Култура
Наместо проекти од културата, СДС финансира партиски интереси и организации, велат од Левицата
Конкурсот на Министерството за култура за финансирање на проекти од национален интерес за 2024 година повторно со контроверзии ги разбранува културните работници и независната културна сцена, а големо е незадоволството и на институционалната култура, реагираат од Левицата.
„Оваа година за финансирање на културата во државата се издвоени вкупно 867 милиони и 600 илјади денари или поточно 14 милиони евра. Иако министерката Бисера Костадиновска Стојчевска се пофали дека се поддржани проекти кои нудат иновативност и креативност, можеме да констатираме дека со години, па и оваа 2024 година, „креативниот блесок“ нема да го видиме.
Ако гледаме низ бројки како се распоредени финансиските средства во културата и во нејзините сектори „најдобро“ стои музичко – сценската дејност, со вкупна поддршка од 114.370.890 денари дадени на националните установи и другите корисници, но сепак со ваквиот буџет изостанува развојниот елемент на овој сектор.
Заштитата на културното наследство се финансира со 93.581.029 денари или со 1.500.000 евра, што е смешна и апсурдна сума доколку зборуваме за сериозни интервенции во заштитата. Со вака минимални вложувања во заштитата на спомениците на културата тие остануваат распаднати и пропаѓаат. Културната препознатливост на државата, културното наследство со кое се препознаваме и е наш код и идентитет, веќе знаеме дека не е приоритет на Министерството за култура“, истакнуваат од оваа партија.
Недозволиво е, додаваат од Левица едно археолошко истражување, кое треба да биде приоритет на државата, да биде финансирано со 150.000 или 200.000 денари, додека проекти кои немаат речиси никаков импакт да бидат финансиран со 800.000 денари.
„Од програмата се гледа дека институционалната култура е оставена да пропаѓа со доделување финансиски средства за проекти во вредност колку еден фестивал на некоја невладина организација.
Уште долги години не може да зборуваме за вистинска деметрополизација на културата, кога речиси 80% од финансираните проекти се реализираат во Скопје. Програмата треба да поттикнува подеднаков развој на културата, а тоа со оваа програма не го гледаме.
Во програмата треба да се даде предност и на лица кои работат во секторот, а кои не се вработени во државни институции и да се стимулираат проекти и програми со кои ќе биде финансиран нивниот прв дебитантски настап во театарот, музиката или ликовните уметности, што во оваа програма не е случај.
Ако културата припаѓа на културните работници, тогаш се поставува прашањето зошто од програмата за култура се финансираат општини и образовни институции, како и други правни субјекти кои се анонимуси во фелата и профитери во културата?“, прашуваат од Левица.
Разултатите од конкурсот според нив, покажуваат дека СДС нема претстава кое е значењето на културата во општеството.
Тие, како што оценуваат од Левицата, се последица на политичко одлучување како дискреционото право на министерот за култура, а во случајов веројатно и на претседателот на коалиционииот партнер ДУИ. „Конечно, СДС/ДУИ како и за сé досега, се тотално незинтересирани за културата, освен за финансирање на своите партиски интереси, проектчиња и организациите блиски до нив“, се потенцира во реакцијата на оваа партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

