Култура
Меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023
Во тек се подготовките за реализацијата на големиот меѓународен ликовен проект – Меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023.
Со речиси 500 дела од приближно 400 автори од 80-ина држави од целиот свет изложбата ќе биде отворена на 15 ноември во КИЦ Битола (Офицерски дом).
Ќе биде поставена во алтернативната галерија – свечената сала и во Галеријата „Исток“.
Според бројот на пријавените автори и држави, ова е најголема ликовна манифестација во Македонија за 2023 година, а и пошироко.
Со присуството на истакнати автори од целиот свет, првото меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи ИБМБ Битола 2023 е веќе позиционирано со сите параметри во најзначајните ликовни меѓународни манифестации од ваков вид во светот.
Придружни случувања: специјални оддели на кинеската, италијанската и на канадската минијатурна графика и цртеж, како и омаж за графичкото творештвото на Josee Wuyts и Frans de Groot од Холандија, со специјално испратени дела за свеченото отворање.
Организатор на Меѓународното биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола е Владо Ѓорески, графички уметник, кустос и ликовен критичар, во соработка со Културно-информативниот центар – Битола.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и од Општина Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

