Култура
Министерството за култура ќе ги преимени „давателите на услуги“ во „носители на дејност“
Министерството за култура одговори на барањата на Синдикатот во културата и се согласи дека со статусот што тие го имаат во постоечкиот закон за култура од 2014 година им е нарушен дигнитетот
„Свесни сме за проблемот што подолг период е присутен во националните установи од областа на културата, а се однесува на донесување систематизации и издавање решенија на вработените во културата според прописите за јавна администрација и измените на Законот за култура од 2014 година. Имено, со овие прописи, уметниците и стручните кадри во културата (конзерватори, кустоси, библиотекари, филмолози…) се стекнаа со статус „даватели на услуги“, од што им произлезе и сличен третман на правата и обврските како за јавните службеници. Уште тогаш ова решение наиде на револт кај вработените во културата, за што ги поддржува и СКРМ и, многу од вработените одбија да примат решенија како „даватели на услуги“, наведуваат во соопштението од Министерството за култура.
Велат дека се подготвени да најдат решение во согласност со законските прописи и предлагаат терминот „даватели на услуги“ да се замени со „носител на дејност“.
„Бидејќи Законот мора да се спроведува, а решенијата за работни места и евиденцијата на вработените во културата треба да се завршат согласно со законските прописи, ние сме подготвени да изнајдеме решение што ќе биде во согласност со законските прописи и ќе го заштити дигнитетот на вработените во културата. Предложивме да се употребува терминот ‘носител на дејност’ наместо ‘давател на услуги’, како времено, техничко решение за издавање на решенијата и нивно евидентирање во електронскиот систем на МИОА. Понатаму, преку измените на прописите за јавна администрација и култура што следуваат, ова прашање ќе се регулира соодветно“, соопштува ресорното министерство.
Што се однесува до систематизациите, МИОА било подготвено да понуди стручна помош на националните установи за изработка на систематизациите, онаму каде што не се направени.
„Во оваа насока, МИОА предложи можно решение – да се направат измени и стручните звања да бидат евидентирани како развојна компонента на едно работно место (на пример, конзерватор – виш конзерватор – советник конзерватор). Со овие насоки, ќе се завршат обврските во установите, а МИОА ќе може да ги евидентира сите вработени во културата кои примаат плати од буџетот на РМ и се дел од јавниот сектор. Проблемот за стручните звања има и фискални импликации, за што ќе треба да се обезбедат и средства преку Министерството за финансии. Откога ќе се завршат претходните активности и ќе се добијат точни податоци за вработените од националните установи, Министерството за култура ќе може да се обрати до Министерството за финансии за надминување на проблемот со стручните звања, кои вработените во културата ги стекнуваат согласно со Законот за култура, но тие сега не се соодветно вреднувани во платите. МИОА предвидува измени во Законот во 2019 година, со што ова прашање ќе се реши трајно во интерес на културните работници“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музеите се огледало на минатото и на нашето културно наследство, порача министерката Костадиновска Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите – 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици“, се вели во честитката.
Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество.
Култура
Лозано, Пајак, Сашко Коцев… денес во Градски парк како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“
Во рамки на кампањата на „Макпетрол“ за спречување на врсничкото насилство, во Градски парк денеска ќе се одржи отворен настан наменет за деца, млади, родители, баби, дедовци…
Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости, ќе бидат дел од програмата на оваа забавна дружба што е дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, а за најмладите ќе има интерактивни содржини и популарни игри.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, вели дека се пресреќни што во текот на нивната општествено одговорна активност добиле многу поддржувачи.
Почнувајќи од децата и младите, од кои добивме впечаток дека им е навистина мило што, конечно, така отворено и толку гласно, се зборува за проблем со којшто тие секојдневно се соочуваат. Секако, тука се и општините, кои ја препознаа вредноста на нашата идеја и активно се вклучија во обезбедувањето услови за учениците да се здобијат со знаења за булингот. Наставниците, стручните служби, како и родителите, исто така, застанаа зад кампањата и помогнаа фокусот на јавноста да се сврти кон врсничкото насилство. За да се реши проблемот со булингот потребна е уште работа и посветеност, но веруваме дека и со позитивната енергија од нашиот настан, ќе придонесеме да се придвижиме во вистинска насока, истакнува Јосифовска-Спасовска.
Како што информира организаторот, на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучиле 24 општини и за сите нив „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство за проблемот со булингот.
Култура
Утре, бесплатен влез во музеите
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, кои може да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени.
Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е урврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ, со седиште во Париз.