концерти
Македонскиот виртуоз Симон Трпчески празнично ја прошета публиката во срцето на Њујорк
Македонскиот пијано-виртуоз, Симон Трпчески, заедно со музичарите на Македонската филхармонија, на синоќешниот концерт ја воодушеви публиката, која го испрати со френетични аплаузи. Уште еднаш овој музички маг со светско реноме со крајна спонтаност и внимателно избран репертоар докажа дека неговите настапи се неповторливо искуство и единствена музичка сензација.
Неполни два часа Трпчески од најавените композиции на Шостаковиќ и Гершвин, Концерт за пијано и оркестар бр. 2 и „Рапсодија во сино“, дополнително во два наврата на публиката ѝ приреди и изведба на композиции од домашни композитори, а празничната нота на концертот ја дополни и со изведба на популарни теми.

Финалето на концертот беше изведбата на познатата џез-тема на Пол Дезмонд, „Тејк фајф“, која за миг ја телепортира публиката во центарот на Њујорк.
Под вештите прсти на Трпчески секој тон звучеше оригинално и возбудливо, а музичарите од Македонската филхармонија, освен со професионалната подготвеност, го следеа со извонреден флуид, што дополнително го обои концертот со визулена и музичка хармоничност.
Се чини како на настапите дома Трпчески носи дел од секоја своја турнеја, па така сцената на Македонската филхармонија за миг заличе на њујоршкиот „Карнеги хол“, каде што тој настапи како солист на Балтиморскиот симфониски оркестар под диригентската палка на Марин Олсоп во 2010 година.

Иако речиси нема точка на планетава каде што пребирливата публика како во Лондон, Пекинг, Шангај со воодушевување го испраќа македонскиот пијанист, неговите настапи дома тој секогаш ги доживува со посебно задоволство.
Во претпразничниот дух Трпчевски посака ум, трпение и здравје, ѝ се поклони на публиката и им се заблагодари на музичарите, диригентот Борјан Цанев и првата виолина Ана Контраденко.
Концертот го организира „Македонски телеком“, кој на овој начин го одбележа крајот на годината зааедно со своите блиски соработници, партнери и пријатели и истовремено ја акцентира поддршката на македонската култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
![]()
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
![]()
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.

