Култура
Мојсова-Чепишевска: Македонистиката во Париз се развива со забрзано темпо
Она што се случи во Париз пред 50 години не беше случајност, туку дел од континуирана поврзаност на македонската и француската културна и академска средина. Истражувања и објавени статии на француски филолози за македонскиот јазик датираат од периодот меѓу двете светски војни, пред неговата кодификација. Повеќе од јасно е дека во темелите на овој Лекторат е и еден претходен, исклучително значаен, непрекинат научен интерес за македонскиот јазик во француската филологија. Тоа нè обврзува на заеднички заложби и за денешниот развој на македонистиката во Франција. И по овие 50 години, веќе да мислиме и да работиме заеднички на она што ќе се случува во следните 50. А за тоа неопходно е заеднички да вложуваме во кадри, кои ќе го продолжат развојот на македонистиката на ИНАЛКО.
Меѓу другото, ова го истакна директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, на симпоиумот, кој по повод половина век од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Париз се одржа вчера на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО).
Во своето излагање таа детаљно се осврна и на она што претставува овој Лекторат за врските меѓу македонската и француската културна и академска средина од неговото формирање па наваму и особено за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во Франција. Одделно ги акцентира остварувањата и во првите години по отворањето на Лекторатот, меѓу кои се и Деновите на македонската култура, одржани неколку години по отворањето на Лекторатот и значајните книжевни преводи од македонски на француски јазик остварени во тој период.
„Ова е показ дека многу се остварило веќе во првите години по отворањето на Лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО и дека токму тој Лекторат станува средишна точка на врските меѓу француската и македонската културна и академска средина, но и почетна точка на една нова ера на присуството на македонскиот јазик, литература и култура во Франција. Ама тоа не е така само во тие први години по отворањето на Лекторатот, туку и во децениите потоа“, нагласи Мојсова-Чепишевска по детаљното осврнување на постигнувањата за афирмација на македонистиката во француската средина во периодот по отворањето на Лекторатот.
Во споредба со развојот во други европски академски средини, како што посочи директорката на МСМЈЛК при УКИМ, македонистиката на ИНАЛКО се развива со забрзано темпо. Притоа студиите по македонистика на ИНАЛКО не само што покажуваат континуитет туку насочуваат и кон развој. За присуството на странската македонистика во Европа, особено значајно е што сега на овој Лекторат македонскиот јазик се изучува како главен предмет и што студентите може да се стекнат со дипломи на сите три нивоа, сѐ до докторат. Тука е и првата професорска катедра за македонистика надвор од нашата земја, на која наставата ја изведуваат проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро и сегашниот лектор, м-р Ѓоко Здравески, кој, како што нагласи Мојсова-Чепишевска, чекори по стапките на првиот лектор, проф. д-р Алекса Попоски, и на лекторите што по него се вложуваа во развојот на француската македонистика.
„Работата на овој македонистички центар е еден од вистинските примери како треба да се работи и на кој начин треба да го насочуваат својот развој и други лекторати и странски универзитетски центри на кои се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура“, нагласи Мојсова-Чепишевска и во своето излагање на ИНАЛКО.
Таа се осврна и на влогот на Ацо Шопов за воспоставувањето и развивањето на македонско-француските културни врски на современ план поради што на чествувањето на јубилејот 50 години од Лекторатот по македонски јазик во Париз, одделно внимание се посвети и на делото на овој великан на македонската литература и култура по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Притоа потсети и на значајноста на неговите престои во Париз пред отворањето на Лекторатот, но и на остварувањата во годините потоа.
„Шопов е оној што даде вистински влог во поврзувањето на двете култури – македонската и француската. Треба да имаме предвид и дека по објавувањето на збирката ‘Гледач во пепелта’, кога Шопов е амбасадор во Сенегал (1971-1975) и се среќава со Африка, не само што ја запознава африканската култура туку преку францискиот јазик дава свој влог во франкофонијата… …Не треба да заборавиме и дека во неговата поетска книга ‘Дрво на ридот’, во која ‘Македонија е во светот, а светот во Македонија’, Шопов токму со песната ‘Во еден од центрите на Париз’ ни го остави и аманетот за врските меѓу македонската и француската култура“, посочи Мојсова-Чепишевска.
На симпозиумот по повод 50 години од отворањето на најстариот активен лекторат по македонски јазик на универзитетите во светот – Лекторатот по македонски јазик во Париз, на ИНАЛКО имаше ученици од седум држави: странски македонисти и слависти, универзитетски професори – лингвисти, книжевни истражувачи и културолози, книжевни преведувачи и поети.
Заеднички со почитувачите на македонскиот јазик, литература и култура од Франција, САД/Канада, Шпанија, Полска, Сенегал и Тунис македонските учесници ја испратија пораката дека по оствареното во изминатите педесет години, со јасна цел и визија, вложувањата во македонистиката треба да продолжуваат во годините што следуваат. На симпозиумот, кој е и уште една потврда на добрата соработка меѓу МСМЈЛК при УКИМ и ИНАЛКО, се поттикнаа и заеднички иницијативи и нови проекти за следните години, кои се очекува да бидат значаен придонес во развојот на интересот за македонскиот јазик, литература и култура во француската и воопшто во европската академска и културна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: „Правината се танчи, ама не се кинит“ – нов мурал во Прилеп во рамки на “Цртај на македонски”
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, порача дека младите преку уметноста оддаваат почит кон личностите кои имаат непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја.
− „Цртај на македонски“ со креативни уметнички идеи го заштитува и го промовира македонскиот јазик. Насликан е уште еден мурал преку кој младите уметници оддаваат почит кон личностите со непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека во изминатите три години младите со своите креативни идеи на автентичен начин ги популаризираат македонскиот јазик и нашата уникатна народна мудрост.
Муралот е дел од конкурсот на Министерството за култура, „Цртај на македонски“, а го изработи визуелната уметница Ивана Самандова, во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Муралот, на кој е насликан цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ од македонскиот културен деец, собирач на умотворби и фолклорист Марко Цепенков, е дел од поддржаниот проект на Самандова, „Јазикот коски нема, ама коски кршит“.
– Преку конкурсот „Цртај на македонски“ во изминатите три години ги поттикнавме младите на креативност. Отворивме нови можности за поддршка и презентација на нивниот талент – рече министерката за култура и додаде дека за три години преку овој конкурс се доделени пет милиони денари за реализација на над 60 дела.
„Министерството за култура останува посветено кон младите автори за чие творештво секогаш имаме посебна почит и обврска да го прикажеме на публиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска денеска на промоцијата на новиот мурал на предната фасада на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Култура
„Златен објектив“ за Столе Попов
Кинотеката го одбележува својот роденден, односно датумот кога во „Службен весник“ е објавен Законот за формирање на Кинотеката – на 29 април, во далечната 1974 година.
И, иако Кинотеката формално започнува да работи со полн капацитет и со полна организациска структура дури две години потоа, во 1976 година, кога ги добива своите први канцеларии и депо и започнува да собира архивски материјали, формирајќи ги првите аудиовизуелни збирки и организирајќи ги првите кинотечни филмски проекции – сепак го одбележува како свој роденден 29 април секоја година.
Последниве две децении, по тој повод и околу тој датум – Кинотеката го објавува годишните добитници на сега веќе традиционалното признание „Златен објектив“, кое Кинотеката им го доделува на филмски автори и работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Досегашни добитници на ова признание, досега биле: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.
Оваа година, пак, „Златниот објектив“, по одлука на Управниот одбор на Кинотеката, ќе му биде доделен на Столе Стојан Попов – режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја задолжил националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование:
Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.
Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.
Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА ’49 – се здобиваат и со култен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето…! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет – заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус, и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија…
По повод Денот на Кинотеката – на 29. Април, 2024 година – сите кинотечни печатени и електронски изданија на Кинотеката досега: значајниот број издадени книги од областите на кинотечната и филмска наука, историја и уметност, сите изданија на кинотечното списание КИНОПИС и сите ДВД-изданија на Кинотеката – ќе се продаваат со „роденденски“ попуст од 50%, во просториите на Кинотеката.
Свеченото доделување на „Златниот објектив“ на нашиот голем доајен на филмската уметност – Столе Попов – ќе се одржи кон крајот на мај оваа година, во просториите на Кинотеката.
Култура
УКИМ донесе Одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донесе Одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“. Одлуката, на предлог на Ректорската управа, денеска, во очи на роденденот на овој великан на македонската драма – 27 април, ја донесе Сенатот на УКИМ, по што ќе започне постапката за носење на основачките акти и избор на органите на Фондацијата.
Фондацијата се основа на иницијатива на Факултетот за драмски уметности – Скопје, каде што Стефановски долги години ги предаваше драмските занаети, пред да го продолжи својот животен пат во Велика Британија. Во органите на Фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе партиципира и Драмскиот театар од Скопје, на чија сцена драмите на овој автор ги доживеаја најголемите успеси.
Цели на Фондацијата ќе бидат заштита и негување на оставината на делото на нашиот најголем современ драмски автор Горан Стефановски, како трајна културна вредност, публикување на објавени и необјавени негови трудови, во печатен и електронски формат, подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици, градење на културата – посета на театар и однос кон драмските уметности кај новите генерации, но и проекти за промоција и поттикнување на македонското драмско творештво воопшто.
Фондацијата ќе обезбеди стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности, поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар. Исто така, таа ќе го поттикнува и поддржува неформалното образование за создавање драми, ќе организира едукативни дебати, работилници и семинари, уметнички и научни конференции, како и хуманитарни проекти од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа за поддршка на ранливи категории.
Великанот на македонската драмска уметност, Горан Стефановски, почина пред пет години во Кентбери, Англија, на 66-годишна возраст. Автор е на култните драми: „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“ и многу други. Беше еден од креаторите на популарната ТВ-серија „Бушава азбука“ и на повеќе филмски сценарија. Завршил Филолошки факултет во Скопје – англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград, каде што и магистрирал на тема: „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работеше во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 1986 година ја основал Катедрата за театарска и филмска драматургија и бил професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Добитник е на наградите: „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, „Стериина награда“. Стефановски беше и дописен член на МАНУ.