни во Градскиот парк со почеток во 21 часот, под ѕвездите на скопското небо, одиме на футуристичко патување низ дел од филмографијата на најкреативниот режисер на сите времиња – Стенли Кјубрик, визионерот кој изврши огромно влијание врз светската филмска уметност.
Концертот носи наслов „Одисеја 2024“, кој е инспирација од неговиот револуционерен филм „2001: Вселенска одисеја“, но и кој ја најавува новата концертна сезона на Македонската филхармонија во јубилејот којшто годинава го слави оваа најстара национална институција – 80 години од постоењето.
Под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, а кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.
Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори, ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика.