Култура
Музички маратон „Со љубов за Битола“ и промоција на книгата „Музика“ по повод Денот на ослободувањето на градот
По повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Битола, дел од програмата на општината, беше и музичкиот маратон „Со љубов за Битола“ кој се одржа во Офицерскиот дом во Битола. Настанот го организираа здружението на пијанисти и музички педагози „ПИЈАНО“ Битола, во соработка со Државното музичко училиште и КИЦ Бито.
„Со моќта на музиката, со маратонот – кој е симбол за упорност и издржливост, музичкото училиште кое е еден од брендовите на нашиот град и кое што оваа година одбележува 75 години од своето постоење и со здружението ПИЈАНО кое постои за Битола и јасно го глорифицира епитетот “ Битола, град на клавири “, имавме настан кој долго ќе се памети, а битолчани имаа можност за едно целодневно културно уживање“, објаснуваат Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска од здржението „ПИЈАНО“ од Битола.
Настанот започна со претставување на изведби на млади музички таленти од музичкото училиште, на сите инструменти кои што се изучуваат во училиштето: пијано, виолина, гитара, соло пеење, труба, кларинет, флејта, ударни инструменти, саксофон итн. Учениците изведуваа дела од различни класични композитори во времетраење од 6 часа и со тоа покажаа зошто ова училиште има толку долга традиција и потврден квалитет.
Дел од музичкиот маратон, беше и промоцијата на книгата „Музика“ на битолскиот историчар и хроничар, професор Александар Стерјовски. Во оваа книга која брои 360 страни, се опфатени Балканскиот полифоничен амбиент, традиционалните и европски инструменти, битолски инструменталисти, битолскиот музички амбиент, хорови, оркестри, концерти, гостувања, почеток и работа на основното музичко училиште во Битола и друго. Ова е осма книга по ред од серијалот “Битолско десеткнижие“. Книгата, концепциски совршено се вклопи во целиот настан “СО ЉУБОВ ЗА БИТОЛА” бидејќи не само што е посветена на Битола, туку таа е направена намерно и смислено, најмногу со желба да се даде прилог кон одбележувањето на големиот јубилеј на Музичкото училиште “75 години од основањето”.
“… Во отсуство на монографија или посериозен научен труд за него, нека оваа книга биде честитка и топла благопожелба да продолжи со помали проблеми во работата, со истиот елан и со уште поголеми успеси….” – запиша за да не се заборави нашиот реномиран битолски професор Александар Стерјовски.
При промоцијата на книгата медијатор беше директорот на Државното музичко училиште Кирил Стојчевски, извадоци читаше актерот Петар Мирчевски, а промотор на книгата беше битолчанецот, професор Сашо Татарчевски, реномиран диригент и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.