Култура
Награда за „Кајмак“ на Манчевски во Калифорнија, ќе се прикажува и во Австралија
„Кајмак“ на македонскиот најтрофеен режисер Милчо Манчевски ја освои наградата за најдобар филм на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија, САД, каде што ја имаше и американската премиера. „Синеквест“, чие 33-то издание заврши синоќа, е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни уметнички дела.
Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силициумската Долина. Ова е втора награда за три дена за „Кајмак“ откако претходно освои специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмските критичари од Европа и Медитеранот) на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора.
„Две награди за три дена. Не е лошо за филм што нашата Агенција за филм го блокира, забранува и одбива да го исплати“, изјави режисерот Манчевски.
Светскиот продажен агент „Левел К“ од Копенхаген го пласира „Кајмак“ и во Австралија, каде што набргу ќе почне прикажувањето. Инаку, „Кајмак“ е еден од македонските филмови, кои имаат најширок пласман во светот, продаден е за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.
Овој месец „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште три фестивали: i-Fest во Калабрија, Италија, каде што ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, „Балкан панорама“ во Измир, Турција, и Avant&Una во Бихаќ, Босна и Херцеговина, а фестивалскиот живот ќе го продолжи и во текот на есента.
„Кајмак“, кој е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и многубројни написи во локалните медиуми. Филмот ја освои и специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. Филмот во јуни ја имаше и данската премиера во Копенхаген.
„Кајмак“ лани беше најгледан филм во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Стрип-маратон од 24 часа: регионот повторно црта без пауза, годинава во живо и од Скопје
Во тек е пријавувањето за 14. регионална манифестација „24-часовно цртање на стрипови“, отворена за стрип автори од регионот.
Томе Трајков, стрип промотер од Велес известува дека тоа може да оствари преку линкот https://www.24satnocrtanjestripa.com/ кадешто може да се најдат и повеќе информации . Тој уште еднаш го изразува задоволството што стрип соработниците и пријатели од Хрватска уште од 2023 бргу ја прифатиле неговата иницијатива за мобилизирање на македонските стрип автори.
Манифестацијата ќе започне на 29 ноември од 12 часот и ќе трае 24 часа ( до 30 ноември во 12 ч). Учесниците ќе цртаат во живо од определени пунктови во градовите: Подгорица, Госпиќ, Херцег Нови, Сомбор, Љубљана, Осиек, Риека, Сплит, Загреб, а од ова година цртање во живо ќе се спроведе и во Скопје. Овозможено е и цртање од дома и објавување на онлајн-платформата на линкот нешто што веќе е пракса стрип цртачите од повеќе градови на Македонија.
Организацијата на настанот е спонтана. На светско ниво истата ја создава реномираниот стрип теоретичар Скот Мек Клоуд, а во регионот авторот Дарко Мацан на Академијата во Загреб. Оваа акција низ годините бргу се проширува. Уште една специфика е што оваа регионална иницијатива е сосема независна од светската акција, којашто се организира во октомври –завршува Трајков.
Култура
Сиљановска-Давкова: Творештвото на Чемерски заслужува темелно да се истражи, документира и претстави
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими сопругата и ќерката на уметникот Глигор Чемерски, придружени од кураторот д-р Кирил Пенушлиски.
Членовите на неговото семејство изразија загриженост за состојбата во којашто се наоѓаат делата на великанот Чемерски и ја потенцираа потребата од нивна реставрација и презервација, по примерот на успешно обновениот Споменик на слободата во Кочани.
Претседателката сподели искрена желба да придонесе во заштитата на делата на Чемерски, укажувајќи дека некои од нив ја красат свечената сала и претседателскиот кабинет.
Таа го поддржува проектот „Топла земја: Монументалното творештво на Глигор Чемерски“, којшто цели темелно да го истражи, документира и претстави неговото творештво, со фокус на мозаиците, фреските и големите композиции што го обликуваат македонскиот визуелен идентитет.
Култура
Премиера на филмот „Утре наутро“ на Јани Бојаџи на 19 ноември
Филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи премиерно ќе биде прикажан на 19 ноември во Синеплекс. Сценариото и режија се на Јани Бојаџи, продуцент: Јани Бојаџи, извршен продуцент: Дејан Милошевски, директор на фотографија: Дарио Секуловски, монтажер: Давид Дулев, продукциски дизајнер: Јани Бојаџи, сценограф: Гоце Попов, костимограф: Зорка Тодорова, шминкер: Ирена Сенокозлиовска, композитор: Јани Бојаџи.
-„Утре наутро“ е политичка драма во кој ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние. Мене живо ме интересира кои се луѓето кои ги носат одлуките со кои ние се носиме, оној висок општествен круг луѓе. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носта најесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени, вели Јани Бојаџи.
Според него филмот се темели на актери, на актерската игра и смета дека центар на филмот е актерот и неговата човечност.
Во главните улоги сe: Нина Деан и Ирена Илиевска, а останатите улоги ги толкуваат: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска.
-Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и да се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно, вели Бојаџи.
По премиерата, од 20 ноември, ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија и веќе се закажани проекции во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка.

